За Големиот брат

Палење на карневалот

Верувањето дека укинувањето на риалити форматот ќе го реши проблемот за кој се товари потсетува на ритуалот на палење на карневалот, на кој заедницата му ги припишува сите свои проблеми. Укинувањето на Големиот брат има смисла ако се согласиме и на укинување на самите нас. Затоа што Големиот Брат пред сè е наше (цивилизациско) огледало, објаснува Санди Благониќ.

Нема нешто за кое патронизирачките либерали повеќе ќе им замерат на вечно поводливите и инфантилни сиромашни, како на нивниот низок вкус. Во оваа своевидна културолошка војна практично не престануваат кампањите против преференциите на мнозинската публика. Така, на пример, многу брзо, откако се појавија, започна војната против ТВ сапуниците бидејќи тие се обичен шунд и забава за домаќинките, без поголеми естетски нутритивни вредности. Па резидентниот критичар на Јутарњи Лист своевремено од мака се досети, односно предложи против турските сапуници да се бориме со истовидна домашна продукција: тоа нам, наводно, ни дава немала шанса регионално да доминираме на темата, што од една страна би била некоја форма на културен империјализам, а од друга до некаде би се анулирала штетата од сличниот телевизиски увоз.

Исто така, не престануваат приговорите за тоа како осиромашената класа во непропорционално голем број се храни во МекДоналдс, а многу добро се знае, нели, дека нутритивните вредности на хамбургерот, баш како и на ТВ сапуниците, се мизерни. Не е важно што оваа храна е евтина, па затоа е и широко достапна, и на крај, вкусна. Важна е само лажната грижа. Понатаму, на големо се тажи над лошиот вкус на домашната читателска публика, бидејќи со масовно читање на "Педесет нијанси сиво" сите заедно ќе завршиме во културна апокалипса. Тоа што мнозинството од аудиториумот кој чита лесни четива, гледа евтини ТВ шоуа и се храни со фаст-фуд воопшто дошло во ситуација да биде во постојана беспарица, трајно осиромашено и како такво социјално изолирано, па во својот културолошки избор осудено на осаменичко гледање на риалити бидејќи нема повеќе средства, тоа шунд-комисијата, и тоа како, не ја интересира. Односно, не ги интересираат условите на создавање на новиот тип на аудиториум и во осудите останува на згрозување.

Во риалитито може да се најде "простор за невозможни општествени комбинации." Во него се возможни трансродни, транснационални, а неретко и транскласни релации: на некој начин инклузивноста во нив е стандардна, па би можеле да кажеме дека реалните шоуа афирмираат виталност.

Во вечната борба против нискиот вкус споменатата елитистичка комисија за шунд од неодамна, сосема очекувано, на нишан ја зема и новата сезона на регионалниот Голем брат. Еден од првите приговори на овој тип на емисии е мрзливоста на учесниците. Така еден новинар се жали дека "гледаме куп невработени Балканци, лесномислени, мрзливи, лажливи, умислени и горе-долу несклони на заедницата да и придонесат со што било вредно за паметење. Тоа што се затворени во белградски парк, до сега е нивен најголем успех." Замерката за малку е во ранг на расистичките приговори кои од центарот на Европа стигаа на сметка на "мрзливите Грци".

Нам пак, ни се чини дека на исто место со сите оправдани критики на сметка на риалити (мачоизам, сексизам, простаклук од сите видови и сл.), можат да се најдат и "пространства за невозможни општествени комбинации" како што по еден друг повод изјави драмската писателка и критичарка Олга Димитриевиќ. Во нив се возможни трансродни, транснационални, а неретко и транскласни релации: на некој начин во нив инклузивноста е зададена, па би можеле да кажеме дека реалните шоуа афирмираат виталитет. Може дури да се зборува и за специфичниот однос меѓу работата и безделничењето - имено, во време кога работата се претвора во притисок и е потполно алиенирана, повторно се актуализира она на Маркс дека "работникот се чувствува при себе дури надвор од работата, а во работата се чувствува вон себе. Кога е дома не работи, а кога работи не е дома." Шоуто нуди некој облик на бегство, некој облик на трансцендирање над капиталистичкото општество во кое доминира светот на работата, а која, тоа го знаеме, се доживува исклучиво како свет на неслобода - наместо тоа, шоуто нуди некаков свет на безделничење. Нели е тоа, во рамките на овој жанр, своевидно белеење на јазикот на доминантната идеологија бидејќи наместо вишок профит - што е главен закон во надворешниот свет - во Големиот брат се произведува само вишок излежувања.

Со прашањето за карактерот на (не)работата и безделничењето во куќата на Големиот брат, му се обративме на Санди Благониќ, етнолог и културен критичар, кој своевремено беше ко-автор на книгата за првиот Голем брат во екс-Ју, "Сто дена пред екранот". Нашиот соговорник понуди уште едно интересно четиво:

"Тезата, секако интересна, не' потсетува на онаа позната реченица на Ленин за подготвеноста на капиталистот да го продаде јажето со кое ќе го обесат. Меѓутоа, покрај ваквата субверзивност, можно е и следното: учесниците, барем така беше во претходните сезони, се врзани со договор и платени според деновите минати во куќата. Тие, за неголем паричен износ, се согласуваат да живеат во ограден простор без контакт со надворешниот свет, под постојан надзор од камери, односно Големиот брат, во заеднички спални и со многу мала приватна сопственост, значи во услови од тоталните институции на Хофман. Во оваа смисла, наместо на 'безделничењето' во Големиот брат да се гледа како на субверзивна содржина, може да се тврди спротивното: дека е во прашање прекаријат, кој во овој случај, е вработен 24 часа дневно на сценирање безделничење во прајмтајм. Овој прекаријат, освен што е подготвен за малку пари да ја продаде сопствената интима, се надева - а тоа е и негова главна мотивација - на слава и пари кои доаѓаат со неа. Меѓутоа тоа е само своевидна верзија на американскиот сон од 21-от век. Овој сон за најголемиот дел од учесниците ќе остане неодсонуван: учесниците, по 15-минутната слава, ќе бидат медиумски соџвакани, плукнати и вратени во анонимност," објаснува Благониќ.

На ова треба да се додаде дека овој големобратски прекаријат, како и оној правиот во т.нр. вистински свет, ниту е синдикализиран, ниту има право на боледување или годишен одмор, а уште е и недоволно платен. На продуцентот ваквата работна сила, за разлика од правите телевизиски работници и глумци, многу му се исплати. Така учесниците стануваат работнички репозиториум, магацин во кој во секој момент може да се посегне по евтина работна сила.

Дека формата на Големиот брат е погодна за најразлични толкувања говори и сега веќе дамнешна уметничка акција на германскиот анфан терибл Кристоф Шлингензиф, кој во 2000-та во рамките на виенската недела на културата го направи трудот наречен "Аусландер раус! Шлингензифов контејнер" и на тој начин го коментираше тогашниот политички раст на десничарот Јерг Хајдер и неговата Партија на слободата, која како второпласирана на изборите во 1999-та влегува во коалиција со третопласираната Народна партија, што доведува до санкции на ЕУ спрема Австрија. Имено, Шлингензиф во својот контејнер на 6 дена затвора 12 имигранти и ги повикува граѓаните на Виена секој ден да гласаат и да изберат кои двајца имигранти дента ќе ги депортираат. Победниците, двајцата кои остануваат последни, ќе добијат дозвола за престој. На контејнерот беа поставени плакати со изјави од Хајдер, како "Во Австрија има 300.000 невработени и 300.000 ауслендери!", "Виена не смее да стане Чикаго!","Општеството кое своите основни вредности не ги темели на заедништво неизбежно завршува во хаос!" Поставен на фреквентна виенска улица, контејнерот беше место на секојдневни судири меѓу левицата и десницата, а на крај организаторите преборија дури 800.000 телефонски повици. Доаѓа и до неочекувани пресврти во разбирање на уметничката провокација, па една вечер виенските антифашисти во својата преревносност организираат ослободување на имигрантите, не сфаќајќи дека станува збор за уметничка акција.

Во скорешната инстанца на регионалниот Голем брат во центарот на вниманието е ромското семејство Васиќ. Не' интересираше дали нашиот соговорник смета дека намерата на продуцентот е очигледна, односно дали кон нив се премеруваат ставовите за толеранција.

"Не се согласувам дека намерата на продуцентот, барем не онаа примарната, е кон нив да се премерат, како што велите, ставовите за толеранција. Големиот брат може да се согласи да промовира или испитува толеранција, ако тоа му е од драматуршка корист. Со други зборови, ако тоа го наплати. Да ја направиш видлива најмарагинализираната заедница, ромската, може да има добри придобивки, меѓутоа најнапред треба да бидеш скептичен кон досегот на овој (изолиран) гест. Попрво семејството Васиќ би можело на некој начин да биде наш (со медиумско посредство) ромски пријател, оној пријател на кој неодамна, и тоа Бошначки, повикуваше Нино Распудиќ во настојувањето јавно да ја докаже сопствената (националистичка) отвореност. Проблемот е што Распудиќ, освен некое елементарно знаење за навиката на нацистите за истакнување на пријателство со покојниот Евреин, го заобиколиле и неодамнешните истражувања кои потврдуваат дека искажувањето пријателство кон хомосексуалците или етнички поинаквите токму е знак на она што сака да маскира: сопствените предрасуди," објаснува Благониќ.

Меѓутоа, што е она што ги привлекува гледачите да следат вакви емисии? Жељка Курјачки, психотерапевтка од Нови Сад, за медиумите за ова изјави:

"Реалните емисии се направени да бидат интересни. Од изборот на луѓе кои ќе учествуваат до поставувањето на задачи во нив, се' во овие емисии е направено за да обезбеди многу шокантни ситуации, кавги и плачки. Можноста јавно да се случи нешто возбудливо, дали кавга, тепачка, прељуба или секс, ги привлекува гледачите. Од исти причини сакаме да ги гледаме фрлачите на ножеви во циркус: не го гледаме само за да се воодушевуваме на неговата вештина туку затоа што ги фрла околу својот асистент и постои можност да го погоди. Љубопитноста е дел од нашата природа и сакаме да видиме како познатите се однесуваат кога немаат вежбан настап. Ако се работи за анонимуси, не се бираат обични, просечни луѓе, туку оние најшареноликите, најнеобичните и најгласните, кои ќе осигураат многу галама и солзи за време на емисијата."

Во овој момент десните либерали во соседната Република Србија организираат собирање потписи за прекинување на емитувањето на Големиот брат. Во Хрватска се огласи детската правобранителка, бунејќи се за раниот термин на емисијата со многу несоодветни содржини. Паралелно со ова, јавните интелектуалци, еден по еден, горе-долу веќе дадоа отчет за штетноста на ваквиот тип на телевизиско шоу. Така еден вели: "Тоа Голем Брат е јад и беда. И по изборот на учесници и по концепт е под нивото за гледање."

"Верувањето дека укинувањето на риалити форматот ќе го реши проблемот за кој се товари потсетува на ритуалот на палење на карневалот, на кој заедницата му ги припишува сите свои проблеми. На оваа симплифицирана и затоа примамлива идеја треба да и се спротивстави следната теза: укинувањето на Големиот брат има смисла единствено ако се согласиме и на укинување на самите нас. Затоа што Големиот Брат пред се' е наше (цивилизациско) огледало. Во темелот на напорите да се забрани стои мрзливото, наивно верување дека со отстранување на ова огледало ќе исчезне и нашиот грд лик, лик на култура која слави површност и баналност, сето она што го мразиме, ама секојдневно, барем на Фејсбук, го прави кога талкаме на дестинации и фуд-порн фотографии, додека сопствените торзоа ги славиме со лајкови од 'пријатели' претворени во најобична Голем брат публика," заклучува Благониќ.

Фактот е дека ова телевизиско шоу успева да ја исполни нашата желба за бег од светот на рутинизирана анонимност во магичниот свет на славните, во кој многумина имаат шанса барем на момент да бидат поинакви и посебни, без разлика колку тоа во риалити верзијата е извртено и колку и да е очигледен цинизмот на продуцентите. Тоа дека проблемот на алиенација не успева да го реши политичка партија, додека во исто време некои извртени решенија ги нуди некое ТВ шоу, помалку зборува за риалитито а многу повеќе за актуелната политичка ситуација во која мотивацијата организирано дејствување е занемарливо ниска. Од друга страна, на некој исто така ексцентричен начин, риалитито за публиката е место на кое слободно се пресудува за (а)социјалното однесување на учесниците - се наградуваат добрите, се казнуваат прекршителите. Впрочем, публиката - бидејќи ќе ги сослуша сите дискусии и до детали ќе анализира одредени потези на учесниците - самостојно и без надворешно патронизирање, како некаква порота, на крај секогаш без грешка ќе го награди токму оној кој тоа го заслужил со своето однесување.

Раде Драгојевиќ
Новости

8 октомври 2015 - 13:08