Во моментов не се знае како и зошто се урна авионот во кој загина шефот на Вагнер и уште 9 лица. Во таа приказна има можности колку што може да се најдат во роман на Агата Кристи. Со оглед на тоа кој беше Пригожин, разумно е да се претпостави дека тоа не беше случајност.
Западните медиуми и САД побрзаа да објават дека Пригожин бил убиен од Путин. По испробан и ефикасен метод, прво анонимен функционер на британската влада за Волстрит журнал изјави дека „најверојатен осомничен“ е Кремљ а потоа другите големи медиуми како Њујорк Тајмс и Вашингтон пост ја прогласија оваа претпоставка за утврден факт.
И да е вистина дека зад смртта на Пригожин стои некој од Русија, Путин не би бил единствен осомничен. Пригожин имаше многу непријатели, и во врвот на армијата кој беше мета на неговиот краткотраен бунт и меѓу руските олигарси.
„Но, ако некој го постави најчесто корисното прашање „Кој добива со ова?“, тогаш се појавуваат многу не-руски осомничени, од Украина до САД, па и Франција и Британија. Изминативе неколку години, операциите на групацијата Вагнер во Украина но и во Африка сериозно ги разнишаа геополитичките интереси на империјалните сили,“ пишува Андре Дамон на сајтот на светските социјалисти.
Во оваа перспектива тој ја стави и криптираната порака на Зеленски во врска со смртта на Пригожин:
„Кога викавме дека ни треба помош со авиони, не мислевме на ова.“
Додека Путин едногласно се прогласува за нарачател на убиството, водечки фигури во американскиот естаблишмент кои работат за надворешната политика ги поздравија консеквенците кои атентатот може да ги има. Александар Виндман, еден од водечките американски воени пропагандисти оцени дека убиството „може да го забрза мирот во Украина“, бидејќи го ослабува националистичкото крило кое бара поагресивно водење на војната и со тоа му се остава поголем маневарски простор на Путин.
„Всушност, смртта на воениот лидер е многу добра вест за Украина“, пишува Максим Скрипченко, претседател на Центарот за трансатлантски дијалог, украински про-натовски тинк-тенк. „Смртта на Пригожин, заедно со озлогласениот прв командант на групата Вагнер, Дмитриј Уткин, најверојатно ќе им обезбеди на украинските сили предност на бојното поле во наредните месеци“. „Кога Пригожин е надвор од сликата, руското јавно мислење може да се сврти против Путин“, се надева Скрипченко.
Смртта на Пригожин следи по серијата атентати насочени кон водечки про-воени фигури во Русија, извршени од украинските сили, вклучително и Дарија Дугина (ќерка на влијателниот руски филозоф Александар Дугин) и рускиот воен блогер Владлен Татарски. По убиството на Дугина, Њујорк Тајмс побрза да објави дека „нема докази дека нападот е поврзан со војната во Украина“. Само два месеца подоцна, Тајмс објави: „САД веруваат дека Украинците стојат зад атентатот во Русија“.
Само три дена пред ликвидирањето на Дугина, дописникот на Тајмс, Ендру Крамер потпиша текст во слава на про-украинските одреди за атентати кои делуваат во Русија, со наслов: „Украинците им порачуваат на Русите: Никогаш и никаде не сте сигурни“.
На почетокот на оваа година, низа протечени документи на Пентагон ја открија огромната загриженост на стратезите на Пентагон за растечкото влијание на Вагнер во Африка, наведувајќи десетина потенцијални „координирани напори на САД и сојузниците“ за нивно реметење, вклучително и опции за атентат на нивното раководство.
„Ниту една од овие опции не се дискутира во медиумското покривање на смртта на Пригожин, кое главно е поттикнато од пропагандните потреби на американската влада. Соочувајќи се со зголеменото противење на народот за катастрофална војна, американските медиуми се обидуваат да направат сè што е можно да ги демонизираат Русија и владата на Путин. Но, зборовите имаат последици. Овој договорен пропаганден напор има своја логика и станува фактор за ескалација на војната“, пишува Дамон на WSWS.