Српската медиумска елита истрауматизирана од владеењето на Слободан Милошевиќ, веќе над 20 години заговара приватизација на медиумите во надеж дека плурализмот на информации, слободата во известувањето и сеопштата грижа за јавниот интерес ќе процветаат во изведба на некакви идеал-типски новинари изникнати од учебниците по новинарство. Водени од повикот на либералната демократија и транзициониот наратив за "пристојно општество" од Западот, новинарскиот еснаф го усвои пазарниот правец прецизно сведен во догматскиот став на професорот по радиско новинарство Раде Вељановски дека "статусот на јавно претпријатие е најлошиот статус за еден медиум."
На 15 години по фамозната "Петооктомвриска револуција" и "правиот" почеток на транзицијата (иако транзицијата започнува и пред доаѓањето на Милошевиќ на власт), дерегулацијата се врати како "backstabbing бумеранг", придонесувајќи - пази чудо! - кон непосакувана "комерцијализација, таблоидизација и намалување на кредибилитетот на информативните медиумите, намалување на уделот на аналитичкото и истражувачкото новинарство... и почитувањето на етички стандарди", како што вели истражувањето на Медиумската опсерваторија за југоисточна Европа. Откако последниот бран на приватизација ги исчисти локаните медиуми, и доведе до отказ на преку 1.000 вработени, а државно-партиската контрола на медиумите ја трансформираше во пазарно-партиска контрола, измачениот новинарски еснаф лишен од концептуален наслон, остана во ситуација во која нема кого да криви за ваквата состојба - имено, и државата и пазарот "го продадоа".
Секако, како и обично, работите се многу посложени од обичната дихотомија меѓу пазарот и државата, бидејќи контролата на медиумското поле се одвива преку синергијата на меѓусебно поврзани концентрациони обрачи на огласувачи, приватни сопственици на медиуми и партиите на власт, правејќи ја традиционалната грижа за јавниот интерес за новинарот на исто ниво на тежина како и циркуска акробација со голтање оган, жонглирање со отровни змии и прескокнувања бодликава жица - истовремено.
Во Србија фамата за "излегување на државата од медиумите" почнува во 2002 година, а процесот официјално е завршен кон крајот на 2015. Од 73 медиуми кои излегле на пазарот, приватизирани се 34, згаснати се 20, кај два медиума е променета дејноста, а 16 добија можност да се приватизираат со пренос на капиталот без надомест. Меѓутоа многу позначајна од квантитативната е квалитативната анализа на сопственичката структура на приватизираните медиуми која покажува јасен тренд на концентрација на медиумската сопственост во рацете на луѓето/семејствата блиски до владејачката партија. Исто така, фактот дека мнозинството нови сопственици нема никакво искуство со медиумите, го разголи разбушавениот приватизациски наратив за поголемата медиумска слобода и го сведе на она што суштински и è - "ништо лично, ова е бизнис".
...
Меѓутоа концентрацијата на медиумската сцена во Србија заедно со комерцијализацијата, намалувањето на разноликоста на содржините и негрижата за јавниот интерес, не треба никого да го чуди. Тоа е сосема вообичаен резултат на производството на медиуми во капитализмот, а и на медиумското производство во капитализмот. Пресликувањето на економско-политичката моќ во медиумското поле преку пазарниот филтер е наследено во самиот тој процес на филтрирање, т.е. е моралистички излив на жалење од страна на чуварите на српската новинарска бакља над ваквиот исход од "излегување" на државата од медиумите кој е комплетно промашен и унаказен со провинционализам неспособен за воочување на пошироката слика за функционирање на глобалната економија.
Медиумската сцена со "човечки" лик на Радоица Милосављевиќ (соработникот на кумот на Вучиќ кој купува осум локални телевизии), со динамика на риалити програма и Вучиќ кој излегува од фрижидер, не е никакво исчашување или отстапување од "правиот капиталистички натпревар", туку негова сосема легитимна реплика. Како што се и повеќемесечниот таблоиден натпревар во лешинарење околу убиената пејачка Јелена Марјановиќ, отпуштањето на новинарската "икона" Оља Бечковиќ заради "комерцијални причини" и "медиумскиот молк" околу рушењето во Савамали, само израз на широкиот општествен консензус околу идеологијата на дерегулација и либерализација на медиумскиот сектор. Тука монополот не е фалинка, туку крајна цел на капиталистичката игра, бидејќи тој обезбедува поголем пазарен удел, овозможува пониски трошоци и подобра преговарачка позиција, а тука јавниот интерес никаде го нема. Исто така, медиумското стравовладеење на СНС не е никаков "несреќен исклучок," туку резултат од правилата на игра во која булументата ботови на "напредњаците" само вози по добро разгазената патека на Демократската партија - со малку посилен стисок на гасот.
Меѓу чеканот на прождерливата партиска машинерија и наковалната на приватниот капитал кој доминира со медиумското производство, дистрибуцијата и потрагата по реклами, просторот за маневар за "watchdog" новинарство е некаде меѓу импровизации и проектен грант. Со така шизофрена структурна позиција во медиумското поле, истоштениот новинар нема премногу опции. Во ситуација кога цената на новинарската работа е на историски минимум, кога илјадници медиумски работници остануваат без работа во редакциите кои стануваат се помали, но и позафатени, и кога новинарот за да стигне до "јавниот интерес" мора да се пробие низ мрежата на државната власт, комерцијалниот притисок од сопственикот и огласувачот - идеалот за новинарот од учебникот од почетокот на текстот делува како лоша шега.
Парадоксално, олеснителната околност кон промената на либералната хегемонија во српските медиуми може да биде авторитарниот лик на неолибералниот премиер на Србија кој "не е еден од нас, ниту некогаш ќе биде" и кој предизвикува инает, презир и гадење кај ситнобуржоаската професија. Ако не тоа, тогаш - јебига - објективно ниска класна позиција на новинарската струка во неолиберализмот, кркорење на цревата и реална закана од изумирање.