Денешната историска средба меѓу Папата Франциско и рускиот православен Патријарх Кирил на Куба е уште една шанса што Путин ќе се обиде да ја искористи во сопствена корист. Ова ќе биде прва средба меѓу римокатоличкиот Понтиф и рускиот Патријарх од Големиот христијански раскол во 1054-та година, кога теолошките разлики ја делат верата на Западна и Источна гранка. Од тогаш Православната црква во Русија се смета за единствената правилна форма на христијанство.
Речиси цел милениум оваа омраза изгледа несовладлива. Во модерно време, потребна беше закана од нуклеарна војна за да почне да се работи на поправање на врските меѓу Истокот и Западот - па дури и тогаш зближувањето беше пред се поттикнато од секуларните власти на Русија. Во 1963-та, советски премиер Никита Хручшов, посветен атеист, го испрати својот зет и советник на историскиот прием кај тогашниот Папа Јован XXIII.
Меѓутоа вистинскиот напредок доаѓа во 1989-та, кога советскиот премиер Михаил Горбачов се среќава со папата Јован Павле II, полскиот свештеник кој претходната декада своето папување делумно го базираше и на опозиција кон атеистичкото тоталитарно владеење на Советите. По падот на Советскиот сојуз односите почнуваат да се затоплуваат откако Борис Елцин го посети Ватикан во 1991-ва и 1998-ма. Сепак, противењето на Руската православна црква не дозволи Папата да добие покана за посета на Москва.
Односите меѓу Русија и Светата столица добија ново значење откако Путин стана Претседател. За разлика од официјално атеистичките Совети, Путин е близок со Православната црва, промовирајќи конзервативни социјални вредности дома и барајќи проширување на руското влијание во странство.
Во 2007-ма, Руската православна црква се обедини со отцепената Руска задгранична православна црква, која се одделува од матицата по Октомвриската револуција во 1917-та во знак на протест заради премногу блиските врски со Болшевиците. "Враќањето на единството во црквата е важен услов за враќање на изгубеното единство во целиот руски свет, кај кој православната вера отсекогаш била еден од клучните столбови," изјави Путин по повод обединувањето.
Средбата на Куба ќе му даде шанса на Путин да стане рускиот лидер кој го надгледувал почетокот на дијалогот меѓу Католичката и Православната црква. Важноста што тој му ја дава на овој настан се отсликува во самата негова неверојатност.
Сепак Путин и Кирил го предводат растечкиот анти-Западен анимозитет и ја свртеа Руската православна црква кон конзерватизам, национализам и нетолеранција. Патријархот (за кој се шпекулира да служел во КГБ) ја нарече војната во Сирија "света борба" додавајќи дека "денес нашата држава веројатно е најактивната сила на светот што ја води оваа борба." Наспроти него Франциско не само што го сметаат за прогресивен, кој дури одбива и лошо да зборува за хомосексуалците, туку тој повеќе пати повика и на мирно решение во Сирија.
Дозволувајќи да се одржи состанокот - а нема сомнеж дека Путин го дал својот благослов - рускиот Претседател бара религиозна валидација и политичка популарност. Состанокот исто така му дозволува да го нервира Западот, што тој го презира заради воведување на санкции против Русија заради конфликтот во Украина и за критиките на неговата интервенција во Сирија.
Одржувањето на состанокот во Куба е јасна калкулација. Имајќи ги предвид санкциите против Русија, Европа не доаѓа предвид. Меѓутоа Куба, каде Советскиот Сојуз обезбедува клучна финансиска помош во замена за ропската лојалност на Фидел Кастро, дава моќен потсетник за руското полагање право на глобалната релевантност.
Лидерите на островот никогаш комплетно не го отфрлија христијанството како што тоа го направи Советите, и во тек на изминатите 20 години Куба беше домаќин на три папски посети: Јован Павле II во 1998-ма, Бенедикт XVI во 2012-та и Франциско во 2015-та. Раул Кастро, братот и наследник на Фидел, веќе го има покането Патријархот на посета, за лично да се увери дека христијанството и комунизмот се компатибилни.
За Путин, состанокот не може да дојде во подобро време. Надолната цена на нафтата, драматичниот пад на вредноста на рубљата, тековните санкции, и се покрвавите слики кои доаѓаат од Сирија го оставија очаен за позитивни вести. А што е подобра шанса за публицитет отколку да го имаш викарот на Христос како стои до твојот близок духовен и политички сојузник?
Лекувањето на една од најстарите рани на христијанството е благороден чин. Меѓутоа кога Франциско ќе се сретне со патријархот на Путин, би било мудро да запамети една стара англиска изрека: "Тој што срка со ѓаволот, треба да има долга лажица."