
Главните кандидати за нов канцелар на Германија пред изборите избегнуваа да им ги кажат на гласачите мачните вистини за војната во Украина, за неизбежното повлекување на САД од Европа и следствено - за нужните трошоци за одбрана.
Наместо за тоа, дебатата главно беше фокусирана како да се обнови разнишаната германска економија по две години рецесија и како да се контролира миграцијата, што ја засили поддршката за ултрадесничарската Алтернатива за Германија.
Лидерот на конзервативците од ЦДУ/ЦСУ Фридрих Мерц ги одмина темите за потребата за огромно задолжување за да се плати за зголемените трошоци за одбрана, бидејќи голем дел од неговите поддржувачи се против екстра долгови. Социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц ги избегнува дискусиите за испраќање германски трупи во Украина како дел од можниот европски контингент мировни сили ако се постигне договор за прекин на огнот, бидејќи делови од неговата политичка база или се антимилитаристи или се русофили. По итниот Европски самит за Украина во Париз, вознемирениот Шолц изјави дека е „крајно несоодветно“ да се зборува за „чизми на терен“.
Ниеден од „шпиценкандидатите“ да ја водат најголемата економија во Европа не се дрзна на домашните гласачи да им каже колку е очајна безбедносната ситуација на Германија, особено откако Доналд Трамп брка брз дил со Владимир Путин за да запре војната во Украина и да ги повлече американските трупи од Европа.
Никој не сака да биде фатен како ја зборува вистината пред изборите, вели Јан Техау, директор на консултантската група Евроазија. Во најлошото сценарио, ако Трамп го направи овој дил со Путин и ја подели Европа во сфера на влијанија, Германија е многу изложена.
За разлика од Франција и од Обединетото Кралство, Германија нема сопствена нуклеарна сила, а нејзините оружени сили се зарѓани и неопремени по трите децении разоружување по падот на Берлинскиот ѕид. Таа се мачи целосно да опреми бригада од 5.000 војници за да ги испрати во Литванија како дел од присуството на НАТО за одвраќање.
Шолц објави пресврт само неколку дена откако Русија во 2022 година изврши инвазија врз Украина и создаде специјален фонд од 100 милијарди евра за да купи одбранбена опрема. Но, тој не успеа да го надгради тоа и да ги убеди Германците дека времињата навистина се промениле и дека земјата мора да се ослободи од својата поствоена аверзија кон сè што е милитантно. Институтот за светска економија од Кил пресметал дека со ова темпо на Германија ќе ѝ требаат речиси 100 години за да се врати на војската и хаубиците што ги имаше во 2004 година.
„Дури и руската агресија против Украина не создаде чувство на итност во Германија, чувство дека времето за обнова на војската не е бескрајно“, забележува Томас Клајне-Брокхоф оф Германскиот институт за надворешни работи.
Кога специјалниот фонд ќе се потроши при крајот на 2027 година, ќе остави дупка во буџетот од 30 милијарди долари само за да се задржат издвојувањата за одбрана на актуелното ниво на НАТО од 2% од БДП. Дупката ќе биде двојно поголема за да се постигне целта од 3%, која ќе биде поставена во јуни. Ако Трамп почне да ги повлекува американските трупи од Европа, цената ќе порасне уште повеќе.
Мерц кажа дека ако победи на изборите, ќе почне да крати непотребни јавни трошоци и со скратување на даноци ќе задвижи економски развој, пред да посегне по позајмици. Тој најави дека е отворен за реформирање на уставната сопирачка за долгови, која сурово ги ограничува дефицитите, за да се отвори фискален простор за инвестиции во одбраната, дури и заеднички да се позајмува со европските партнери за опрема за колективна одбрана.
Конзервативниот фаворит го нападна Шолц поради отсуство на лидерство во ЕУ и најави дека ќе ги обнови нарушените односи со Франција и со Полска, ќе соработува потесно со Британија и ќе го води европскиот одговор на војната во Украина. За разлика од Шолц, тој би ѝ ги испратил на Украина одамна побараните проектили со среден дострел „таурус“, со кои може да се бијат цели длабоко во Русија.
Вистинските прашања сепак се дали го има потребниот политички капитал за да позајмува многу за одбраната и за да ја закрпи германската инфраструктура, дали ќе го има парламентарното супермнозинство потребно за да се демонтира сопирачката за долгови и колку длабоко ќе му дозволат неговите веројатни коалициски партнери од СПД да ја стиска социјалата за да плати за одбраната, пишува во Гардијан Пол Тејлор од Центарот за европска политика.