Еден од основачите на Ферал Трибјун и денешен колумнист на неколку интернет инстанци, во врска со корона-кризата и мерките против неа постави 40 прашања на „наивен субјект, државјанин на Хрватска“. Некои од нив:
* Зошто на пролет, кога бројот на заразени и умрени беше висок, епидемиолозите наложуваа строги рестриктивни мерки како што се затворање на граници, забрани за собирање, ограничување на движењето, забрани за патувања и сл?
* Зошто националните медиуми тоа тогаш сесрдно го поддржуваа?
* Зошто сега, кога бројот на заразени и умрени е исто висок ако не и повисок од тогаш, епидемиолозите не наложуваат рестриктивни мерки како што се затворање на граници, забрани за собирање, ограничување на движењето, забрани за патувања и сл?
* Зошто националните медиуми тоа сега сесрдно го поддржуваат?
* Ако на ист или поголем број на заразени денес се применуваат сосема поинакви епидемиолошки мерки од порано, дали е тоа последица на фактот дека во меѓувреме „за короната нешто сме научиле“?
* Ако изминатите месеци „за короната нешто сме научиле“ па заради тоа денешните епидемиолошки мерки се чиста спротивност од оние порано, зошто тогаш епидемиолошките мерки кои беа на сила пролетва, денес се оценуваат како „извонредно успешни“?
* Нели би било логично, ако некогашниот карантин е заменет со препорака за носење маски, оние раните мерки, наместо „извонредно успешни“ да се нарекуваат извонредно непотребни?
* Може ли од тоа да се извлече заклучок дека епидемиолозите во своите препораки можат да лупаат што и да им падне на памет и до бескрај да си скокаат себе си во уста, а исходот во секој случај да биде прогласен за „извонредно успешен“?
* Колкава е веројатноста епидемиолозите всушност да не го лупаат она што им паѓа на памет, туку она што им паѓа на памет на некои други?
* Зошто на националните медиуми не им паѓа на памет да се позанимаваат со тоа прашање?
* Ако вистинската причина за попуштање на строгите епидемиолошки мерки лежи во амбицијата прво да се одржат парламентарни избори и да се осигура репродукција на власта а потоа и да се форсира што подобра туристичка сезона и да се спречи колапс на економијата, значи ли тоа дека во медицински поглед, дошло до промена на приоритетите, па примарна цел на епидемиолошката борба веќе не е да се спасуваат човечки животи туку да се спасува владејачкиот режим и националната економија?
* Ако работите стојат така, зошто тоа отворено не се каже?
* А централното прашање е - зошто медицината се бави со спасување на економијата?
* Зошто лекарите немаа доволно кичма на политичарите да им откажат послушност и да им порачаат дека нивна работа е да водат сметка за човечкото здравје а не за економијата или изборната репродукција на владеачката каста?
* Може ли да се избегне заклучокот за проституирање на медицината за сметка на политиката?
* Дали е подобро владеачката медицина да се нарекува медицина на владетелите?
* Лекарите полагаат Хипократова или хипокритова заклетва?
* Дали на студиите на медицина треба да се воведе полтронството како задолжителен предмет?
* После изборите и после туристичката сезона, ќе нè затворат ли повторно во карантин?
* Зошто националните медиуми тоа сесрдно ќе го поддржат?