ШТО МИСЛЕВМЕ, ШТО ИЗЛЕЗЕ
„Браќа земљаци и мили комшии! Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо муртати, шчо гледаат и нас и вас да дотерат до нош, и нас и вас да дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустиња, денеска дигнафне глава и решифне со пушка да се браниме от тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода".
Гад дем! Со денови се токмев вака некако да ја започнам оваа јубилејна колумна. Да бидам пригоден и свечен како што прилега на моментот. Бев решен да ја потиснам неизлечивата намрченост, да го тргнам погледот од мизеријата на секојдневието и специјално за оваа пригода да ги дигнам колумнистичките нишани малку повисоко. Оти, не е секој ден Илинден. Уште помалку сто години од оној прв, нулта, алфа Илинден, верзија 1.0. Кога малку подобро ќе размислам, ваков стогодишен јубилеј се слави еднаш во 100 години! Кога уште малку подобро ќе размислам, се слави или еднаш или ниеднаш. Ние доста сторивме да излезе ова второво ама глеј финта, некако сепак си дочекавме да славиме! Што ти се вика почетничка среќа.
„Вие мошне арно знајте оти ние не сне лоши и разбирате оти от мака си ја кладофне главата в торба, за да заживејме како браќа на оваја земја, ние ве имаме како сфои и сакаме до крај да остани-ме сфои. Анџак, за да си завардиме имото, живото, верата и честа, ние сне зеле пушка".
Идеолошката решеност да бидам свечен и манифестен ја преточив во дело. Синоќа ги одбив моите маалски десперадоси да излеземе и да уживаме во смиреноста на испразнетиот град цевчејќи тенок шприцер во некоја скопска бавча. Сакав сабајлево да бидам свеж, оти од мамурен чоек манифест не излегуе. Заспав регуларно, пред телевизор. Станав уште порегуларно, пред истиот телевизор. Фукнав црно нес оти тоа турското денеска ми изгледаше некако политички некоректно. Ги поднаместив моите комитски гаќи, се почешав за дводневната војводска брада и самоуверено седнав пред револуционерната тастатура. Македонијо, хир ај кам! Сега ќе видиме чија мајка Тереза црну вуну преде! Сега ќе распали Трендо со своите верни другари фонтови, безмилосно ќе удри по душманските ентери, ќе зафијучат наоколу зборови бојлии, ќе се затресе Вордот пиратски од Бил до Гејтс...
Tоа беше пред едно 6 саата. Во меѓувреме свртив милион бесцелни крукчиња по станов, два пати се истуширав, три пати бев до продавница, четири пати проверував пошта на интернет, а на нервна база изедов сè на сè едно 17 кила бостан, сосе семки. Едно време помислив дури и со правосмукалка да поминам. Знаете, како кога си копиљ па ќе измислиш триста будалаштини кои демек ти се многу важни во тој момент. Само за да не пишуваш лектира.
„Ние не сне арамии и јанкесеџии, а ревољуционери пот клетва да умриме за правото и за слободата; ние се бунтуваме протиф тиранијата и протиф ропството: ние се бориме и ќе се бориме протиф муртатите, протиф арамиите, протиф зулумќарите и јанкесеџите, протиф насилниците на нашата чес и на нашата вера и протиф тие шчо смучат нашата пот, и експлоатират нашио труд. От нас, и от нашите села да не се плашите – никому зијан не ќа сториме".
Се разбира, мојот план пропадна драстично побрзо од Крушевската Република. Треба да си ептен курназ па да ти текне некој убав, тежок, далекуметен збор во овој момент. Или треба само да си политичар протоколџија па лефтерно да одверглаш некаков бог те јебо возвишен памфлет за Илинден како завет, инспирација и непребол. Мене некако не ми оди. Џабе запињање. Пошто, стварно не сум паметен каде ја заебавме работата. Уште помалку ми е јасно од каде треба да ја почнеме да ја крпиме. Нашиот чун прокапува од сите страни. Фати ваму, ќе ти протече таму, фати таму, ќе попушти онаму. Дење лажеме и крадеме, ноќе ги пцуеме политичарите пошто биле лажговци и апаши. Дење ни се стемнува, навечер чекаме да ни раздени. Дење се маваме со говна, навечер се чудиме зошто не мирисаме на каранфили.
„Македонија јет заедничка наша мајка и викат за помош. Елате да скршиме синџирите на ропството, да се куртулиме от маки и страданија, и да пресушиме реките от крвој и солзи! Елате при нас, браќа да си слејме душите и срцата и да се спасиме, та ние и нашата чељат и пречељат да живејат мирно, да си работат спокојно и да напредуат".
Што мислевме, што излезе... И сега, кого да повикаш во својот манифест, кому да се обратиш? На оние јадни работници кои сè уште веруваат дека фабриките се нивни, на онаа ужасно збогатена сељачаана која би ставила мермер на скршена нога само затоа што гипсот им изгледа некако ефтино, на онаа несреќна младина која се крши меѓу дилемата да ја снема во странство или да ја снема овде?
Против кого да се обединуваме? Против она српско црешово попче кое се одзива на името Јован кому колегите му најдоа триста закачки ама само откако тој реши дека не е од нивна? Против политиката која сака да ни го поплочи патот до пеколот со добри намери или против онаа другата која ни ветува дека патот до добрите намери ќе ни го поплочи со пекол?
Што и да правите, само немојте да кукате. Доста е, досадно е, глупо е. И немојте да лажете и да крадете, оти вошки ќе фатите. И почитувајте ги своите родители. И давајте жмигавец кога вртите. И бањајте се редовно, не ладете лубеница со саати под чешма, не им се лигавете на шефовите, баталете јадење хамбургер во автобус, баталете ја козата на комшијата... И не се вадите на политичарите. Македонија е премногу важна за да им биде препуштена само на политичарите. Блазе си им на оние Илинденци. Тие требаа само Турците да ги напудат. А нас, милион работи нè чекаат.
И да, уште нешто. Кога ќе ви дојде да минете со правосмукалка, направете го тоа. Оти ќе ви остане за после. Така јас денеска се зезнав. Ура!
----------------------------------------
ДА ФАЌАШЕ ГОЦЕ МТВ
Их ама убаво си прославивме за Илинден годинава. Баш како што треба. Не рипајте, верувајте ми кога ви кажувам. Докажавме и пред себе и пред пошироката околина дека сè уште не бива. Па не сме од вчера бре, знаеме ние добро како се прави тоа. Организацијата не ја уби спонтаноста, а фала богу ни обратно. Инаку, или ќе ни се појавеше мурија на врата или присутните толку ќе збеснеа што јас пак ќе морав паркет да ставам. А за тоа и се собравме кај мене дома на втори август, да го сефтосаме паркетот. Сценариото се држеше до потврдените обрасци на маалската класика: почнуваш со жолта и со Клеш, завршуваш со шприцер и Филизо моме. Во меѓувреме ги офираш другарите пред нивните жени за бруките што ги правеле во младоста па после они тебе малку ти враќаат. Пуно шизи со жените, Зока слика, Перо сере дека само тој во цело друштво разбира што е поентата на техното, Ѓоза го убедува Бане да го батали Ниш и да се врати во Македонија, јас тоа истото и го викам на Марија за Германија...
Не ве интересира понатаму? Поштуем. А за официјалниот Илинден шо да ви кажуем. Читам деновиве по весници рецензии за прославата што во поново време се вика чествување. Што сè нема да научам од македонскиов... И сега, некои викаат дека било просечно, некои дека било на полошата половина од просечното. Не се заебавајте, супер беше. Инаку, со што ќе се замајававме во овие постчествувачки (големо извини до мојата тастатура) денови на август, чекајќи го следниот голем празник, празник тежок околу два милиона кила. Памтите, тоа е денот кога ја земавме судбината во свои раце и начисто се искилавивме.
Јас додуша, многу многу не ни очекувам од ваквите габаритни теревенки од општ карактер. Што се вика, однапред знаеш дека ќе биде срање. Кога се затекнав во Америка на нивниот 4 јули, сконтав дека тоа е така на сите меридијани. Официјалниот дел им е тешка соцреалистичка патетика од калиброт на Вељко Булајиќ, а неофицијалниот им е ист како и нашиот за втори мај: тури ќебенце и пафтај скара. Добро, ова нашево не беше ни патетика. Беше некако мусаво, недоречено, траљаво, бљутаво. Е добро де, зарем не е убаво кога нашите колективни карактеристики така верно ќе се пресликаат и на јубилејните манифестации?
Кога сè ќе соберам на купче, „плеј оф д деј" ми беше сторијата за Смилево. Елем, „по повод 100 годишнината од македонската државност во Смилево свечено беше пуштен во употреба ТВ предавател за да можат жителите на ова славно село без проблем да ги следат програмите на Македонската радиотелевизија!" Хиљаду ми репетитора, ви се верува ли ова вам? Смилево досега немало факинг телевизија!!! У мачку питерину, ние обожаваме да се жалиме како Србите ни се криви поради плочите на АСНОМ, Грците поради името, Бугарите поради презимето... Сè некој од страна ни е крив што не можеме да се исправиме. А ние, мочковци ни едни, досега не сме биле способни ни до Смилево да донесеме ТВ сигнал. Ма, ви се верува ли бре ова вам? И онда МТВ го покри настанов како да се работи за невиден спектакл од Кејп Канавералски димензии. Уаууу, стигна телевизија во Смилево. Многу сме јаки! Многу сме јаки!!! Да помислиш дека во селото ставаат бежичен бродбенд интернет, а не обичен предавател чија задача е на селаните да им овозможи непречено да гледаат лотарија и други програми од „јавен интерес". Ха! Ќе гледаат под услов да имаат струја. Па на сета мака, Стошиќка дури и им одржа говор на насобраните жители на кои дирљиво им порача дека иако се малку, МРТВ не ги има заборавено. Додуша, МРТВ ги има заборавено едно пола век ама дајте, немојте сега со ситници да го расипуваме славеничкиот подвиг.
Но, тоа не беше сè! Утредента се јавува репортерот на МТВ кој го покрива телевизиско Смилево за да извести каква е атмосферата таму. Илинден, ова-она. И вергла он рутински како амосферата е славеничка, како луѓето се горди што доживеале ваков јубилеј во слободна Македонија кога одеднаш пази ова – додава дека тие дента сепак биле видливо ненаспани и уморни. Што е па сега? – го прашувам телевизорот. Да не пиеле тоа сељаците пак ракија метиљавка, да не им надошло либидото по повод Илинден па до никое време ги буричкале своите домаќинки во постела мека бела? Јок, ми објаснува репортерот. Луѓето од Смилево тој ден биле поспани и кисели затоа што минатата вечер „до доцна во ноќта ги следеле програмите на МТВ". Хааааааааа! Ма стварно ве прашувам, ви се верува ли ова или јас сум нешто продуван? Давајте секира! Да одам Смилево, да сечам предавателот! Мајку му, што ти е МТВ. Прв ден почна да зрачи, а веќе ги направи луѓето неспособни, поспани и кисели. Да фаќаше Гоце МТВ никогаш немаше да загине во Баница. До ден денес ќе си седеше дома и ќе си гледаше Пацифик Драјв.
А богами добри беа и оние поети, наредени како дечиња во градинка, чекаат да му се наредат на микрофонот и да кажат по една своја песничка на тема Македонија. А и оние чадори со Кока Кола под кои чучеше нашето газирано но изветреано раководство. Фалеше уште само меѓу нив да се промува некое девојченце, да им презентира цигари и да ги тера да грепкаат ливчиња за награда. А богами и Боро не беше лош. Како нагази по тоа патеката, мислиш решил коските на загинатите да им ги испасира. Ама дефинитивно, „министер оф сили вокинг" годинава на Крушево беше Никола Груевски. Човече божји, кај кого учел тој човек да оди? Кај Аце Русевски? Бранко не го спомињам пошто не го разбрав до крај со оној негов карактерен фото робот. Рационалноста на Гоце, емотивноста на Даме, женственоста на Сирма... Не ни кажа од Али Ахмети што треба да земеме за да бидеме пасент. Кога сме веќе тука, богами и оние коњаници не ги разбирам. У онолкава чоја да се јавало среде лето. Па змија да те касне, стомачна киселина има да ја фати. Немале ли оние комитите некаква летна униформа? Нешто како чоја со кратки ракави, комитска чизма апостолка, востанички ранец – педеруша...?
Туку, се тешам со тоа што на 200 годишнината од Илинден ќе бидам оправдано отсутен. Немам јас нерви два пати за вакво чествување. Уште повеќе ме теши едно друго отсуство. Како што знаете, Турците сепак решија да ни го рентаат она црешово топче. Е сега, редно е и ние да им возвратиме со некој сличен гест. Така е, отидов јас на одмор! Бидете мирни и следете ги програмите на МТВ до доцна во ноќта.
Ух, што ве сакам кога сте ми кисели.
Трендо, Фокус, 2003-та