На што ќе личеше 5 октомври да постоеа социјалните мрежи

Вие твитерџиите сте страшно одговорни за ова молчење и за тоа чувство дека вие нешто страшно важно правите што седите 24 часа и твитате, ја почнува Дража Петровиќ колумната за 5-тооктомвриските демонстрации по кои беше соборен Слободан Милошевиќ.

За Кокан Младеновиќ исто тргна со твит: Одиме сите пред суд. Од сите тие твитераши кои влегоа во беспоштедна борба, пред суд имаше еден човек, неговиот кум Бане Трифуновиќ. Слично беше и за Саша Јанковиќ. Колку луѓе имаше таму? Десет! Мојот ангажман на Твитер не значи ништо. Значи само да уфрлиме уште еден за заедно, да ми просите на изразот, безделничиме. Ако некој сака озбилно да зготви ручек, ја не можам да сфатам како ќе го зготви ако во текот на тој ручек напишал 62 твита - Оља Беќковиќ, септември 2015.

Пети октомври 2000. година, Белград, пред пладне

Љубисав Ѓокиќ, уметничко име Багериста Џо, дента го извади од паркинг својот товарач, за кои сите, вклучувајќи го и него, мислеа дека багер, и од стовариштето во Жарково тргна кон центарот на Белград. Некаде на Баново брдо го застана полиција.

"Каде со тоа багерот?", го праша полицаецот кој попатно незаинтересирано пишуваше нешто на својот Ајфон 6.

"Одам на демонстрации!" одговори Џо.

"Стварно! Сега гледам на Твитер нешто се случува во град. Овие моиве ништо не ми јавуваат. Ало, Морава 2, јави се," го повика колегата преку моторолата.

"Жити се, кажи ми има ли нешто во град?" го прашува Морава 2.

"Ништо нема. Досадно брат," одговара Морава.

"Еј, виде ли што слики ставив на Фејс од летување?"

"Да да! Ти ја лајкував таа со жена ти и децата. Пораснал малион бе," рече Морава 2.

"На тато бе," гордо кажа полицаецот во кого збунето гледаше багеристот Џо: "Слушај, Љубисаве, оди ти со тоа багерот кај си тргнал, ама ништо нема во град... Џабе троши нафта."

Тогаш на Џо му заѕвони телефонот.

"Љубисаве, кај си?" прашува Веља Илиќ.

"Еве ме на Баново брдо. Одам кон Парламентот."

"Побрзај бе, сега гледам на Твитер дека таму се имаат собрано меѓу 100.000 и 200.000 луѓе," рече влијателниот твитерџија Веља Илиќ, никнејм @ovan_na_štiklama.

"Немам Твитер!" рече Џо.

"Немаш Твитер? Туууу бре Љубисаве, па и ти си ми некој... Па што имаш?"

"Немам Твитер, имам багер!"

"Багер! Човече, па тоа мора да е некој руски Твитер. Затвори профилот на тоа Багер, никој не го користи тоа, и одма отворај профил на Твитер! Теееј, ебати живот, па со кого јас кревам револуција," бесно извика влијателниот твитерџија Веља Илиќ, никнејм @ovan_na_štiklama.

 

####

Богољуб Арсенијевиќ Маки веќе со месеци беше на потерница. Дента се маскираше во православен свештеник и дојде пред Сојузниот парламент.

"Бог напомош!" му рече на сообраќаецот на раскрсницата меѓу Булеварот на револуцијата и Таковска.

"Нека ти е напомош!" врати полицаецот: "Кое добро оче?"

"Чув брате дека тука има некои демонстрации. Кај се тие демонстрации?" прашува Маки.

"Па овде се демонстрациите. Еве тука!" покажувајќи на празното плато пред Парламентот.

"Ама тука никој нема?" зачудено проговара Маки.

"Абе, оче тоа е веќе филозофско прашање! Сега баш бев на Твитер и таму пред Парламент се имаат собрано околу 100.000 луѓе. Пцујат, урлаат, викаат..." му објаснува полицаецот на Маки, маскиран во поп.

"А каде е тој Твитер? Знаеш, дете, јас сум од Ваљево, баш и не го познавам Белград," глуми Маки.

"Де бре попе, како не знаеш... Твитер! Како да ти објаснам? Тоа ти е нешто што постои, а всушност не постои," рече сообраќаецот.

"Постои, а не постои? Ццццц..." се прекрстува Маки.

Сообраќаецот замислен бараше права дефиниција за Твитер.

"Тоа е едно место каде што има многу луѓе кои главно претходно никогаш се немаат видено, ама се многу влијателни, друштвени и угледни! И живеат во илузија дека се спасиле. Поточно живеат во илузија дека се тука, а всушност не се тука," лаички објасни сообраќаецот.

"Па тоа е рај! А Бог го создаде рај за влијателните и угледните луѓе да се спасат," изјави поп Маки и се прекрсти.

 

####

Милорад Улемек Легија седеше во базата на Единиците за специјални операции во Кула и преку својот Твитер @pajkan_iz_šilerove водеше расправа со влијателниот твитерџија @samo_vas_gledamo.

"Отпор, стоко!" напиша @samo_vas_gledamo.

"Мали, ќе те скршам кога ќе те видам," напиша @pajkan_iz_šilerove.

"Ајде дојди пред Парламент, знаеш колку нè има..." врати @samo_vas_gledamo.

"Е сеа ќе дојдам и ќе ве издигам на клоци сите вас двесте илјади," излуде @pajkan_iz_šilerove.

Четири Хамери околу пладне тргнаа од базата во Кула кон Сојузниот парламент.

"Црвените баретки тргнаа кон Парламентот. Молам за ретвит," околу пладне напиша Зоран Живковиќ, никнејм @novastrankabezprestanka.

 

####

Воислав Коштуница готвеше ручек кога му се јави Небојша Човиќ.

"Војо, кај си?" праша Човиќ.

"Тука, дома! Готвам ринфлајш и супа," одговори Војо.

"Ринфлајш и супа!!! Па дали ти знаеш колку луѓе има на улица? Викаат: Војо, Србине! И извикуваат: Коштуницааа спаси ја Србија од лудилото!" му се развика Човиќ.

"На кои улици?"

"Па во центар!"

"Нешо, знаеш, јас живеам во центар, пред малку ја шетав мачката, пошто имаме голема традиција на мачкарство кај мене, и не видов никој во центар како се развикува 'Војо Србине' и тоа за лудницата," одговара Коштуница додека сецка целер.

"Ало бре Војо, ти живееш во друг свет! Јас воопшто не знам како ти го победи Милошевиќ. Во град е хаос, солзавец, народ влезе во Парламент..." рече Небојша Човиќ, со никнејм @moralni_gmizavac.

"Кај го виде тоа?" праша Коштуница.

"Како каде? Па на Твитер. Мораш малку да се модернизираш, да отвориш сметка на Твитер, ти, бре, Војо, живееш во 19. век!"

"Твитер! Тоа ти е некоја организација како Отпор? Многу ми е тоа радикално на мене," праша Војо.

"Абре Воиславе," издиша @moralni_gmizavac "Твитер е социјална мрежа, одлична работа. На пример, правиш ручек, и збориш со луѓето... Или, правиш ручек и го соборуваш Милошевиќ... или правиш ручек и учествуваш во револуцијата."

"Ако некој сака озбилно да зготви ручек, јас не можам да сфатам како ќе го зготви ако за време на тој ручек напише 62 твита," му го спушта Војо.

"Ти си непоправлив, жими мајка," рече @moralni_gmizavac.

 

####

Сопственикот на сметката @demokratska_opozicija_srbije само што ретвиташе твит на Зоран Живковиќ.

"Држите се браќа!" напиша @ovan_na_štiklama.

"Дали некој знае колку нè има пред Парламент?" напиша влијателниот твитерџија @koliko_nas_je.

"Не се гледа крајот на толпата. Блокиран е сообраќајот во цел центар," одговори некој @šesti_oktobar.

"Ти кај се наоѓаш?" праша @koliko_nas_je.

"Еве ме на Ада, убав ден, возам точак," напиша @šesti_oktobar.

"И јас сум на Ада. Првиот кафиќ кога после банџито. Ајде, ако проаѓаш да се запознаеме," одговори @koliko_nas_je.

"Луѓе, направив хаштаг #petiokotobar. Сите тука пишувајте," се уфрли @fidelinka_makaroni. Тој знаеше дека хаштаг е најважната работа за добра револуција и успех во живот. Само што имаше прочитано дека некоја Ламека Фокс, речиси преку ноќ стана модел на Викторија сикрет и се сликаше на насловната на Вог, благодарејќи на тоа што го дознала правиот начин за пласирање на своите фотографии на социјалните мрежи.

Имено, откако дознала за дигиталниот скаутинг на ИМГ, @WeLoveYourGenes, таа три свои фотографии на Инстаграм ги означи со #WLYG. "Не знаев дека другите девојки тука на големо работат. Јас ги означив фотографиите на кои изгледав природно и без шминка," изјавила Ламека за Вог. По само 24 часа таа е контактирана од претставник од ИМГ, кој и побара уште фотографии. Во рок од два дена таа веќе беше во Њујорк и потпиша договор за модна ревија со Марк Џејкобс.

"Хаштагот може да ти го промени животот," напиша @fidelinka_makaroni, автор на хаштагот #petiokotobar, веќе замислувајќи ја својата слика во Вог.

####

Мирјана Марковиќ, никнејм @bilo_je_to_ovako, загрижена седеше пред компјутерот.

"Љубави, никој не го примети мојот твит: 'Есента има златен плашт од жолти лисја.' Јас не знам кај му е романтиката на овој народ. Ти си така романтичен... " му рече на својот сопруг Слободан Милошевиќ, никнејм @volimijavas.

"Не се секирај душо. Сега ќе те ретвитам," рече @volimijavas.

Како што влезе на Твитер и го ретвитуваше твитот: "Есента има златен плашт од жолти лисја," Слободан Милошевиќ примети нешто чудно.

"Љубави изгледа гадно сме заглавиле. Пред Парламент има барем пола милион луѓе."

"Што сакаат?"

"Бараат моја оставка!"

"Јави му се на Милорад," рече @bilo_je_to_ovako.

Милорад Улемек паркираше четири Хамера на скалите пред Парламентот, токму меѓу скулптурите. Му умре батеријата на телефонот бидејќи од Кула до Белград нон-стоп твиташе со оној @samo_vas_gledamo.

"Како ме заеба оној малиот, мамицата негова расипана. Оволкав пат да пројдам, а тука никој нема," веќе беше бесен @pajkan_iz_šilerove.

На платото пред Сојузниот парламент стоеја само некој поп и некој багерист на кој му прокува моторот на багерот па почна да се крева дим над центарот на градот.

"Гори Парламентот!" напиша на Твиер @fidelinka_makaroni под хаштагот #petioktobar.

"Браќа, нашиот хаштаг #petioktobar влезе во трендинг теми на Твитер на глобално ниво," напиша @novastrankabezprestanka.

"Победа!", ретвитуваа сите со ред.

 

####

Утредента излезе нов број на Недељник. Во рубриката Твит бокс пишуваше:

@volimijavas Драги граѓани, поднесувам оставка.

Под него стоеше првиот твит на Воислав Коштуница:

@mačak_toša Ми загоре супата!

 

Дража Петровиќ,
Недељник

6 октомври 2016 - 11:26