Кога го прочитав коментарот на 29-годишната актерка Никола Пелц Бекам за неодамнешната смрт на Квинси Џонс - „срцето ми е скршено“ - бев малку збунета. Помислете за кого зборуваме овде. Легендарниот музички продуцент живееше 91 година. А кога велам „живееше“, мислам ЖИВЕЕШЕ. Џонс избега од живот на екстремна сиромаштија и криминал - на само седум години ја има видено својата шизофрена мајка како ја носат од дома во лудачка кошула. На 11 години, кога упаднал во продавница да краде, за прв пат видел клавир одблиску. „Првиот пат кога го допрев, секоја капка крв, сето мое срце и душа и секоја клетка во моето тело, рече: „Ова е она што ќе го правиш во остатокот од твојот живот“.
Тој навистина го помина остатокот од својот живот правејќи го она што го сакаше. Луѓето често го нарекуваа гениј. Последно, но не и најмалку важно, цели три години имаше секс со Настасја Кински.
Еднаш напишав: „Солзите понекогаш се несоодветен одговор на смртта. Кога животот се живее комплетно чесно, комплетно успешно или само комплетно, правилниот одговор за смртта е насмевка.'
Ама, не. Деновиве не е доволно да се чувствувате малку тажни кога некој ќе почине, без разлика во колку напредната возраст или после колку исполнет живот. Срцата мора да бидат скршени. Мора да сме парампарче, да сме уништени.
Кога тоа англосферата, особено нејзината младост, станаа такви хистерични лиглиња? Секогаш имаат нешто за што ќе се трескаат. Ќе беше доволно лошо и ако нивните напади се ограничеа на личната сфера на тагување, но тоа ги зафати и политичките поплаки. Порано, кога едната страна ќе изгубеше на избори, главно се ракуваа и чича-мича. Сега се снимаат како врескаат додека маваат во перница, за тоа после да го стават на ТикТок.
Не ли им е малку срам на возрасни мажи и жени на тој начин да ги покажуваат своите емоции? Не, тоа некако им изгледа како доказ за нивната „автентичност“.
Можете да ги видите насекаде низ социјалните мрежи, возрасни како цимолат како мали деца кои треба некој да ги ушушка. Некои се толку исплашени за своите животи што бараат „безбедни куќи“ и најавуваат смрт на демократија. Обично за тоа викаат дека има само еден збор: „немам зборови.“ Што, патем, се два збора.
Вупи Голдберг тврдеше дека Трамп има намера меѓурасните бракови да ги направи нелегални, да ги одвои небелите сопруги од нивните бели сопрузи и сосила да ги мажи белите мажи со бели жени. Не знам како само новоизбраниот потпретседател Џеј-Ди Венс, инаку горд на својата убава жена од индиско наследство, ја пропуштил оваа негова депеша.
Најобразованите, како и секогаш, се најглупи. На студентите од елитниот факултет за јавна политика Меккурт во Џорџтаун, наводно, им нуделе млеко и колачиња, жешко какао, лего играчки и боенки, за да ги оттргнат мислите од изборните резултати. Гардијан, пак, тој бастион на ментална извонредност, им понуди бесплатно советување на своите новинари.
Подемот на емотивната неконтролираност се поттикнува во заробените институции, од војската до зоолошките градини. Со нивните „скршени срца“ и збунети умови, се чини дека нема крај на подемот на нарикачите (тажачки, редачки) кои малтретираат со нивните солзи.
*********