Дали милијардерите треба да постојат? Периодов има сериозна дебата на темава во САД и Британија. Берни Сандерс вели дека со помош на оданочување милијардерите треба да исчезнат, додека Џо Бајден предупредува да не се демонизираат богатите луѓе.
Фактот што воопшто ја имаме оваа дебата е депресивна индикација за обемот до кој екстремната нееднаквост е нормализирана. Секако дека милијардерите не треба да постојат. Ова не треба да биде ни најмалку контроверзна изјава; не треба да се смета ни за левичарска изјава. Ако веруваш во капитализам и демократија, наспроти олигархија, не треба да веруваш во милијардери. Сепак, сите тие милијарди не купуваат само супер-јахти, туку тие ти купуваат и политичари и политики.
Луѓе како Бајден сакаат да мислиш дека милијардерите се само многу богати луѓе кои ги заработиле своите богатства преку напорна работа. Ова е смешка. Никој не станува милијардер само преку напорна работа; на социјалните мрежи се врти статистика според која ако заработуваш по 5.000 долари на ден, почнувајќи во 1492, кога Колумбо пристигнува во Америка, ти пак ќе имаш помалку пари отколку Џеф Безос, чија нето вредност е 110 милијарди долари, по развод. (Дополнување на статистиката: и да заработуваш 500.000 долари на ден, за целиот овој период пак нема да го стигнеш Безос; (500.000 долари х 365 денови) х 527 години = околу 96 милијарди долари.)
Немам ништо против богатите луѓе, ниту пак против супер-богатите. Не мислам дека треба да го забраниме постоењето на многу богатите. Но погрешно е да мислиш дека милијардерите се само супер-богати луѓе. Тие не се ниту супер супер богати луѓе. Тие се „невозможно е за тебе да поимуваш колку се богати“ луѓе. Тие се „нешто е фундаментално погрешно во системот“ богати луѓе. Тројца милијардери - Бил Гејтс, Џеф Безос и Ворен Бафет - заедно имаат повеќе богатство отколку 160 милиони Американци. 26-те најбогати луѓе на светот имаат исто колку и најсиромашните 50% од светската популација.
Овие статистики треба сите да нè извадат да протестираме на улици. Наместо тоа, дебатираме дали сите ние треба да бидеме пофини кон милијардерите.