На сопствена штета го игнорираме цензурирањето од технолошките џинови

Радоста од глетката на сериски блокираниот Доналд Трамп ги заслепи левичарите пред заканата што ја доаѓа од Силициумската долина.

Најголемиот трик на автократите е да ги убедат своите поданици да се радуваат на сопственото потчинување. Во текот на изминатата недела видовме како самопрогласени „левичари“ им аплаудираат на мулти-милијарди вредни корпорации затоа што ги засилиле своите правила за цензурирање и својата одлучност да ги контролираат параметрите на прифатлива мисла и говор. Силата на чувствата кон Доналд Трамп - секако, целосно разбирлива - значеше дека неговото перманентно банирање од сите големи социјални платформи ќе се третира како победа за прогресивните вредности. Инстинктивното чувство на задоволство што доаѓа од тоа да го гледаш замолчен сопствениот непријател, заслепи многумина да не можат да ја видат големата слика. Ова се имбецилите кои зјапаат во прстот додека мудрецот покажува кон месечината.

Секој кој деновиве потрошил време пробивајќи се низ мочуриштето наречено Твитер запознаен е со вообичаената мантра - „Твитер е приватна компанија и може да прави што сака“, „Трамп ги наруши правилата на користење“, „Трамп поттикнуваше насилство“, „Цензура може да биде спроведена само од власт“ - и сите тие се употребени како начин за оправдување на уживањето во шаденфројде. Како гласен критичар на Трамп, за мене би било многу лесно да се приклучам кон хорот на одобрување и да ги надополнам честитките кон Џек Дорси и Марк Закерберг за заземањето на став против претседателот чие однесување беше секакво освен претседателско. Сепак да го направам тоа би било себе-поразувачки. Цензурата од технолошките џинови ќе биде едно од најважните прашања на нашето доба и за сите оние на кои се уште им е грижа за нашите слободи со право се претпазливи.

Ајде да ги разгледаме заблудите една по една. Технолошките џинови на Силициумската долина функционираат како колективен олигопол врз денешниот пандан на јавниот плоштад. Социјалните мрежи не само што се доминантниот форум за политичкиот и културолошки дискурс, туку често пати се тест полигон за идеи кои подоцна стануваат владини политики. Преку овие платформи, политичарите можат да го мерат јавното расположение и соодветно да одговорат. Еден таков пример од илјадниците е Критичната расна теорија која успешно беше трансформирана од ниш тема во општо оспорен академски напор за формирање на основата за меинстрим образовна и менаџерска пракса благодарејќи на влијанието на социјалните медиуми.

Овој тип на корпоративни олигополи се точно причината зошто во слободната економија постојат антимонополски закони. Општо е прифатено дека приватните компании е веројатно дека ќе ги искористуваат своите потрошувачи кога нема да има конкурентни алтернативи. Начинот на кој технолошките гиганти се координираа за да им оневозможат на корисниците пристап до Парлер, конкурентска платформа создадена во 2018, покажува до каде тие се подготвени да одат за да се осигураат дека нивната доминација на пазарот ќе биде апсолутна. Ова беше оправдано со фактот дека одредени профили на Парлер отворено повикувале на насилство, и дека самата компанија не ги отстранила таквите содржини, иако истото може да се каже и за самиот Твитер. На пример, и покрај голем број поплаки од поборници за човекови права, Твитер го нема отстрането твитот на Али Хамение, врховниот лидер на Иран, кој повикува на целосно збришување на Израел. „Правилата за користење“ на сајтот се толку неконзистентно спроведувани што тие се речиси безначајни.

Едноставно не држи ни аргументот дека корисниците кои не се среќни со такво арбитрарно цензурирање можат да одат на друго место, посебно кога технолошките џинови можат да го задушат секој зрак на конкуренција. Незадоволен гостин во ресторан, гневен што открил бубаче во своето рижото, може да најде алтернативно место за вечера. Истото не може да се каже за социјалните мрежи, каде концентрацијата на моќ е толку голема што законите на слободниот пазар престануваат да важат. Реалноста на дигиталното доба е дека главните канали на јавен дискурс се контролирани од милијардери кои ниту се избрани, ниту одговараат пред кого било, а имаат многу поголемо политичко влијание и сила од која било голема светска сила.

Можноста за интернет Повелба за човековите права е малку веројатно дека ќе биде разгледана од Демократите затоа што технолошките џинови се порамнети со нивните вредности. Ова е грешка затоа што онлајн цензурата на крај ќе влијае врз сите, без разлика на нивната политичка припадност. Замижувањето од страна на администрацијата на Трамп значеше дека тој го завршува мандатот со се уште активна заштита за технолошките џинови според членот 230 од ЦДА (Communications Decency Act) кој беше воведен во 1996 за компаниите да можат да ги модерираат постовите на корисниците без притоа правно да бидат дефинирани како издавачи. Ова беше посебно важно кога во прашање беа он-лајн коментарите, каде би било неправично он-лајн медиумите да се сметаат за одговорни за нелегални содржини аплоудирани од нивните корисници.

Иако заштитата по оваа основа е неопходна, законот лесно може да биде коригиран за оваа заштита да важи само за нелегални содржини. Тоа би значело дека платформи како Твитер и Фејсбук не би можеле едноставно да бришат постови само затоа што не се согласуваат со нивната содржина или затоа што ги сметаат за навредливи. Честата пракса на банирање на родово-критични феминистки, на пример, покажува дека технолошките џинови со задоволство се зафаќаат со уредување дури и кога не е прекршен никаков закон. Ако тоа е начинот на кој овие компании сакаат да се однесуваат, тогаш тие треба правно да бидат дефинирани како паблишери и да бидат одговорни за сите содржини на нивните сајтови како и сите други медиуми.

Дебатата околу тоа дали Доналд Трамп поттикнувал насилство е нешто што ни треба, меѓутоа таа е само дистракција од многу поважното прашање за тоа како социјалните мрежи го стеснуваат Овертоновиот прозорец во согласност со својот конкретен светоглед. Во време кога најголемиот дел од јавниот дискурс се случува онлајн, повеќе не држи аргументот дека цензура може да спроведе само држава. Потребни ни се многу повеќе проминентни гласови и на лево и на десно да застанат зад слободата на говорот и да најдат начин да се заузда моќта на технолошките гиганти. Тие не се ангели чувари кои се грижат за нашиот интерес, туку алчни корпорации со идеолошка агенда. Ако им аплаудираме дур ги цензурираат нашите противници, нема да имаме право да се жалиме кога и нас ќе не замолчат.

Ендру Дојл,
Спајкд

21 јануари 2021 - 15:22