Ако еден маж сака да живее подолго - или ако не подолго тогаш барем подобро - треба да се смее; што повеќе, тоа подобро. Знам дека жените подолго живеат, тоа е здодевен и општопознат статистички податок; можеби има врска со смеењето, веројатно и има, а сè ми се чини дека тие главно се смеат во себе и тоа на машката глупост. Кога се смеат на глас тоа е поради духовитоста на мажите и тогаш е навистина искрено. Знам жени кои велат дека со својот „весељак“ се веќе толку години заедно - и покрај сите негови маани - само затоа што ги смее барем еднаш на секој час. Стварно: има ли нешто поубаво од тоа заедно да се смеете?
Без духовитост, или смисла за хумор, нема добар живот. Зошто?
Еве зошто: нашиот живот во оваа долина на солзите веќе е сам по себе небеска гњаважа. На рамења ни се обесени авторитети кои притоа уште имаат и разни идеи: напувани академски величини, богобојазливи попови, политичарски шарлатани и лопужи, корпоративна „менаџерија“, газди на кои газот им е зинат по профит поголем од секаква пристојност, администрации од секаков вид кои единствено ги интересира сопствениот опстанок; и останата багра, поблиска и подалечна, од мајка на жена им и балдска до сопствениот неблагодарен пород.
Па како синот човечки да преживее, ако веќе не сака одлучно, инспириран од искушенијата на принцот Хамлет, да си ги скрати маките со зрно во глава, пак сме квит и здраво-здраво? Така што на сè само слатко ќе се насмее. Нема подобар противотров за авторитети од потсмевање, нè учи благата и мудра Хана Арент („За насилството“, издание на НСПМ и „Alexandria“, Белград 2002):
„Презирот е најголем непријател на авторитетот, а смеата е најсигурен начин тој да биде поткопан.“
Секој авторитет, би додал: што понадуван и посуетен - тоа подобро; што попразен и повеќе потпрен на насилство - тоа побрзо. Баш оттаму хуморот беше и остана најсмртоносното оружје против напуваните мртви-озбилни продавачи на магла и тезгароши со три политички ќибритчиња или „национални“ карти. Кога еден ден човек сфаќа дека нивниот напумпан авторитет е маска под која го крадат, а не може да ги смести онаму каде што им е местото (во затвор или на ѓубриштето на историјата) затоа што се и силни, е - тогаш е моментот да ги исмее и да ги направи мајмуни, што всушност и се. Дури тогаш настапува вистинска веселба, додека ги гледаме лицемерно индигнирани, вистински навредени муцки, повикувајќи се на „традиција“ и „неоспорни вредности, семејни и други“ и генерално испаѓаат мајмуни - што, како што веќе рековме, всушност и се. Никој не би се мајтапел со нив кога авторитетот би им бил вистински; сосем просто. Но, штом дошло до мајтапење и потсмев - со авторитетот нешто сериозно не е во ред.
Затоа смислата за хумор е дар Божји: хуморот и смеата се корозивна супстанца што нагризува и наизглед многу тврди материјали. Затоа смисла за хумор нема кај „сериозните“ и „национално/ класно одговорните“ политички партии, богобојазливите попчиња, меѓу бирократите кои едвај дошле до позиција за која се трајно неспособни според Паркинсоновиот принцип, меѓу „интелектуалните великани“ извадени од газ, да ми прости трпезава. Сè е тоа напувано, мртво-сериозно, преподобно, пред сè загрижено за Виши прашања и Големата слика која простата маса не ја разбира, затоа што е проста; сето тоа се закатанчува во сопствената сериозност и е до небо досадно, а патем присвојува туѓа своина на противзаконски и неморален начин, и уште великодушно нуди и дава туѓа крв за своите сомнителни авантуристички потфати.
Значи, не е лесно да се изремети една шема која е уиграна со векови. Од Домановиќ и Нушиќ, па преку Бранко Ќопиќ, Душко Радовиќ и уште некои (додека не пролизгаа) кај нас. Во европската култура тоа почнува од дамнина: од - ајде да речеме - Петрониј Арбитер во Рим (во неговата „Трималхионова гозба“ фалат уште само црни џипови), преку Франсоа Рабле на кого ќе се навратиме, па преку цела една неуредна и палава толпа бласфемични, богохулни ликови кои ете, со векови неуморно и духовито се мајтапат и мајтапат, неуморно и бестрашно. Да ги нема, а тие се врвот на сенародниот и општораширен мајтап кој со векови му пркоси на угнетувањето, човештвото би угинало кмишејќи во досада, од поткраднување до мување.
Молам: пред некоја вечер со добра храна и вино толку се изнасмеавме што утредента нè болеше стомак. После некој рече и дека тоа е добро: стомачните мускули при кикотење се напрегаат повеќе одошто во теретана. Што ни беше смешно? Сè: животот, луѓето, авторитетите и сè што заслужува здрава и политички некоректна смеа. Следниот ден ни беше многу подобар и додека ги гледав оние несреќници во Собранието како едни на други си ги покажуваат екраните на лаптопите, ми беше уште посмешно. Само да не ми замери некој за „тапење на револуционерната острица“, зашто тоа го немаме ни во зародиш; јас само кажувам дека без мајтапење нема револуција: па и оној „Под липата“ го скинавме така што го заебававме.
Така што, да се држиме до мудриот совет на д-р Алкофрибас, веачот на овеаната суштина, и Станислав Винавер:
"Jest, savršenstva Bog malo dade,
Al’ ostavi nam šalu i sprdnju;
Kad vidim vaše suze i jade,
Ja smehom dajem razlog i tvrdnju:
Smej se, ko hoće da bude čojstven –
Smeh je čoveku zaista svojstven!"