Поборниците за напуштање на ЕУ водат кампања базирана на страв од разузданата имиграција и каскада од претпоставени опасности - без разлика дали ќе бидат испорачани од брод или од бомба - за британскиот начин на живот. Нивните противници, кои сакаат Британија да остане дел од Европа, нагласуваат друг страв: стравот од губење работни места кои зависат од европската трговија.
Постојаното исфрлање слогани околу овие платформи покажува спротивставени погледи на светот. Реториката на поддржувачите на заминувањето, се повикува на духот на Денкерк во 1940 - сама нација, непробојна за освојувачките армади и армии, и секогаш жестоко независна од Европа.
Во теорија кампањата за останување се бори за поинаква Британија: која гледа кон надвор, активна и со меѓународно насочено размислување. Меѓутоа Конзервативната партија е горко поделена околу ова прашање, и голем број од нејзините најпроминентните говорници почнаа да се повлекуваат под огнот од непријателските евроскептични медиуми. Како резултат, тие често пати изгледа како да се залагаат за пола-внатре, пола-надвор однос со Европа - за Британија коа е полу-одделена, наместо комплетно вклучена. Позитивен, принципиелен, и прогресивен аргумент за британското членство во ЕУ допрва треба да чуеме.
Позитивните аргументи се најострите стрели во торбата на оние кои сакаат Британија да остане во Европа. Остварувањето на потребите и аспирациите на британскиот народ во 21-от век бара ослободување од минатото, прифаќање дека сегашноста е дефинирана од глобализацијата, и признавање дека иднината е полна со можности. Нашата се поголема меѓузависност ја покажува потребата за поголема меѓународна соработка и координација, а ЕУ го нуди токму тоа.
Бидејќи поддржувачите на заминувањето ја гледаат глобализацијата како слабост, тие бараат заштита и изолација, барајќи "контролата" да им се врати дома. Една неодамнешна, што не мора да значи и репрезентативна, анкета покажа дека 43% од оние кои сигурно ќе гласаат се залагаат контролата да се врати назад во Британија со тоа што ќе се напушти ЕУ - дури и ако минат финансиски полошо заради тоа. Само 23% не дале поддршка.
На случаен набљудувач може и да му биде простено што мисли дека е невозможно создавањето на пост-референдумски национален консензус за европската иднина. Меѓутоа има како да се оди напред. Мора да почнеме со препознавање на се повеќе интегрираниот и меѓусебно зависен свет, секоја држава треба да најде вистински баланс меѓу националната автономија што ја посакува и меѓународната соработка која и е потребна.
Британија не треба да избира меѓу две крајности: тотална автономија, која ја потценува потребата од соработка со нашите најблиски соседи, и комплетната интеграција во европската супердржава, која не успева да ја препознае непрекинатата важност на националните идентитети и носењето одлуки.
Прашање по прашање, има начин за напредување што би ги направил и Британија и Европа покомпетитивни, демократски и одговорни. Ако можеме да покажеме дека можностите, сигурноста и безбедноста можат да бидат подобрени во Европа - и дека можеме да бидеме горди лидери на реформите на ЕУ - тогаш британскиот консензус ќе почне да се појавува.
Земете ја економијата за пример. Со балансирање на автономијата и соработката, Британија би можела да создаде уште 500.000 работни места во текот на следната деценија. Бидејќи не го прифати еврото, Британија ја задржа автономијата за поставување на каматните стапки; меѓутоа интеграцијата во единствениот европски пазар донесе очигледни придобивки во однос на раст и вработување. Слично, ако Британија треба да ги предводи обидите за поставување на еднакви правила за дигиталните услуги, енергетиката, и услугите - посебно финансиските - ова може да осигура поголема конкурентност на Европа како целост.
Економските реформи можат да бидат само почеток. Британија може и треба да предводи агенда која се соочува со прашањето за енергетска ефикасност (преку енергетска и еколошка унија), фер даноци (преку план за справување со даночниот рај), и безбедност (преку зголемена прекугранична размена на податоци и претпазливост против тероризмот и нелегална имиграција).
Британскиот план за реформирана Европа треба да биде храбар и далековид, да ја препознава социјалната димензија на заедничкиот пазар и продлабочената пан-европска соработка во научните истражувања. Со прифаќање на реалноста дека повеќе можеме да постигнеме преку соработка отколку преку изолација, ваквиот план ќе биде на агендата за британското претседателство со ЕУ во 2017 и ќе донесе нова ера на поголема меѓу-гранична соработка и вклученост.
Би можеле да го искористиме овој момент на лидерство за промовирање на покооперативен пристап кон меѓународниот развој и решавање на конфликти, вклучувајќи и европски Маршалов план за Северна Африка и Блискиот Исток.
Британија има можност да биде во прв план во оформувањето на следната фаза од развојот на Европа. Последниот, пост-империски половина век, Британија се бореше да најде позиција која одговара на нашето чувство за судбина. Преку активна вклученост во Европа, ние можеме да покажеме дека сме повеќе од едната половина од специјалната врска со Америка, повеќе од една дваесетосминка од НАТО алијансата, и многу повеќе од само еден член од постојано растечката ЕУ. На 23-ти јуни, треба да демонстрираме дека иднината на Британија лежи во водење на Европа, а не во напуштање.