„Ова време треба да го искористиме за во својата програма да го обединиме српскиот народ и да кажеме што сакаме во овие децении и овој век што доаѓа. Зошто некои други народи можат да имаат една држава за еден народ, а Србите не?“
Овие историски зборови ги изговори претседателот на Република Српска, Милорад Додик, во говорот на свечената Академија по повод роденденот на Република Српска, 9-ти јануари. И, точно можеше да се види неговата гордост што убаво се сетил. „Една држава за еден народ“. Зошто, значи, „некои други народи можат да имаат една држава за еден народ, а Србите не?“
Ќе се обидам да објаснам што е можно поедноставно. Не знам каде бил чичко Миле последниве триесетина години, не знам дали во Лакташи имаат интернет, телевизор или барем трафика, но многу би се изненадил кога - барајќи ја таа „една држава за еден народ“ - таму кај Бијелина би го прешол Павловиќ мост и би видел: не само што Србите можат да имаат „една држава за еден народ“, туку и веќе имаат: баш таква „една држава за еден народ“, со грб, знаме, фудбалска репрезентација и устав што убаво, во точка еден, вели дека тоа е „држава на српскиот народ“! Плус, од практични причини - како нашиот Миле не би помислил минувајќи го мостот, дека е тоа норвешка, виетнамска, или, не дај боже, шиптарска држава - таа српска „една држава“ токму така и се нарекува: Република Србија.
Освен, ако чичко Миле не мислеше на „една држава за баш целиот народ, каде и тој да се наоѓа“. Во тој случај, уште еднаш, што можам поедноставно: „една држава за цел еден народ каде и тој да се наоѓа“ ни „други народи“ немаат - ниту некогаш имале - во целата историја на човештвото. Дури и на чичко Хитлер - кој еднаш реши “во својата програма да го обедини германскиот народ и да каже што сака во овие децении и овој век што доаѓа“, па со програмата “Една држава, еден народ, еден водач“ ја освои цела Европа - надвор од границите на таа „единствена држава“ му останаа неколку милиони Германци: се испокрши чичко Милорадолф сите да ги пикне во Третиот Рајх и република швабска, а само во Америка му останаа милион ипол Германци!
Идејата „Сите Срби во една држава“, како што гледаме, не е нова. Ќе се изненади можеби фирерот од Лакташи, ама не е нови дури ни меѓу Србите. Четириесет години пред чичко Миле, за таа работа - „зошто Србите не можат“ - исто се запрашаа и во Српската академија на науките и уметностите, па решија дека „во својата програма ќе го обединат српскиот народ и ќе кажат што сакаат во овие децении и овој век што доаѓа“.
Во септември 1986-та, најучените српски глави ги лизнаа моливите и напишаа Меморандум во кој порачаа дека „српската нација не доби право на сопствена држава“: „Делови од српскиот народ во другите републики немаат право да се служат со својот јазик и писмо, политички и културно да се организираат. Единствено српскиот народ не го реши националното прашање, ниту доби држава како останатите нации. Воспоставувањето полн национален и културен интегритет на српскиот народ, независно од тоа во која република се наоѓа, е негово историско и демократско право“.
Следејќи ги насоките на мудрите глави од САНУ, за работа се фати еден партиски писар, не знам дали чичко Миле ќе се сети на него, СЛОБОДАН МИЛОШЕВИЌ се викаше човекот. Веќе во летото 1989 тој вака ја скицираше “програмата за обединување на српскиот народ“: „Косовската легенда го обединува цел српски народ расфрлан ширум Југославија. Шест векови подоцна, денес повторно сме во битки и пред битки. Тие не се вооружени, иако и такви не се исклучени“. Својата програма убаво ја објасни во јануари 1991-ва: „Што се однесува на српскиот народ, тој сака да живее во една држава. Затоа, секоја поделба на повеќе држави, која би одвоила делови од српскиот народ што живее во повеќе суверени држави, по наше мислење е неприфатлива, односно, да бидам попрецизен, на тоа не може ни да се помислува“. Два месеца подоцна, тој вака го замисли понатамошниот тек на случувањата: „Ние мораме да обезбедиме да имаме единство ако сакаме како република која е најголема и најбројна, да го диктираме понатамошниот тек на случувањата. Тоа се прашањата за границите, значи суштинските државни прашања. А границите, како што знаете, секогаш ги диктираат силните“.
Програмата на Милошевиќ „Сите Срби во една држава“ потоа им беше поделена на оперативците на терен. Вака во мај 1990-та ја разбра извесен МИРКО ЈОВИЌ, претседател на некаква си Српска народна обнова: „Ако некогаш имаме право да одлучуваме во своја држава, никој нема да може да се изјасни како Македонец, муслиман или Црногорец. Тие можат да се изјасат и како вонземјани, ама тоа нека го задржат за себе. Ние знаеме дека се тие Срби“.
„Се залагаме за Србија што прво ја опфаќа сегашната територија на Србија, потоа Барања, Македонија, односно Јужна Србија, и Црна Гора. Освен тоа, бараме припојување на српските историски и етнички земји на нашиот народ во Босна, Славонија, Херцеговина, Лика, на Кордун, во Банија и во Книнска Краина“, зборуваше некој си ВУК ДРАШКОВИЌ, а таков став во октомври 1990-та формулираше еден друг, тешко чичко Миле да има чуено за него, ВОЈИСЛАВ ШЕШЕЉ: „Нашиот став е соврешно јасен. Ние се залагаме за обнова на српските држави на Балканот, држава што ќе ги обедини сите српски земји: денешната српска федерална единица, српска Македонија, српска Црна Гора, српска Босна и српска Херцеговина, српски Дубровник, српска Далмација, српска Лика, српски Кордун, српска Славонија и српска Барања“.
Работата за обединување на крајот ѝ беше доверена на војската. „Сите српски земји и српскиот народ мораат да бидат во една држава. Вие ако тоа не го овозможите дипломатски, ние тоа ќе го овозможиме со војна. И ќе биде крв до колена“, убаво, малку и поетски, објави командантот на новосадскиот корпус на југословенската војска, генерал АНДРИЈА БИОРЧЕВИЌ.
Би можел вака до Видовден, ама разбравте, па се надеам дека разбра и чичко Миле. Идејата „Сите Срби во една држава“, меѓутоа, не само што не е нова меѓу Србите, туку не е нова ниту меѓу Србите на Миле во Босна и Херцеговина.
„Србите не смеат, по никоја цена, да се откажат од својата вековна цел: да живеат во една држава. Тој идеал нема цена. Макар да останеме сами на светот или против целиот свет“, уште во април 1992-ра, пееше, на пример, ГОЈКО ЃОГО, поет од Љубиње. „Би сакал да обзнанам пред српскиот народ дека ќе ги исправиме сите неправди во однос на границите што ги зацрта Јосип Броз, од досада, со својот валкан прст. Евтино им даде српска земја на Хрватите и Муслиманите. Ќе ги гониме сè до Загреб ако треба. Одмаздата ни е во крвта и во заклетвата“ се закануваше градоначалникот на Требиње, извесен БОЖИДАР ВУЧУРЕВИЌ, во октомври 1991-ва. „Нема таква сила што ќе нè спречи да направиме српска држава. Освен Бог, а тој нема, затоа што е на наша страна“, во март 1993-та говореше некој, историјата ќе ми прости ако не сум му го запамтил добро името, РАДОВАН КАРАЏИЌ. А дека Бог е на српска страна, тие денови сведочеше и АМФИЛОХИЈЕ РАДОВИЌ, митрополитот црногорско-приморски: „'Рбетниот мозок на обединетите српски земји веќе се знае и тој повторно се обликува, а го сочинуваат Србија и Црна Гора, источна Херцеговина, добар дел од Босанска Краина, Српска Краина...“
Мене лично најдраг ми е примерот, можеби чичко Миле барем на него ќе се сети, на МОМЧИЛО КРАИШНИК. Тој Момчило, во еден говор од пред триесет и една година рече дека „српскиот народ пред себе има две опции: политички да се бори, да постигне максимум во оваа прва етапа, или да ги прекине разговорите и да тргне во она што со векови го прави, со сила да освојува свои територии“. „Имаме шанса“, објасни чичко Момчило, „да го сочуваме српскиот народ во една држава, да го сочуваме целиот српски народ во Босна и Херцеговина и тој да биде составен дел на српското царство“.
Не е тоа ништо револуционерно ново, но ретко забавен е фактот дека чичко Момчило идејата за „српски народ во една држава“ и за Србите во БиХ како „составен дел на српското царство“ ја изнесе пред истиот оној парламент на српскиот народ во БиХ чија триесет и прва годишница како роденден на Република Српска овој 9-ти јануари ја славеше чичко Миле. Сосема исто како онојпат чичко Момчило, ненадејно, Миле откри дека „имаме шанса да го сочуваме српскиот народ во една држава“, па - баш како ништо историски да не се случило во меѓувреме - почна да блада како „ова време треба да го искористиме да го обединиме српскиот народ.“
Ви викам јас, можам вака до Видовден, ама, сфаќате.
Резултатот на тоа далечно, заборавено српско курчење беа 5 милиони бегалци и 150 илјади убиени, од кои 35 илјади токму Срби.
Зошто тогаш „некои други народи можат да имаат една држава за еден народ, а Србите не?“
Ќе се обидам да објаснам што е можно поедноставно: затоа.