Секако Украинците продолжуваат да доминираат на военото поле благодарејќи на супериорната мотивираност и масовната помош од Западот во пари и оружје. Тие се борат за преживување додека Русите се напуштени од стотици илјади кои се обидуваат да ја избегнат мобилизацијата.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски сега се соочува со заканата која отсекогаш демнеше од позадина. И таа доаѓа од неговите широкогради пријатели од Западот. Во ноември, советникот за национална безбедност на Џо Бајден, Џејк Саливен, се сретна со неговиот руски колега за „доверлив разговор“ кој администрацијата веднаш го протече како порака за Киев.
Тие веројатно разговараа за „компромисот“ што Џо Бајден би го истуркал по падот на Херсон. Секако Бајден „нема да им каже на Украинците што треба да прават.“ Меѓутоа, ишаретот е тешко да се утне. Ставањето во ред на својот клиент е она што големите сили го прават за да избегнат да бидат заробени во смртоносен конфликт, во овој случај со рускиот противник кој има изобилие на воен арсенал.
Тоа дека Владимир Путин ќе употреби нуклеарен арсенал никогаш не беше кредибилно. Почни со едно тактичко оружје и ќе завршиш со катастрофален стратешки дуел. Дури и во пред-нуклеарното доба, прускиот стратег Карл вон Клаусевитз предупредува против преземање на „првиот чекор без а се размисли кој ќе биде последниот.“ За време на Кубанската ракетна криза Кенеди препишува од Клаусевитз, „не е првиот чекор тоа што ме загрижува, туку ако двете страни ескалираат до четвртиот и петтиот, а не одиме на шестиот затоа што не останал никој.“
Ако Путин беше сериозен американското разузнавање ќе знаеше. Тие ќе забележеа дека нуклеарните ракети се вадат од нивните бункери за да се монтираат на камиони или авиони. Овие системи ќе се раздвижеа. Кодираната комуникација ќе беше над нормалата. Меѓутоа не завршува тука. Путин ќе треба да преземе стратешко осигурување и своите интерконтинентални ракети да ги стави во воена состојба. Неговиот ризик расте бидејќи САД ќе оди на ДЕФКОН 2: интерконтинентални ракети и балистички подморници ќе бидат подготвени за тргање за шест часа. Во оваа фаза, погрешна перцепција или пресметка би можеле да започнат стратешка војна.
Путин внимателно ги избегна овие чекори. НАТО го предупреди, па дури и неговите сојузници, Кинезите: „Не смее да се води нуклеарна војна“.
Сепак, заканите на Путин го вознемирија Западот. Кој би сакал да умре за Киев? Или да се смрзнува дур рускиот гас продолжува да капе кон Европа? Париз и Берлин од прв ден се обидуваат да посредуваат. Западните лидери можеби почнуваат да се уморуваат од војна по девет месеци. Во САД, расте републиканска опозиција на американската вмешаност.
Парадоксално, вознемиреноста е позитивна. Колку се поголеми украинските победи, толку ќе биде поголема руската одмазда. Меѓутоа стратешката реалност се движи против Киев. Во својот трет акт, овие храбри Украинци нема да можат така лесно да го повторат својот неверојатен напредок од вториот акт.
Зошто не? Затоа што Русите се повлекоа во утврдени позиции, и имаат корист од нивните кратки „внатрешни линии“. Да се избрка утврдена војска е далеку потешко отколку на отворено да се надмудри освојувач. Правило е дека треба 3 спрема 1 човечка надмоќ за да се надминат стапици за тенкови, бункери и заштитена артилерија во позадината. Бајден суптилно го алармираше својот колега од Киев: Време е почнеш да разговараш со Путин. Околу што, примирје? Околу прифаќање на руското грабање територија ја југоистокот пред нивната целосна инвазија на 24 февруари?
Ладнокрвните стратези би советувале: „Не толку брзо господине претседател!“ Прекинот на огнот секогаш е во корист на страната што губи. Пауза би им дозволила на Русите да ги консолидираат своите линии со свежа војска и опрема. Зошто тогаш Путин би го следел воздржувањето на Киев, наместо да почне да се подготвува за контра-офанзива за време на паузата?
Претходното руско однесување не ветува многу. По анектирањето на Крим и окупирањето на Донбас во 2014, Москва вети дека ќе го почитува примирјето на југоистокот и дека ќе го повлече тешкото оружје. Дека таму ќе го почитува украинскиот суверенитет и ќе се вклучи во политичкиот процес. Наместо тоа, Москва продолжи да го русифицира Донбас а потоа го нападна и остатокот од Украина. Неволен да ги вооружи жртвите, САД одговори со санкции по 2014. За Путин ваквото воздржување значеше: терај дур можеш.
Тоа што Западот треба да го постигне е да спаси невина нација од пустошење последен пат видено во Втората светска војна кога нацистичките армии систематски убиваа цивили. Секако хуманитарната должност не е сигурна водилка во државотворството. Сопствените интереси секогаш први доаѓаат.
Па ајде да погледнеме над моралноста и да размислиме за политичкиот императив. Во прашање е 77-годишниот европски поредок кој конечно успеа да се справи со силување и уништување. Правилото беше: ривалство и баланс да, империјални освојувања не. Русија на Путин е ревизионистичка сила со намера да го собори корисното статус-кво. Тој сака сертифицирана сфера на влијание во Источна Европа и оживување на старата советска империја, како што упорно продолжува.
Стратегијата е опортунистичка - туркај ги напред своите пиони онаму каде што ризикот е пресметан, како во Грузија, Крим и Донбас. Кој ќе биде следен ако попушти одлучноста на Западот? Да претпоставиме дека САД и неговите сојузници ќе го стават Зеленски под контрола со намалување на испораката на оружје. Кремљ ќе заклучи дека е безбедно да се уништува Украина со авиони, ракети и артилерија. Награда без никаква мака.
Ова е смртната дилема на Западот. Путин не смее да победи, но Зеленски не смее да победи премногу. Моментално, додека Украина напредува а Русија губи, преговорите нема да донесат трајно решение. Па како да се разбие оваа дилема?
Единствено лесно е само да се претстави принципот. Западот не им прави на Украинците еднострана услуга со тоа што им помага да го одвратат Путин. Нацијата исто така се бори и за заштита на скапоцениот европски систем од рускиот експанзионизам. Па Украина на големо ја враќа услугата со спротивставувањето на Путин. Таа исто така го брани и остатокот од Западот.
Целта не е Путин да се симне од тронот, нешто што можат да го направат само неговите луѓе. Туку тој да се освести и да е откаже од авантуризам на долг рок. Крим треба да се прифати како загубен. Меѓутоа прифаќање на останатите негови освоени територии во овој трет акт само би го охрабрило. На глобално ниво, внимателно следат и други амбициозни ревизионисти како Кина и Иран.