Украина беше предадена долго време пред Трамп

Пред руската инвазија, западните лидери преку НАТО ефективно провоцираа војна, која не сакаа да ја водат. А, откако војната почна, ѝ помагаа на Украина да се бори за иднина што тие одбиваат да ѝ ја обезбедат. Тоа беше најлошиот од сите можни светови за Украина. Трамп сега го пресече овој Гордиев јазол на најбрутален начин, но само гласно го кажа она што молчешкум беше пристап на Запад кон Украина подолго време.

Обидот на администрацијата на Трамп да договори „мир“ помеѓу Украина и Русија почна во средата.

Прво, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, на самитот за одбрана во Брисел, кажа неколку клучни поенти. Никој не се изненади кога рече дека Киев ќе мора да ѝ направи територијални отстапки на Москва и порача дека какво било враќање на „Украина со границите пред 2014 година би била нереална цел“. Највпечатливо, кажа дека за САД не е возможно членство на Украина во НАТО и дека кои било поствоени безбедносни гаранции ќе паднат на товар на Обединетото Кралство, на Франција, Германија и Полска, а не на Америка. „Европа ќе мора да обезбеди огромен дел од идната воена и невоена помош за Украина“, кажа Хегсет.

Речиси веднаш потоа, претседателот Трамп лично објави дека тукушто телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин. Трамп кажа дека нивните тимови се договориле веднаш да почнат мировни преговори и дека наскоро ќе се сретнат лично, најверојатно во Саудиска Арабија.

Реакцијата на западните политичари и аналитичари на оваа дипломатска молња беше брза и гневна, како што е за очекување. Ја етикетираа како „потклекнување“, „предавство“ или како „победа за Путин“.

Секако има многу што да се критикува за несмасните туркања на Тимот Трамп кон преговарачката маса. Пред сè, Белата куќа се чини решена да ја третира Украина како набљудувач на преговорите за нејзината сопствена иднина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски е третиран како спореден актер, како некој што ќе биде известен откако Големите ќе ја завршат работата.

Тоа е навреда за Украина. Главната причина поради која Русија воопшто мора да преговара  е неверојатниот отпор што го дадоа Украинците, со нивната решеност да се борат за својот национален опстанок. Во време на руската инвазија во февруари 2022 година, малкумина надвор од Украина очекуваа нешто друго освен брза и тотална победа за руската армија. Протечените руски воени планови открија дека генералите очекувале триумф за неколку дена. На офицерите дури им било порачано да ги спакуваат и свечените униформи со медали за воена парада во Киев. Убедувањето на Путин во брза руска победа го споделувале и многумина во Вашингтон. Само неколку дена пред инвазијата, американскиот генерал Марк Мили, тогашниот шеф на Здружениот генералштаб, изјави дека е можно Киев да падне во рок од 72 часа.

А, ете, три години подоцна, Украина сè уште se држи. Пред сè поради желбата и храброста на Украинците да се борат за својата слобода. Значи, потиснувањето на украинското раководство од преговорите со Русија би било одземање на она за кое Украинците толку напорно се бореа - да ја решаваат сопствената иднина. Иако сите ние знаевме дека ќе дојде овој момент, тоа не го прави помалку горчлив.

Има уште многу за осудување. На многу начини, американскиот план само ги експонираше контрадикциите и лицемерието на западниот повеќедецениски пристап кон Украина. Додека многумина се шокирани од тоа што Трамп експлицитно ѝ го брани членството на Украина во НАТО, барем тој е отворен и конзистентен. Тоа не може да биде кажано за неговите претходници, кои упорно ги ветуваа безбедносните гаранции што ги бараше Украина, но без да покажат ниту знак дека ги почитуваат.

По крајот на Студената војна, западните лидери ѝ намигнуваа на Украина, ветувајќи ѝ дека ќе ја донесат во Европската Унија и, пред сè, во безбедносната инфраструктура на НАТО. Го правеа тоа без оглед што упорно беа предупредувани, често пати од нивните сопствени агенти и дипломати, дека таквите потези ќе ја антагонизираат Русија и дека, потенцијално, на рускиот лидер ќе му дадат повод за инвазија.

Уште во 1994 година НАТО склучи рамковен договор со Украина во форма на иницијативата Партнерство за мир. На самитот во Букурешт во 2008 година НАТО отворено декларираше, по инсистирање на тогашниот американски претседател Џорџ Буш, дека Украина (и Грузија) ќе станат членки. Такви ветувања имаше сè до минатиот ноември.

И покрај потрошените 30 години во поигрувања со очекувањата на Украина за членство во НАТО со што ги зголемуваа шансите за конфликт со Русија, од тоа не излезе ништо. Западните лидери преку НАТО флертуваа со проширувањето, но истовремено приговараа за воената цена и на потенцијалните последици - директната конфронтација со Русија.

И така Западот постави услови за членство што беа невозможни за Украина. Во теорија, очекувањата за влез секогаш беа оставени на масата. Но, во пракса, масата секогаш беше намерно поставена предалеку.

Пред руската инвазија западните лидери преку НАТО ефективно провоцираа војна, која не сакаа да ја водат. А, откако војната почна, тие ѝ помагаа на Украина да се бори за иднина што тие одбиваат да ѝ ја обезбедат. Тоа беше најлошиот од сите возможни светови за Украина. Западот ја антагонизираше Русија, давајќи му го на империјалистичкиот Путин поводот што му беше потребен да тргне, иако немаа ни желба, па ни воен капацитет, да ѝ го крепат грбот на Украина.

Сега администрацијата на Трамп го пресече овој Гордиев јазол на најбрутален начин и гласно го кажа она што молчешкум беше пристапот на Западот кон Украина. Дека Украина нема да стане членка на НАТО. Дека таа нема да биде покриена со безбедносната инфраструктура на западните сили. 

Ако се каже дека „Украина е пуштена низ вода“, како што рекле некои европски дипломати, би се промашила суштината. Предавството на Украина беше сетирано долго пред Трамп.

За траен мир со Русија, на Украина ќе и требаат безбедносни гаранции и силна воена моќ. Но, таа ќе треба да се развие одново, надвор од структурите на НАТО, кои се покажаа и како извор на конфликти и како празно ветување. 

Украина е на пат на на потешкиот начин да сфати кои се нејзините сојузници.

Тим Блек, колумнист во „Спајкд“

17 февруари 2025 - 16:11