Долгоочекуваната украинска контраофанзива не го постигна пробивањето што ќе му дадеше на Киев силна позиција за преговарање. Немирите на Блискиот Исток доминираат во медиумите, поддршката за Украина во САД е нарушена од поларизацијата и нефункционалноста во Конгресот, а да не ја споменувам про-Путин наклонетоста на водечкиот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп.
Путин има причина да верува дека времето е на негова страна. На фронтот, нема индикации дека Русија губи во она што се претвори во војна на трошење. Руската економија претрпе удари, но се држи. Власта на Путин, парадоксално, се засили по неуспешниот бунт на Пригожин во јуни. Јавната поддршка за војната останува силна, а поддршката што Путин ја има од елитите не попушта.
Ветувањето на западните функционери за засилување на сопствените одбранбени индустрии наиде на бирократски пречки и проблеми со снабдување. Во меѓувреме, санкциите и контролата на извоз далеку помалку ја попречија војната на Путин од тоа што се очекуваше. Руските одбранбени фабрики го зголемуваат своето производство, старите советски фабрики имаат подобри резултати од западните фабрики кога се во прашање многу потребните производи како артилериски гранати.
Технократите одговорни за управување со руската економија се покажаа дека се издржливи, снаодливи и прилагодливи. Зголемените цени на нафтата, поддржани од блиската соработка со Саудиска Арабија, ги полнат државните куфери. Украина, наспроти тоа, сериозно зависи од приливот на западни пари.
Путин исто така со задоволство може да гледа и на своите резултати во надворешната политика. Неговите инвестиции во клучни врски се исплатеа. Кина и Индија дадоа важна поддршка за руската економија, зголемувајќи го увозот на руска нафта и други производи. Наместо да е загрижен за изгубените пазари во Западна Европа или неподготвеноста на Пекинг да ги отфрли западните санкции против Русија, Путин одлучи дека е многу покорисно на краток рок едноставно да стане помалиот партнер на Кина во економскиот свет. На производи од Кина отпаѓа речиси 50% од рускиот увоз, а најголемите руски енергетски компании сега се зависни од продавање на Кина.
Дури и соседните држави кои имаат легитимна причина да се плашат од агресивната тактика на Путин, како Ерменија, Грузија, Казахстан и Киргистан, направија огромни профити дозволувајќи заобиколување на санкциите и како транзитни точки за производи кои Русија порано директно ги увезуваше.
И покрај обвинението против Путин од Меѓународниот кривичен суд и изобилието докази за воени злосторства во Украина извршени од Русија, тој и понатаму е прифатен во најразлични делови од „глобалниот југ“. Украинската војна има многу мало значење за голем број држави кои се гневни кон она што тие го сметаат за двојни стандарди од САД или ЕУ или одбивањето од истите да се ангажираат за проблеми што ним им се важни.
Ништо од ова не е треба да е изненадување. Повеќе од шест месеци пред целосната инвазија на Украина во февруари 2022, Путин ја потпиша новата Национална безбедносна стратегија на Русија. Главната поента на документот беше земјата да се подготви за долгорочна конфронтација со западот. Денес Путин може да му каже на својот народ дека таа стратегија функционира.
Путин не чувствува никаков притисок да стави крај на војната или да се загрижи околу својата способност за истата да ја одржи на долг рок. Како што се приближува зимата руската армија започна сопствена мини офанзива и сигурно ќе ги прошири нападите со дронови и ракети на украинските градови, електрани, индустрија и друга критична инфраструктура. Во најмала рака, Путин очекува дека американската и европската поддршка за Украина ќе почне да се распаѓа, дека Украинците ќе се уморат од бескрајниот терор и уништување што ти претрпуваат, и дека комбинацијата на овие две работи ќе му овозможи да ги одреди условите за ставање крај на војната и да прогласи победа. Од негова перспектива, идеалниот човек за составување таков договор е Доналд Трамп, ако тој се врати во Белата куќа во јануари 2025.
Рускиот лидер е подготвен да искористи сè што му стои на располагање за да ја добие војната во Украина. Контролата на нуклеарното оружје и безбедноста на Европа сега се заложник на руското инсистирање Западот да ја прекине поддршката за Украина. Она што остана од рамката за контрола на вооружувањето поставена по Студената војна целосно ќе го снема до 2026, а веќе има растечки ризик од непредвидлива тристрана нуклеарна трка меѓу САД, Русија и Кина. Путин ќе го искористи секое глобално и регионално прашање - без разлика дали е тоа Израел-Газа, обезбедување храна или климатски промени - како би добил предност во војната против Украина и Западот.
Сето ова заедно, ваквиот збир на настани преставува до сега невиден предизвик за западните лидери. Вашингтон и неговите сојузници беа крајно ефикасни во справување со најитните аспекти на овој проблем: го спречија колапсот на Украина, продолжија да ја снабдуваат со напредно оружје и разузнавачки информации, воведоа разорувачки санкции против Русија.
Но сега е време за транзиција во долгорочна стратегија која го зголемува и одржува притисокот врз режимот во Кремљ. Не треба да има илузии дека која било комбинација на краткорочни потези ќе биде доволна за да се присили Путин да се откаже од војната.
Тоа што западните лидери не го направија очигледно е да бидат искрени со својата јавност околу трајната природа на заканата од осилената, ревизионистичка Русија. Тие премногу често се потпираа на магичното размислување - кладејќи се на санкциите, успешната украинска контраофанзива или снабдувањето со нови типови на оружје, дека Кремљ ќе биде присилен да седне на преговарачка маса. Или се надеваат дека Путин ќе биде соборен во дворски пуч.
За време на Студената војна, американските експерти за надворешна политика не се надеваа на изненадна промена на расположението во Кремљ или дека советскиот систем ќе колабира преку ноќ. Наместо тоа, тие својата верба ја ставија во долгорочна визија на спротивставување на опасниот режим и правење на неопходни инвестиции во националната безбедност и воените капацитети на нашата алијанса.
Денешна политика на задржување би значела Западот да ги продолжи санкциите, изолирајќи ја Русија дипломатски, спречувајќи го Кремљ да се меша во нашите домашни работи, и засилување на одбранбените капацитети на НАТО, вклучително и американско-европско инвестирање во нашата одбранбена индустрија. Тоа исто така би значело и покривање на целата штета - дипломатска, информациска, воена и економска - предизвикана од војната на Путин.
Тоа не значи дека одново треба да ја започнуваме Студената војна. Влегувањето во глобален натпревар со Кремљ не би била паметна инвестиција на американскиот престиж или ресурси. Тоа би не врзало во бесцелна игра на гасење пожари против ако воопшто постои манифестација на руско влијание. Русија на Путин има многу малку од цврстата сила или идеолошката привлечноста која го направи Советскиот сојуз толку влијателен во различни делови од светот.
Плус, денешните околност се длабоко различни од советската закана. Европа не е разрушената пустелија од Втората светска војна. НАТО прими два нови членови, Финска и Шведска. Путин е сведен на тропање на вратата на места како Пекинг, Техеран и Пјонгјанг. Корелацијата на силите е одлучно свртена против Русија.
Најважно, наспроти сите предвидувања, Украина го издржа рускиот јуриш. За помалку од две години украинската армија уништи цела деценија модернизирање на руската армија. Одржувањето на Украина во војна и снабдувањето со оружје и муниција, како што претседателот Бајден вети во својот говор од 19 октомври, не е милост туку најитна, и најисплатлива, западна стратегија.
Ништо помалку важно не е помагањето на Украина да навигира кон своето правично место во Европа. Ниту една пост-комунистичка држава во Европа не го минала она што Украина сега го минува. Реконструкцијата на земјата ќе биде генерациски подвиг, не само за нејзиниот народ, туку и за голем број пријатели, партнери и сојузници.
Одржувањето на поврзаноста и одлучноста на западните сојузници ќе биде клучна за лидерите на двете страни од Атлантикот. Кремљ одамна ја има совладано вештината за предизвикување раздор меѓу САД и неговите сојузници. За жал, веројатноста за евентуалното заминување на Путин веќе започна одредени разговори околу новото стратешко отворање кон Русија кое некако би можело да ја извади Москва од кинеските прегратки.
Меѓутоа би требало да бидеме екстремно претпазливи околу предвремено давање шанса на кое било ново раководство во Кремљ. На поранешниот претседател Реган му требаше многу убедување пред да почувствува дека Михаил Горбачов е поразличен од својот советски претходник. Предизвикот сега е далеку потежок, имајќи предвид дека кој и да го замени Путин ќе треба да заврши војна и да почне со Киев вистински, сериозни преговори.
САД и неговите сојузници треба да бидат јасни околу долгорочната природа на овој подвиг. Крајот на војната, кога и да се случи, е малку веројатно дека ќе ја стиши конфронтацијата меѓу Русија и остатокот од Европа. Украинците и нивните пријатели правилно ќе сакаат да видат подем на просперитетна и независна Украина, која е безбедна и целосно интегрирана во политичкиот и економскиот живот на континентот. Путин и неговите наследници тоа ќе го сметаат за врвниот пораз на Русија. Тие ќе направат сè што можат за да го спречат.