Вакцинирана и против ковид сертификати

Кога се најавува условување на слободата на движење, работа и живот со сертификати, сметам дека е моја должност јавно да кажам НЕ за ковид пропусниците - мојата нема да ја користам, иако ми дале „право“ на неа. Нема да бидам граѓанин од прв ред додека мои сограѓани и колеги се третираат како лепрозни, без никакви докази.

На мојот ФБ профил објавив дека сум вакцинирана пред 5 месеци, по своја волја и од мои причини, сосема свесно и слободно. Многумина беа многу изненадени од ова, бидејќи веќе околу 20 месеци секојдневно пишувам и зборувам за цивилизациската катастрофа кон која нè води овој, досега невиден пристап кон болеста.

Изненадувањето доаѓа од црно-белиот поглед на нештата, кој одамна ни се наметнува како единствена можна парадигма - или си ваксер или си анти-ваксер. Зачудена сум што сè уште треба да се објаснува колку е ова погрешно, колку е злонамерно да се делат граѓаните и да се предизвикуваат конфликти на ниво на семејство и пријателство, кои пукаат поради медиумската пропаганда поттикната од државните врвови. Каква неодговорност кон општеството и граѓаните, какво насилно уништување на општествените врски и ткива!

Тие што ги избравме да се грижат за јавните работи се занимаваат со раскарување на граѓаните и предизвикување конфликти меѓу нас. Во време кога над нашите глави виси најопасниот чин на власта после локдаунот - условувањето на слободата на движење, работа и живот со сертификати издадени од државата, сметам дека е моја должност јавно да кажам - НЕ, не се согласуваме сите со тоа. Дури ни вакцинирани граѓани.  Тоа не е само антиваксерски крик против вакцинацијата, бидејќи тука воопшто не се работи за вакцинација.

Она што сакам да го нагласам е следното - вакцинацијата НЕ е државна туку лична одлука, вакцинацијата треба да се прави исклучиво за да го заштитиме сопственото здравје - ако самите процениме или нè советува лекарот.  Во основата на ова институционално насилство лежи една многу отровна идеја - дека граѓаните не се способни сами да ги носат своите животни одлуки - дека се глупави, примитивни и необразувани и поради тоа фактички им се одзема нивната деловна способност.

Државата требаше да го зајакне здравствениот систем, требаше да привлече лекари и техничари, да ја следи науката и да обезбеди потенцијални протоколи за лекување, да набави најсовремена опрема, требаше да направи сè за што ја имаме овластено да прави во рамките на една демократска и легитимна власт - за јавното добро и заштитата на јавното здравје. Кој не разбира за што зборувам, може да се информира за шведскиот пристап.

Но, во сето тоа, таа држава гадно потфрли и постојано ја префрла одговорноста врз нас, граѓаните и полначите на буџетот.

Велам НЕ за ковид пропусниците - нема да ја користам, иако ми дале „право“ на неа. Нема да бидам граѓанин од прв ред сè додека моите сограѓани и колеги се третираат како лепрозни, без никакви докази. Нема да се забавувам и сликам на ревии, концерти и претстави, додека моите сограѓани се физички спречени да учествуваат. На влез во училиште нема да покажувам потврди за да ми дозволат да ја работам работата што ја работам 22 години. Не се противам на брзо тестирање, дома или на работа, сметам дека е корисно и за вакцинирани и и за невакцинирани, да се повлечеме дома ако сме заразни и на тој начин да спречиме инфицирање на други. Во тоа сакам да учествувам јас како слободен граѓанин - затоа што сум одговорна и затоа што ја следам науката.

Докази за лошата волја на властите можат да се најдат во сите аспекти на животот - од економски до здравствени - од инфлацијата што ни ги изеде домашните буџети до пропуштените третмани и психолошката штета што никој не може да ги избегне. Сето ова не беше неопходно - сето тоа беше директно предизвикано од постапките на владетелите - и на светско и на домашно ниво.

Намерно ја избегнувам патетиката по која би можела ад посегнам кога би зборувала за деца, осамени, сиромашни, скршени, пропаднати бизниси и соништа за патување, школување и слично - затоа што не сакам да дејствувам на исто ниво како пропагандистите на стравот и уништувањето на нашето општество.

Им се обраќам на граѓаните кои се возрасни, одговорни за својот живот и способни сами да одлучуваат за тоа - право кое никогаш не смееме да му го оставиме никому. НЕ користете пропусници за ковид - бидете храбри, не правете работи од кои еден ден ќе се срамите - затоа што нема да има опрвадувања за тоа.

Амaлија Крањец

10 ноември 2021 - 15:39