Лошите вести се: Земјата малку е сред хаос. Добрите вести се: се уште има цел Универзум за луѓето да го уништуваат. И благодарејќи на генијалноста на неколку милијардери опседнати со вселената, ова може да се случи побрзо од очекуваното.
Во среда Спејсикс на Елон Маск од американско тло ќе лансира (освен ако не се одложи заради лошо време) астронаути во орбитата; ова е прв пат вакво нешто да се случи во последниве девет години. Тоа е мал чекор за човекот, но џиновски чекор за комерцијалната вселенска индустрија. Ние сме на почеток од нова ера на приватизирано, главно поддржано од милијардери истражување на вселената. Маск го има Спејсикс; Џеф Безос го има Блу Ориџин; Ричард Бренсон го има Вирџин Орбит.
За некои луѓе милијардерите со големи ракети се многу инспиративни. На пример новинарот за вселена на Аксиос, напиша „Ако Спејсикс може да го изведе својот прв лет со екипаж... тоа ќе биде зрак на надеж во инаку мрачниот период за светот.“ Ме интересира, надеж за кого? Светската банка проценува дека меѓу 40 и 60 милиони луѓе ќе паднат во екстремна сиромаштија (ќе заработуваат помалку од 1,9 долари на ден) во 2020, благодарејќи на ковид-19. Каква надеж, точно, носи лансирање ракета во вселената кога не можеш да ставиш храна на маса?
Секако, истражувањето на вселената не е така проста математика. Можеш да решаваш проблеми на Земјата додека истовремено се обидуваш да го прошириш човековото разбирање за Универзумот. Но, голем број милијардери изгледаат позаинтересирани за колонизирање - и профитирање од - вселената, отколку во тоа да го направат животот по поднослив за нивните вработени. Минатата година, на пример, Безос ги укина бенефициите на 2.000 вработени со скратено работно време во неговите продавници во Хол фудс, што му спаси милион долари. Тоа го направи откако се пофали дека е толку богат „што единствен начин на кој можам да ги ангажирам овие финансиски ресурси е... патување во вселената.“
Сериозно, ако мислиш дека милијардерите ја истражуваат вселената за доброто на човештвото, тогаш имам мост на Марс што би сакала да ти го продадам. Тие го прават ова за своето его и за комерцијалните можности. Тие го прават ова бидејќи мислат дека тие, прилично буквално, се господари на универзумот.