ЕУ формира своја ЦИА

Откако неспремна навлезе во нова Студена војна, ЕУ планира да формира сопствена централна разузнавачка агенција. Но, малку е веројатно дека сомничавите Французи или Германци ќе се согласат да споделуваат шпиони и чувствителни информации со Центарот во Брисел, кој би бил под директно раководство на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Единицата на ЕУ за шпионирање ќе биде во рамките на Генералниот секретаријат на Европската комисија, надгледуван од претседателката Фон дер Лајен. Ќе ангажира агенти и аналитичари од разузнавачката заедница на членките и ќе собира информации за заеднички критични закани.

Шпионските служби на земјите-членки на ЕУ знаат многу. Комисијата знае многу. Ни треба подобар начин да го составиме сето тоа во целина и да бидеме ефикасни и корисни за партнерите. Во разузнавањето, треба да дадете нешто за да добиете нешто, изјавил за Фајненшл тајмс анонимен функционер запознаен со иницијативата.

Споделувањето разузнавачки информации на ЕУ датира од терористичките напади врз САД на 11 септември 2001 година, кои ги поттикнаа шпионските агенции на Франција, Германија, Италија, Холандија, Шпанија, Шведска и Британија да почнат да собираат доверливи безбедносни проценки. Тоа подоцна доби институциска рамка, се прошири за да вклучи и други земји-членки, а во 2011 година беше ставено под дипломатска служба на ЕУ. Главно разузнавачко тело на ЕУ сега е Центарот за разузнавање и ситуации (Intcen).

Но, овој центар се покажа како неефикасен за да одговори на ситуација кога се развива нова Студена војна. Брисел го проширува судирот со Русија со речиси секојдневни обвинувања за нарушувања на воздушниот простор и саботажи. Претседателот Доналд Трамп почна да ги повлекува американските капацитети од Европа, а пред неколку месеци привремено ја запре разузнавачката поддршка за Украина.

Отстапувањето разузнавачки информации долго време е деликатна тема за земјите-членки. Големите држави како Франција, која има разгранети шпионски капацитети, традиционално се претпазливи во споделувањето чувствителни информации со партнерите. Изворите на ФТ очекуваат дека и други влади ќе се спротивстават на идејата да му префрлат на Брисел дел од своите шпионски овластувања.

Првичните дискусии укажуваат дека Комисијата нема да испраќа агенти на терен, но Агенцијата се уште е концепт во развој и нема временска рамка за нејзиното основање.

11 ноември 2025 - 10:26