Војната што Путин ја добива

Без разлика кој индикатор го користиш, рускиот претседател Владимир Путин победува на енергетските пазари. Москва заработува стотици милиони долари секој ден за да ја финансира инвазијата на Украина и да ја купи домашната поддршка за војната, пишува Хавиер Биас во текстот за Блумберг.

Кога ЕУ санкциите на руска нафта ќе почнат да важат од ноември, владите во регионот ќе бидат пред некои тешки избори како што енергетската криза ќе почне да ги зафаќа потрошувачите и компаниите.

Трошокот за струја за некои домови и фирми од октомври треба да порасне, како што скокот на приходите од нафта ќе му дозволи на Путин да жртвува дел приходите од гас и да го секне снабдувањето за Европа. Британските цени најверојатно ќе пораснат за 75%, додека во Германија одредени јавни сервиси веќе најавија поскапување на цените за над 100%. Русија успешно го претвори во оружје снабдувањето со енергија; западните влади ќе бидат под растечки притисок да потрошат милијарди преку субвенционирање на сметките за домаќинства, или како во случајот со Франција, со преземање на контролата врз енергетските компании.

Првиот индикатор што покажува како Путин ја сврте нафтената осека е руското производство на нафта. Минатиот месец производството на Русија се крена на пред-воени нивоа, со просек од 10,8 милиони барели на ден, маргинално помалку од 11-те милиони што се пумпаа во јануари пред инвазијата на Украина. Врз основа на процени од индустријата производството на нафта месецов е нешто поголемо.

И ова не е случајност: јули беше третиот месец по ред на заздравување на производството на нафта, со производ значително поголем од годинешното дно од 10 милиони барели поставено во април, кога европските купувачи ја блокираа Русија, а Москва се потруди да најде нови купувачи.

По почетните маки, Русија најде нови потрошувачи за милиони барели дневно кои европските рафинерии престанаа да ги купуваат заради себе-санкционирање. Најголем дел од оваа сирова нафта заврши во Азија - главно Индија - но исто така и во Турција и на други места на Средниот Исток. А нешто од нејзе се уште се појавува во Европа, бидејќи производителите се уште купуваат руска сирова нафта пред планираното воведување на официјални санкции на почетокот од ноември. Сите кои се кладеа дека руското производство на нафта ќе продолжи да паѓа - вклучително и јас - згрешија.

Вториот индикатор е цената на руската нафта. Првично Москва беше присилена да ги продава различните видови сирова нафта со огромен попуст за да привлече купувачи. Последниве недели Кремљ успеа да ја врати својата ценовна моќ искористувајќи ја кризата на пазарот.

ЕСПО сировата нафта, категорија на руска нафта од Далечниот исток, е добар пример за новиот тренд. На најниското ниво на почетокот од годинава, таа се продаваше со попуст од 20% по барел во однос на сировата нафта од Дубаи, регионален бенчмарк за Азија. Неодамна, ЕСПО сировата нафта, ја смени позицијата во однос на Дубаи. Урал сировата нафта, водечкиот руски производ во Европа, немаше толкав успех како ЕСПО, бидејќи негови клучни купувачи традиционално се држави како Германија, а не Индија. Меѓутоа и цената на Уралот почна да закрепнува и се продава за 20 до 25 долари поевтино од Брент бенчмаркот, откако во април се продаваше со попуст од речиси 35 долари.

Москва наоѓа нови трговци, кој најчесто оперираат од Блискиот Исток и Азија и веројатно се финансирани со руски пари, волни да ја купат нивната сирова нафта и да ја испорачаат на гладните пазари. Како што Брент сировата нафта се приближува на 100 долари за барел, а Русија се врати во позиција да понуди помали попусти, така сега има многу пари што одат во правец на Кремљ. За сега барем, енергетските санкции не функционираат.

Последниот индикатор за рускиот успех е политички, а не пазарен. Во март и април, западните политичари беа оптимистични дека ОПЕК картелот, предводен од Саудијците и Емиратите, ќе го раскине своето сојузништво со Русија. Се случи спротивното.

И покрај посетата на Џо Бајден на Ријад, Путин го задржа своето влијание во ОПЕК алијансата. Кратко откако Бајден си замина од Саудиска Арабија, заменик премиерот Александер Новак, рускиот човек за односи со ОПЕК, пристигна во кралството. Неколку дена подоцна ОПЕК+ објави минимално зголемување на производството што го остави притисокот врз глобалните енергетски пазари.

Победата на нафтениот пазар значи дека Путин може да си дозволи да се откаже од приходите од гас заради намалување на снабдувањето на Европа, и со тоа да изврши притисок врз Берлин, Париз и Лондон, кои се подготвуваат за масивно поскапување на продажната цена на енергијата и потенцијален недостаток кој зимава може да доведе до рестрикции. Москва заработува толку многу пари од продажба на нафта што може да си дозволи да им ја секне нафтата и на Источноевропските нации, како што тоа го направи пред некој ден.

Комбинација од студено време, растечка побарувачка за струја и растечки цени кон крајот на годинава, го зголемува ризикот од поткопување на западната поддршка за Украина. Европските политичари кои беа желни да ги освојат меѓународните пофалби за својата поддршка за Киев, може да бидат помалку волни да го платат домашниот цех на своите гласачи за избегнување на енергетска сиромаштија.

Во јавноста европските влади се уште се истрајни во својата одлучност да се откажат од руска енергија. Приватно тие мора да ги признаваат проблемите што таквата позиција се заканува да ги предизвика во нивните економии. Путин ја добива енергетската битка; да се надеваме дека таа предност не е доволно моќна за да ги натера западните политичари да омекнат својата позиција кај вистинската војна.

Хавиер Биас,
Блумберг

11 август 2022 - 12:11