Деновиве во Лондон се одржа протестен собир за судбината на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж. Присутни беа Асанж, Челзи Менинг и Едвард Сноуден, за жал, само како скулптури на уметникот Давиде Домино.
Тројцата качени на столчиња како за на бесилка, со празно четврто столче, јасно, за следниот свиркач.
На празното столче се качи Мат Таиби и го одржа следниот говор:
„Имам нешто да ви признаам. Еднаш, како и многу други новинари, не го сакав Џулијан Асанж. Не беше само тоа што Викиликс пукаше јаки приказни една по друга. Човекот имаше прекрасна коса, носеше тесни фармерки, дури беше и манекен на модна недела!
Што да ви кажам? Бев љубоморен. Во Лондон сме, па можам да го цитирам Шекспир, нели?
„Пазете се од чудовиштето со зелени очи, кое го исмева месото од кое се храни“.
Тоа чудовиште, љубомората, го пореметува размислувањето. Моето беше такво. Немав причина да не го сакам Асанж. Затоа измислив една. Решив дека не ми се допаѓа концептот на „радикална транспарентност“. Си помислив: „Не можете да ѝ ги дадете сите тие тајни на јавноста. Тоа е неодговорно!“
Ми беше испран мозокот па заборавив, како и многу други луѓе, дека тие информации не им припаѓаат на властите туку нам. Владите владеат со наша согласност. Ако сакаат да чуваат тајни, мора да имаат наша дозвола за тоа. И никогаш немаат право да ги чуваат злосторствата во тајност.
Јас сум Американец. Многумина од вас се од Обединетото Кралство. Во нашите земји, градиме облакодери и огромни комплекси за да ги складираме нашите тајни, бидејќи немаме простор за сите. Зошто имаме толку многу тајни?
Џулијан Асанж ни кажа зошто. Кога власта станува авторитарна, тоа инспирира отпор. Мора да се развијат техники за да се одбие тој отпор. Тие техники мора да се скријат.
Накратко: колку полоша е една земја, толку повеќе тајни има. Денес ние имаме многу тајни.
Џулијан Асанж стануваше познат како што создававме огромна држава-во-држава, систем на тајни затвори, вонредни мерки, масовен надзор и атентати со дронови. За многу од овие работи знаеме само поради Викиликс. Наводно, сета оваа тајност била неопходна за борба против странскиот тероризам.
Брутална иронија е што сега архитектите на тој систем веќе не чувствуваат потреба да ги кријат своите валкани тактики. Мојата држава, отворено, сака да го стави овој човек во затвор на 175 години, најмногу поради прекршување на Законот за шпионажа. Тоа вклучува криминали како „заговор за добивање информации за национална одбрана“ или „добивање информации за националната одбрана“.
Што се „информации за националната одбрана? Одговорот на ова прашање е она што го прави тој закон толку опасен. Тоа е сè што ќе кажат тие. Тоа е каква било информација што не сакаат да се знае. Не мора ни да биде класифицирана.
Што е заговор за да се добијат такви информации? Имаме збор за тоа. Се вика новинарство. Мојата држава сака да го стави Џулијан Асанж во затвор на 175 години затоа што се занимавал со новинарство. Владата на оваа земја, Обединетото Кралство, ќе дозволи тоа да се случи.
Ако ова му се правеше на Андреј Сахаров или на Нелсон Мандела, секоја организација за човекови права во светов ќе го осудеше тоа со праведнички гнев. Секое НВО ќе се редеше да даде поддршка. Секој новинар ќе пишуваше едиторијали барајќи негово ослободување. Но, бидејќи нашите влади го прават тоа, добиваме тишина.
Ако сте во ОК со тоа што му се случува на еден Џулијан Асанж, подгответе се да бидете ОК тоа да им се случи и на многу други. Затоа овој момент е толку важен.
Доколку Асанж биде успешно екстрадиран и осуден, ќе бидат потребни околу десет минути за да се случи следниот таков случај. Од тогаш, ова ќе стане вообичаена појава. Нема да има демонстрации во парковите, ќе нема вести, тоа ќе стане нормален дел од нашите животи.
Не дозволувајте тоа да се случи.
Ослободете го Џулијан Асанж“.