Трамп беше избран на бранот на незадоволство од колосално погрешниот начин на кој естаблишментот се справи со економскиот бум пред 2008 и рецесијата по 2008. Неговото ветување за пакет домашни субвенции и заштитнички трговски политики за враќање на фабричките работни места во САД го одведоа во Белата куќа. Дали ќе може тоа да го испорача зависи од тоа дали ја разбира улогата што Америка ја имаше „во старите добри времиња“, улогата што сега може да ја одигра и, клучно, значењето на Кина.
Пред 1971, глобалната хегемонија на САД се засноваше на актуелниот суфицит на САД во размената со остатокот од капиталистичкиот свет, кој САД помогнаа да се стабилизира рециклирајќи дел од тој суфицит во Европа или Јапонија. Ова ја засили економската стабилност и насекаде драстично ја намали нееднаквоста. Меѓутоа, како што Америка завлезе во позиција на дефицит, овој глобален систем повеќе не можеше да функционира, што му даде подем на она што јас го нареков фаза на Глобален Минотаур.
Според античкиот мит, кралот Минос од Крит својата хегемонија му ја должел на Минотаурот, ѕвер заробен под палатата на Минос. Интензивната самотија на Минотаурот беше споредлива само со стравот од него, бидејќи неговиот огромен апетит можеше да биде задоволен - а со тоа и го гарантираше владеењето на Минос - само со човечко месо. Па брод наполнет со млади луѓе редовно патува од далечната Атина до Крит за да ја испорача човечката жртва за ѕверот. Ужасниот ритуал беше клучен за зачувување на Pax Creatana и хегемонијата на Кралот.
По 1971, хегемонијата на САД расте преку сличен процес. Минотаурот беше токму трговскиот дефицит на САД, кој распарчуваше сè поголем дел од глобалниот нето извоз. Сè поголемиот дефицит на САД беше финансиран од милијарди долари дневен прилив во Вол стрит од странски (и често американски) сопственици на далечни фабрики - форма на модерна жртва за Глобалниот Минотаур.
Колку повеќе растеше дефицитот, толку беше поголем апетитот за европски и азиски капитал. Она што го направи Минотаурот стварно глобален беше неговата функција: тој помогна да се рециклира капиталот (профити, заштеди и суфицит). Тој ги држеше германските фабрики под полна пареа. Проголтуваше сè што е произведено во Јапонија, а подоцна и во Кина. Меѓутоа во исто време, Вол стрит научи како преку егзотични финансиски инструменти да го засили овој прилив на капитал. Процесот на зголемување на моќта на финансиските институции ја сруши браната и светот беше преплавен со долгови.
Во есента 2008, Минотаурот беше смртно ранет откако се судри во ѕидот приватни долгови што беше нус-производ од неговиот апетит. Додека Федералните резерви и Трезорот ги спасуваат американските пазари, ништо повеќе не можеше да биде исто: капацитетот на Вол стрит да продолжи со „затворање“ на глобалниот круг за рециклирање повеќе го немаше. Американскиот банкарски сектор повеќе не можеше да се справи со трговскиот и буџетскиот дефицит за потребите за финансирање доволно домашна побарувачка за одржување на нето-извозот на остатокот од светот. Од тој момент, за светската економија е невозможно повторно да ја постигне својата рамнотежа.
По смртоносното ранување на Минотаурот, имаше и други на кои Америка требаше да им се заблагодари за спасот од Големата депресија освен Федералните резерви и Трезорот. САД исто така беа спасени и од Змејот: Кинеската влада одлучи да ги крене домашните инвестиции на невидено ниво за да ја надополни празнината оставена од намалувањето на трошењето во САД и Европа. Повеќе години, Кина дозволи давањето кредити во нејзините формални и „сиви“ банки да оди неконтролирано, дури дозволувајќи им да имаат корист од великодушноста на американските федерални резерви земајќи кредити во долари. Кажано на кратко, Змејот помогна во ребалансирање на Западот кога Минотаурот тоа повеќе не го можеше.
Кинеските лидери знаеа што прават. Тие создадоа балон на неодржливи инвестиции што на Европа и САД им дадоа шанси да се здивнат и да се прегрупираат. Сепак, и двете не успеаа во ова: Америка поради судирот меѓу претседателот Барак Обама и републиканскиот Конгрес, а Европа од причини што се премногу болни за повторно да ги набројувам. И кога повторно се случија проблеми во 2015, кога американските каматни стапки растеа додека цените паѓаа, Кина мораше повторно да го засили давањето кредити.
Денес, кинескиот кредитен бум се држи на залог што е подеднакво лош како оној на Беар Стернс, Леман брадерс, и остатокот од 2007. Дополнително, затоа што кинеската валута е сериозно преценета, корпорациите позајмуваат долари за порано да го отплатат својот долг во долари, со што се става дополнителен притисок врз девизниот курс.
Планот на Трамп за помагање на оние што се заборавени уште од 1970, до мерка што е јасно видлива, изгледа како да се базира на две оски: домашни субвенции и билатерални договори под заканата за квоти и тарифи. Меѓутоа ако тој игра остро со Кина, притискајќи ги Кинезите да ја ревидираат вредноста на својата валута и да се заканува со тарифи и слично, тој може да предизвика пукање на кинескиот приватен долг - започнувајќи поплава од ужасни последици што ќе ги потопат кои било домашни субвенции што тој би ги вовел.
Во тој случај, инвестициите на Трамп во инфраструктура ќе се претворат во корпоративна социјална помош, што би можело да има занемарлив ефект. Ова пак, би ја поставило сцената за следниот пакет на штедење, како што паниката од зголемените каматни стапки на САД продолжи да расте, а проблемите околу федералниот буџет ставаат ограничување на постојните обврски за кои не е обезбедено финансирање.
Ако економската стратегија на Трамп на среден рок има какви било шанси за успех, тој мора да разбере дека не му треба преструктурирање на американскиот јавен долг, туку на кинескиот приватен долг.
Исто така Трамп мора да сфати дека тој не може да ја направи Америка повторно голема со копирање на субвенциите на Реган. Овој трик успеа кога Минотаурот беше во оков и нахранет; ова нема да успее кога Змејот го потроши својот оган. Наместо тоа, ако Трамп навистина сака да ја ребалансира американската економија за растот да биде од корист за луѓето на кои толку многу им вети, тој треба да го копира Френклин Д. Рузвелт и да се стреми кон кејнсиско преправање на Бретон Вудс.