Точно е дека Трамп го постави патот за излегување на САД од Авганистан и започна заблудни мировни преговори со Талибанците кои никаде не стигнаа. Меѓутоа наместо да го запре повлекувањето на американските сили, Бајден го забрза.
Ужасните резултати од ова моментално се развиваат на тло во Авганистан додека Талибанците освојуваат град за град. Крајниот колапс на владата изгледа неизбежен. И може да се случи токму на време за 20-годишнината од нападите на 11 септември кои претходеа на американската инвазија за Авганистан.
На почетокот од неделава Бајден порача дека не жали што наеднаш ја секна поддршката за авганистанската влада. Минатиот месец, претседателот се уште инсистираше дека „шансите дека Талибанците ќе ја освојат целата земја се крајно неверојатни“. Кој знае што ќе се случи следниот месец? И искрено, на кој му е гајле? Кај Авганистан, кредибилитетот на Бајден доби удар.
Поширокото стратешко прашање е како тековната катастрофа во Авганистан ќе влијае на американскиот кредибилитет низ светот. Кога се дискутира ситуацијата се појавува прашањето за високите глобални политики кои изгледаат одвратно додека на теренот се одвива трагедија. Меѓутоа, освен истоштеноста од војна, главното оправдание на Бајден за повлекување од Авганистан беше стратешко. Во изминатите недели, тој тврдеше дека САД не можат „да останат врзани“ за политики создадени како одговор на „свет од пред 20 години. Треба да им се спротивставиме на заканите онаму каде што се денес.“ Првата закана што Бајден ја идентификуваше беше „стратешки натпревар со Кина“.
Како американскиот пораз во Авганистан - во реалноста, пораз за целата западна алијанса - се вклопува во растечкото ривалство меѓу Вашингтон и Пекинг?
Неуспехот на САД значително го отежнува обидот на Бајден да ја истурка својата главна порака дека „Америка се врати“. Напротив, тој совршено одговара со двете клучни пораки туркани од кинеската (и руската) влада. Првата, дека моќта на САД е во опаѓање. Втората, дека повеќе не можеш да се потпреш на безбедносните гаранции на САД.
Ако САД не се обврзува на војна против Талибанците, тогаш се појавува прашањето дали Америка навистина ќе биде волна да влезе во војна со Кина или со Русија. Сепак американската глобална мрежа на сојузници се базира на идејата дека, како последен излез, американските војници ќе бидат распоредени да ги одбранат своите сојузници во Азија, Европа и на други места.
Кина веќе е доминантна економска сила во источна Азија. Меѓутоа најголемиот број од азиските демократии го гледаат САД како нивен главен безбедносен партнер. Па затоа е многу корисно за Пекинг што кредибилитетот на Вашингтон е поткопан. Секако, ситуацијата во Тајван или во Јужното кинеско море е поразлична од таа во Авганистан. Меѓутоа сепак тоа што се случува во Авганистан ќе одѕвони низ светот.
Директните последици за Кина од повлекувањето на САД од Авганистан нема да бидат толку добредојдени. Кинескиот режим воведе политики за масовно затворање и репресија против муслиманското мнозинство во Синѓанг. Помислата дека Ујгурите ќе добиваат поддршка од фундаменталистичката талибанска влада и понатаму предизвикува загриженост во Пекинг. Исто како и потенцијалните терористички бази во Авганистан.
Со тек на време Кина може ќе се соочи со класичната дилема на супермоќ. Дали е подобро воено да се интервенира во турбулентниот Авганистан, или земјата да се остави сама на себе? Како што посочува Енрду Смол од Европскиот совет за надворешни односи, кинескиот коментар за Авганистан веќе е полн со референци за државата како „гробница на империи“.
Во Вашингтон, паралелата на која најчесто ќе помислуваат политичарите е Виетнам. Веќе има извештаи дека Америка се обидува да ги убеди Талибанците да не јуришаат на американската амбасада во Кабул како би се избегнале сцените од падот на Сајгон во 1975. Минатиот месец, Бајден инсистираше дека „Талибанците не се северновиетнамската армија. Тие не се ни приближно споредливи во однос на способноста.“ Може да зажали за овие зборови.
Американците знаат дека ако одлучат да го повлечат и своето последно присуство во Кабул, тие ќе потпишат смртна пресуда на авганистанската влада. Колапсот на моралот кој веќе доведе до последователни порази на авганистанската армија низ целата држава, ќе стане неповратен. Меѓутоа, вистината е дека ситуација веќе изгледа речиси непоправлива.
За разлика од авганистанската влада, американската администрација има неколку сламки на надеж до кои се држи. Крајот на Виетнамската војна навистина е дебакл. По неа многумина ја ставија под знак прашање американската моќ. Меѓутоа во рок од 14 години по падот на Сајгон, заврши Студената војна, а Западот победи.
На крајот, борбата меѓу американскиот и советскиот систем не се одлучи од исходот во Виетнам туку од релативната моќ на домашната економија и политичкиот систем на двете држави. Сегашното ривалство меѓу САД и Кина може ќе биде одлучено на ист начин. Меѓутоа оваа апстрактна мисла малку го утешува сардисаниот народ на Авганистан.