„Не сум бил и сега не сум ниту горд ниту пак се срамам од мојата сексуална ориентација. Сметам дека е тоа небитно и би сакал и сите други да се чувствуваат така“, пишува британскиот сценарист Герет Робертс (познат по серијата „Doctor Who“), кој не сака да прави драма околу својата хомосексуална ориентација.
Првпат бил на Прајд уште во 1986 година, на негови 16 години. Тогаш тоа бил настан на едно место во едно попладне, не едномесечна епопеја за која пишуваат сите медиуми. А тоа време беше лошо да не се биде хетеросексуалец. Сидата беше во најјака кондиција а медиумите полни со ситење околу смртта на млади луѓе.
Но уште тогаш на Робертс му бил чуден тој концепт.
„Геј прајдот ми се чинеше како дефанзивна и реакционерна рамка која промашува клучна точка за правата на хомосексуалците. За тие да имаат целосни права како граѓани и да бидат третирани исто како и сите други, треба да бараме „рамнодушност“, така? Знам, не е тоа најинспиративниот апел за мобилизација“.
Тој забележува дека парадите на гордоста метастазираат во раните 2010 години и стануваат помпезни, гротескни и неиздржливи. Тука е постојано апдејтираното знаме со боите на виножитото (по најново има стрела и чадор), бескрајното додавање букви во акронимот ЛГБТ+, специјализирани „прајд производи“, од вода за плакнење уста до десерти за мачки, што често е фин повод за екстра профит (види тука).
Се штанцаат изјави и пораки за солидарност, од твитер, преку полиција па до англиската фудбалска репрезентација на која нема да ѝ пречи што за некој месец ќе шутираат топка во земја кадешто хомосексуалноста е забранета а стадионите се изградени со робовски труд.
Робертс се прашува како функционира она додавање елементи на 'официјалното' знаме на 'прогресивната гордост'? „Постои некој Синод кој решава за тоа? Никој не знае. Тие едноставно се материјализираат, носени од брановите на американската академска сцена, како и многу друго културолошко ѓубре. Во споредба со ова, Ватикан е модел за транспарентност“, вели тој Робертс.
„Вие, стрејтери, ставете со наша кожа. Помислете како би се чувствувале кога секое спомнување на вашата сексуалност би покренувало лавина истовремени славења и извинувања, како што прават алкохоличари. Бестрага со Гордоста. Тоа е корумпиран и лицемерен резил“, пишува британскиот автор.
Вели, последен пат бил на Прајд во 1990 година. Памти дека тогаш добил труење со храна. Од тогаш му се гади.