Еве ја повторно, ќе речат едни, не без паника во гласот. Никаде таа не ни отиде, ќе реплицираат други, со тон на сезнајковци. Ма, никогаш не се ни случила, ќе возвратат трети, оние кои никому и на ништо не веруваат освен на својот ум; e дури тоа е па суеверие. А јас, среде сето тоа, размислувам за драмска книжевност...
Во одличниот документарец за Артур Милер, режиран од неговата ќерка, има една одлична, навистина Зен просветлувачка реченица за пишувањето; големиот драмски писател вели: „Драмата не се завршува, драмата се напушта“.
Писателот сака да каже дека книжевното дело по природа е несовршено, па оттука, од агол на писателот, нешто што не може да се заврши: ако чекаш да ја довршиш драмата (романот, приказната...) така што ќе сфатиш дека ама баш секоја буква е на своe местo и дека баш ништо не недостасува или е вишок, има шанси да пишуваш до смрт и никогаш да не ја ставиш Големата Точка. Бидејќи во стварноста тоа така сепак не може да функционира, нè потсетува Милер, нужно е да се пресече и драмата во некој момент да се „напушти“. Се разбира, тоа не е кој било момент, само вистински писател знае да го препознае оној вистински час за тоа.
В ред, ама каде е аналогијата? Kоронавирусот не е уметничко ниту човечко дело. Во најдобар случај, кога заверолозите би биле во право, сме ја произвеле „в соделовањо з нараво“. Иако самиот не е функционален, вирусот на короната - по начинот на кој го преобликува човечкото општество - веќе сега во добар дел е поподложен на законите на фикцијата, повеќе отоколку на било што друго, камоли на епидемиологијата.
Океј, ајде ова малку да го конкретизираме. Се испостави дека дури и Новак Ѓоковиќ, фамозниот Ноле Национале е „позитивен на корона,“ иако, фала богу, е сосема добро, нема никакви симптоми, како ни екипата тенисери и нетенисери околу него, како што може да се види. Како и да се има заразено Тхе Ноле, едно е сигурно: тоа не би му се случило ако мирно чучеше дома до крајот на светот и векот, или барем додека некој надлежен не му обзнанеше, од царскиот престол на својот Стручен Авторитет, дека опасноста сигурно, потполно и засекогаш поминала. Што, судејќи по сè, никогаш нема да се случи или пак ќе се случи кога тоа веќе нема да биде важно. Затоа што за тоа би требало или вирусот да исчезне сам од себе, што тој одбива да го стори, или да добиеме сигурна и за сите достапна вакцина, што не е само релативно далечна, туку и неизвесна иднина, може да се случи никогаш да ја нема.
Што сé ова значи за нашите животи? Короната, се разбира, и натаму ќе биде тука, не е ни реално да биде поинаку. Од друга страна, нејзиниот „табиет“ е контекстуално изменет; сé помала е штетата која може да ја направи на огромниот дел од од она делче население кое ќе го зарази. Затоа, кој замрзнат чека короната да исчезне па дури тогаш да продолжи со таканаречениот нормален живот, тој живее во илузија тоест го чека Годо.
Ете ни го оној артурмилеровски мотив. Корона- паничарите, а тие го држат апсолутно мнозинскиот удел во локалниот и глобалниот наратив за короната, со гадење својствено на пуританците одбиваат да го прифатат основното Милерово наравоучение; нужно е во некој момент короната-драмата да се напушти. Без оглед на тоа што не е завршена? Се разбира, бидејќи таа во суштина е незавршлива. Таквите бељи знаат да потраат. Впрочем, животот по себе е прилично ризична појава и ако исчезне една опасност, набрзо се појавува друга, и што правиме тогаш? Да се мисли дека можеш да го проживееш животот и да ја измамиш смртта во некое монашко прибежиште, идиотски замотан во квази-хируршко (бидејќи не си хирург!) фереџе, заблуда е тешка и мака е на духот.
Значи Ѓоковиќ, на свој начин и од свој агол, проба корона-драмата милеровски да ја напушти. Да обзнани дека животот мора да продолжи понатаму а ова што го имавме во претходните месеци не е живот и никогаш не смееме да прифатиме да го дефинираме како живот, без оглед на тоа што, нели, не е ни смрт. Би рекол дека и многу од нас, во нашите мали и анонимни животи, го правиме истото.
Се разбира, сега на него ќе се срушат сите локални, регионални и глобални пискотници. Праведниците и душегрижниците ќе му се лутат како што ни се лутат и нам, малите и анонимни граѓани кои би сакале, малку од малку, да ги живуцкаме нашите животи, да се дружиме - дури и да се допираме и љубиме, јеботе! - да седиме во кафани, да одиме во театар (нема да ни дадат, не се секирајте) и генерално, да се однесуваме баш нестерилно. Зошто? Затоа што оној артурмилеровски порив ни вика дека ова е добар момент таа драма да ја напуштиме - иако сме свесни дека не е завршена а уште долго ќе биде таква.
Но, ние сепак сме автори и сопственици на нашите животи и „драми“. Без оглед што за тоа мислат овдешните или некои други власти (на кои корона паниката политички им одговара), медиумските проповедници и надобудните кризни штабови кои повторно би нé униформирале, барем по автобусите (иако, никој никаде досега не докажал дека некој се има заразено во јавен превоз ,или пак во продавница!). А што ќе правиме ако Новак и екипата, како и големото мнозинство клинци кои овие денови се муваат и се „коронизираат“ под студентски домови, минат асимптоматски? Ништо, тоа само ќе ја потврди суштински фикционалната природа на актуелниот корона- наратив.
Затоа, не дозволувате други да ја испишуваат вашата приказна или драма; вие сте Артур Милер на својот живот и здравје.
Теофил Панчиќ