Aктуелните тензии меѓу САД и Русија во однос на Украина одат назад кон серијата пропусти на НАТО после распадот на Советскиот Сојуз во 1989/91 година. На руска страна, постои широко распространета перцепција дека биле превеслани од САД и НАТО кои го прекршиле „џентлменскиот договор“ за основните прашања.
Додека САД се вадат дека никогаш не му давале гаранции на Горбачов дека НАТО нема да се проширува кон исток, декласифицираните документи го докажуваат спротивното (види Шпигл). Но, дури и да нема декласифицирани документи или современи изјави на политичките лидери во 1989/91 година, вклучително државниот секретар Џејмс Бејкер и германскиот министер за надворешни работи Ханс-Дитрих Геншер, очигледно e дека ширењето на НАТО кон исток во изминатите 30 години, таму се доживува како отворена рана.
Ние на Запад глумиме невини, дека гаранциите не се запишани во камен. Реалната политика сепак ни кажува дека ако едната страна го прекрши зборот или ја превесла другата страна, тоа ќе има политички последици.
Меѓутоа, се чини дека ние на Запад толку се навикнавме на она што јас би го нарекол „култура на мамење“, што биваме изненадени кога друга земја едноставно не се помирува со тоа дека сме ги изневериле па веруваме дека и покрај кршењето на довербата, тие треба да ја прифатат „новата нормала“ и да продолжат „бизнис ес јужал“, како ништо да не се случило.
Нашите лидери само повторуваат дека имаат чиста совест и одбиваат да го земат предвид фактот дека другата страна се чувствува непријатно што така сме ја извозеле. Рационална личност, државник, би се обидел да го смири „недоразбирањето“. Сепак, американската култура на мамење толку стана наша втора природа, што дури и не ја забележуваме кога мамиме.
Ние самобендисано го бараме правото да ги мамиме другите, но другите не можат да не измамат нас. Quod licet Iovi non licet bovi (Она што му е дозволено на Јупитер, не му е дозволено на волот). Организираме операции под лажни знамиња а ја обвинуваме другата страна за истото. ЦИА и М15 беа фатени на дело во толку многу прилики - а сепак никој не се прашува дали на долг рок, таквото однесување не го убива нашиот кредибилитет.
Културата на мамење ние ја издигнавме на еден вид доблест – еквивалентна на лукавство, храброст и смелост. Се смета за позитивно кога лидерот ќе го надитри ривалот. Играта е да се освојат поени во постојан натпревар во кој нема правила. Нашите геополитички конкуренти се токму тоа – ривали – и немаме никаков интерес за зближување со противниците. Соработката некако се доживува како „слаба“, како „неамериканска“. „Валканите трикови“ не се сметаат за нечесни, туку за паметни, дури и патриотски, затоа што во наш интерес.
Американската влада ја практикува оваа култура на мамење во своите меѓународни односи повеќе од двесте години, уште од договарањето со домородните луѓе кои постојано беа лажени и чии земји и ресурси беа бесрамно украдени.
Еден од елементите што тотално недостасува во дебатата за Украина е правото на самоопределување на народите. Несомнено, Русите во Украина не се само малцинство, туку претставуваат „народ“ - и како такви, Русите во Доњецк, Луганск и Крим имаат право на самоопределување, содржано во Повелбата на ОН и во член 1 заеднички за Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (МПГПП) и пактот за економски, социјални и културни права.
Сè до антирускиот државен удар од февруари 2014 година, Украинците и Русите од Украина живееја во релативна хармонија. Мајдан со себе донесе русофобни елементи кои оттогаш беа засилени со систематска воена пропаганда и поттикнување омраза, и двете забранети со член 20 од МПГПП.
Оттука, не е сигурно дали Русите во Донбас се чувствуваат доволно безбедни за да сакаат да продолжат да живеат со Украинците кои биле и се поттикнуваат на омраза против нив. Во март и јуни 1994 година, како претставник на Генералниот секретар на ОН ги следев парламентарните и претседателските избори во Украина. Патував низ земјата. Без сомнение, моите руски соговорници имаа длабоко чувство за руски идентитет.
Денеска во Украина немаше да има конфликт доколку Барак Обама, Викторија Нуланд и неколку европски лидери не ја дестабилизираа демократски избраната влада на Виктор Јанукович и не организираа вулгарен државен удар за да инсталираат западни марионети.
Повелбата на ОН, единствениот постоечки „меѓународен поредок заснован на правила“, ги има потребните механизми за решавање на нашите разлики врз основ на принципите на суверена еднаквост на државите и самоопределување на народите.
Алфред де Зајас,
професор на Женевската дипломатска школа и независен експерт на ОН за меѓународна политика.