За да се изгради ова неокласична монструозност, која зафаќа цел предел од градот, убава област со по неколку векови стари куќи, цркви и синагоги, иселени се околу 40.000 луѓе. Над еден милион луѓе работеле на проектот без престан и дење и ноќе. Објектот речиси ја банкротира државата, и покрај тоа што поданиците на Чаушеску живеат без греење и струја во најголем дел од времето. Нејзиното одржување и денес чини над 6 милиони долари годишно, а и покрај тоа што во неа се сместени романскиот парламент и уметнички музеј, 70% од зградата и понатаму се неискористени.
Будалаштината на Чаушеску е споменик на мегаломанијата. Меѓутоа таа во никој случај не е уникатна, освен по големина (турскиот претседател се обиде да и конкурира со големината на неговата нова палата во Анкара). Навистина е неверојатно како мегаломаните од одреден вид исто размислуваат, или барем имаат ист вкус за архитектура. Планот на Хитлер за реконструкција на Берлин го отсликува истиот неокласичен гигантизам. Внатрешноста на палатата во Букурешт, нешто како Луј 14 стил на стероиди, е само поекстравагантна верзија на домот на Доналд Трамп во Флорида и Њујорк.
Овие места се резултат на тоа што се случува кога општествено несигурни аутсајдери сонуваат да бидат Кралот на Сонцето. Да се спомене Трамп во ист здив со Хитлер и Чаушеску веројатно не е коректно. Трамп не е тиранин што убива. И неговото општествено минато е покомплицирано.
Хитлер е син на низок службеник во царина, а Чаушеску на сиромашен селанец. И двајцата се чувствуваат дека се мали и провинцијалци во големиот град. Нивните начин на доминирање со пософистицираните урбани елити е насилна опресија врз нив и повторна изградба на градот според нивните грандиозни соништа.
И Трамп исто сака сè што го носи неговото име да биде поголемо и посветкаво од сè останато. Меѓутоа тој е роден во Њујорк и наследи значителна сума пари од татко му, Фред Трамп, градежник со донекаде сомнителна репутација. И пак, тој изгледа како да врие со презир против елитите кои најверојатно го гледаат него како прост амбициозен дојденец, со неговите апсурдни златни облакодери и рококо вили полни со позлатени столици и масовни лустери.
Модерниот популизам често пати се претставува како нова класна војна меѓу оние што имаа корист од глобализираниот свет и оние кои останаа заборавени. Симпатизерите на Трамп во САД и на брегзит во Британија, се, севкупно, помалку образовани од "естаблишментот" на кој се противат. Меѓутоа тие никогаш немаше да стигнат толку далеку сами од себе. Чајанката во САД ќе беше релативно маргинална појава без моќни поддржувачи и демагози. А тоа обично се ново збогатени луѓе кои ја споделуваат горчината на нивните следбеници.
Ова беше случајот и во Италија, каде премиерот Берлускони, чие минато е речиси идентично со она на Трамп, успеа да допре до соништата и омразата на милиони луѓе. Популистичките движења во другите држави покажуваат сличен шаблон. Во Тајланд, бизнис тајкунот Таксин Шинаватра, син на ново-збогатен татко како и Берлускони и Трамп, се кандидираше против општествените и политички елити во Бангкок, станувајќи премиер со поддршка од гласачите од провинција и од руралните делови од земјата, пред да биде соборен со воен удар. Во Холандија, новосоздадена класа на могули за недвижности го подржаа десничарскиот популист Пим Фортујн, и неговиот посуров наследник, Герт Вилдерс.
Ново-збогатените се важна сила во подемот на популизмот исто како и посиромашните и помалку образованите луѓе кои се чувствуваат запоставени од елитите. И покрај огромната нееднаквост во богатството тие делат длабок гнев кон они за кои мислат дека ги гледаат од високо. И не дека целосно грешат. Без разлика колку палати или јахти можат да купат новите пари, старите пари и понатаму ќе го презираат купувачот. Исто така образованата урбана класа има тенденција да ги смета гласачите кои го подржуваа брегзит или Трамп како глупи или необразовани.
Токму оваа фузија на презир што ја чувствуваат ново-збогатените исто како и оние што се заборавени, е главниот погон на десничарскиот популизам. Во екстремни околности, ова може да резултира со диктатура, со тиранин кој е слободен да ги остварува своите бизарни фантазии на трошок на милиони под нивна контрола.
До сега, во Европа и САД, демагозите можеа само да послужат соништа: земање на државата во свои раце, нејзино враќање на старите патеки, и слично. За да се спречи ваквите соништа да станат политички кошмар, потребно е нешто повеќе од технократска експертиза, или повици за учтивост и умереност. Гневните луѓе не можат лесно да бидат разбудени од разум. Нив треба да им биде понудена алтернативна визија.
Денес проблемот, низ целиот свет, е таков што алтернативата не е веднаш достапна при рака. Француската револуција се случи пред повеќе од два века. "Слобода, еднаквост и братство" денес е само историски слоган. Ова може да е добро време за тој да се апдејтира.
Иан Бурма
професор по демократија, човекови права и новинарство