Децата учат најдобро кога образованието е во тек со нивната природна енергичност и љубопитност. Зошто тогаш тие се стројат во редови и ги тераме да седат мирни додека ги товиме со факти?
Ние успеваме на возрасни години преку соработка. Тогаш зошто соработката на тестовите и испитите се смета за мамење?
Владите тврдат дека сакаат да го намалат бројот на децата што не одат на училиште. Тогаш зошто наставната програма и тестовите се толку ограничени што го исклучуваат секое дете чиј ум не функционира на одреден начин?
Најдобрите учители го користат својот карактер, креативност и инспирацијата за да го предизвикаат детскиот инстинкт за учење. Тогаш зошто карактерот, креативноста и инспирацијата се потиснати од задушливиот режим на микроменаџирање?
Постои, како што објаснува Грем Браун-Мартин во неговата книга Learning {Re}imagined, заедничка причина за овие перверзии. Нашите училишта се направени да произведуваат работна сила за фабриките од 19-от век. Посакуваниот производ се работници кои цел ден молчејќи ќе седат на нивните клупи, ќе се однесуваат идентично, ќе произведуваат идентични производи, прифаќајќи ја казна ако не успеат да ги постигнат посакуваните стандарди. Соработката и критично мислење се она што сопствениците на фабриките сакаа да го обесхрабрат.
Што се однесува до релевантноста и употребливоста, исто ни се фаќа и ако ги обучуваме децата да управуваат со машина за предење (ова). Нашите школи предаваат вештини кои не само што се излишни туку и контра-продуктивни. Нашите деца за џабе страдаат од овој дехуманизирачки систем.
Колку помалку релевантен станува системот, толку посилно треба да бидат спроведувани неговите правила, и толку поголем стрес тие предизвикуваат. Во еден од новите училишни огласи во додатокот за образование на Тајмс пишува: "Дали сакате ред и дисциплина? Дали верувате во деца кои цело време се послушни?... Ако да, тогаш позицијата одговорен за казни, може да биде ваша". Да, многу школи имаат проблеми со дисциплина. Ама дали е тоа изненадувачки кога децата, преполни со возбуда и енергија, се заробени во едно место како кокошки во кафез?
Учителите сега на големо ја напуштаат својата професија, нивната обука е пропадната а нивните кариери се упропастени од преголемиот обем на работа и духовно уништувачкиот режим на стандардизација, тестирање и контрола од горе. Колку помалку автономија имаат, толку повеќе тие се обвинети за неуспесите на системот. Ни следува голема криза за наоѓање на учители, посебно по клучни предмети како физика, дизајн или технологија. Ова е тоа што владата го нарекува ефикасност.
Секој обид да се промени системот, да се обучат децата за веројатните потреби на 21 век, наместо за оние од 19 век, се демонизирани од владите и весниците како "социјален инженеринг". Па секако дека е. Секое предавање е социјален инженеринг. Моментално ние сме заглавени со социјалниот инженеринг на индустриската работна сила во пост-индустриската ера. Под секретарот за образование на Трамп, Бетси Девос, и носталгичната влада во Британија, веројатно е дека ова ќе стане само полошо.
Кога им е дозволено да ја користат својата природна креативност и љубопитност, децата сакаат да учат. Тие учат да одат, да зборат, да јадат и да играат, спонтано, со гледање и експериментирање. Потоа тие одат на училиште, и таму го потиснуваме овој инстинкт седнувајќи ги во клупи, хранејќи ги со сила инертни факти, и вадејќи им ја желбата за живот преку тестирање.
Не постои еден систем за добро учење на децата, ама на најдобрите достапни ова им е заедничко: тие отвораат богати светови кои децата можат да ги истражуваат на сопствен начин, развивајќи ги своите интереси со помош наместо со индоктринација. На пример Еса академијата од Болтон на секој ученик му дава Ајпад, на кој тие креираат проекти, споделуваат материјали со своите учители и меѓу себе, и може да ги контактираат своите учители со прашања за својата домашна задача. Со намалување на рутинските разговори, овој систем им овозможува на учителите да им дадат индивидуална помош на децата.
Други школи тргаа во спротивен правец, вадејќи ги децата во природа и користејќи го природниот свет за да ги активираат нивните интереси и да ги развијат нивните ментални и физички капацитети. Меѓутоа прашањето не е околу тоа дали се користи технологија или не; прашањето е дали светот во кој влегува детето е богат и доволно разновиден за да ја возбуди нивната љубопитност, да им дозволи на откријат начини на учење кои најдобро го отсликуваат нивниот карактер и вештини.
Има голем број училишни програми направени за работа со деца, не против нив. На пример, Наметката на експертот ги поттикнува да формираат тимови за истражување и решавање измислени проблеми - како управување со пристаниште, ископување на античка гробница или спасување луѓе од природна катастрофа - кои се пресекуваат со традиционалните предмети. Сличен пристап, наречен Потрага по учењето, се базира на начинот на кој децата се учат самите себе си да играат игри. За решавање на комплексните задачи што ги добиваат, тие треба да соберат многу информации и вештини. Ова го прават со возбуда и упорност на гејмери.
Реџо Емилија пристапот, развиен во Италија, им дозволува на децата да развијат сопствена образовна програма, базирана на она што најмногу ги интересира, отворајќи ги предметите со кои се среќаваат по пат со помош на учителите. Ашока училиштата ја третираат емпатијата како "основна вештина на исто ниво како читањето и математиката", и ја користат за развивање на еден вид отворена, течна соработка која, тие веруваат, ќе биде клучна вештина во 21 век.
Мутлирасното школо во Јужна Африка, Вудмеад, разви целосно демократски метод на учење, чии правила и дисциплина се под надзор од ученичкиот совет. Нејзината програма за интегрирани студии, како новиот систем во Финска, ги отфрла традиционалните предмети во корист на тоа учениците сами да истражуваат теми, како злато, или врски, или океанот. Меѓу луѓето кои завршиле таму се некои од најнапредните мислители, политичари и бизнисмени на Јужна Африка.
Во земји како Британија и САД, таквите програми успеваат и покрај системот, не заради него. Овие влади да се потрудеа да проверат дека за децата учењето е тешко и болно, ќе завршеа подобра работа. Да, ајде да имаме социјален инженеринг. Ајде со инженеринг да ги извадиме деца од фабриките и да ги пуштиме во реалниот свет.