Многумина ЕУ стомакозборци беа незгодно изненадени од Жозеп Борел и неговиот колонијален речник од 19-иот век, кога ЕУ ја спореди со градина а она што е надвор од неа со џунгла, па дека градинарите имаат обврска да ја чуваат градината, за да не дојдат оние од џунглата... (Види Ванковска: Градинарот цвеќето го расне).
Дури и Њујорк Тајмс, кој е љубител на ЕУ федерализмот, забележа дека неговите груби коментари упатуваат на подлабоки проблеми во унијата.
„Забелешките на Борел ги засрамија адвокатите на ЕУ, не толку затоа што тие не се согласуваат со него, туку затоа што тој си дозволи „да му се лизне“ и да ги направи експлицитни империјалните амбиции на ЕУ,“ пишува Френк Фуреди.
Тој вели дека секому кој ги следи европските политики му е јасно дека чудесната градина на ЕУ не е „Европа“ па дури ни членките на ЕУ - за таквите како Борел џунгла се и поновите членки, оние од источна и централна Европа.
Уште од завршувањето на Студената војна, ЕУ почна едно „империјално зјапање“ кон земјите од централна и источна Европа, како што рече унгарскиот политички теоретичар Мартон Бекеш во неговиот есеј „Ние домородците“.
Олигархијата на ЕУ и нејзините поддржувачи отсекогаш ги гледале поранешните делови од Советскиот блок како културно и морално назадни, во постојана потреба од патерналистички интервенции од Брисел (што кафеавите сахиби како Заев и сами го нагласувале повтејќи по „европски камшик“).
Институциите на ЕУ и западните дипломати секогаш пробувале да им наметнат технократски и разбудени вредности на нивните морално инфериорни соседи.
Иан Клинке упатува на бројни студии кои ги покажуваат неоколонијалистичките тонови во процесот на проширувањето на ЕУ кон исток, идеолошки маскирани во термини како „европеизација“, „модернизација“, „либерализација“ на просторот кој се доживува како политички инфериорен.
Една од алатките кои ЕУ ги користи за да ги наметне своите вредности, како што забележува Клинке, е програмата Жан Моне. Лансирана во 1990 година за да ја промовира европската интеграција во академските институции, таа често ја замаглува границата меѓу објективното истражување и политичката адвокатура.
Една од метите кои треба да биде неутрализирана е влијанието на традицијата во интелектуалниот и културен живот на Источна Европа. Врамувајќи ги аспирантите за членство во ЕУ како „слаби и традиционалистички“, програмата го зајакнува империјалистичкиот наратив на ЕУ контра „домородците“.
„Непријателството на ЕУ кон традиционалните вредности на општествата од источна Европа се одржува со „космополитски“ поглед кој ги смета националниот суверенитет, патриотизмот, религијата и семејството за застарени и заостанати. Од гледна точка на бриселската олигархија, овие вредности немаат место во нивната прекрасна градина - тие припаѓаат на џунглата. Домородците кои живеат во Источна Европа треба да бидат цивилизирани“, пишува Фуреди.
Метафората на Жозеп Борел е перфектен дестилат на неоколонијалистичките амбиции на ЕУ на кои мора да им се пружи отпор, вели професорот по социологија на Универзитетот во Кент.