Да бидеме искрени, Лестер еднаш имаат завршено на второ место - ама тоа е во сезоната 1928-29, а нивната главна битка сето ова време е да не паднат во пониска лига, битка која седум пати ја имаат изгубено. Мината година откако се преселив во Њујорк за да работам за Блумберг, ја утнав мојата кладилничарска рутина; шансите на Лестер да ја освојат титулата беа 5.000 спрема 1, ама некаде длабоко во себе се тешев дека сум заштедил 20 фунти.
Огромна грешка. Со три натпревара до крај, Лестер има 7 поени предност пред второпласираниот. Да се кладев на Лестер, ќе требаше ливчето да го чувам во банкарски сеф: ќе вредеше 100.000 фунти, ако тимот победеше во само еден од претстојните три натпревари (а може и тоа нема да му треба ако второпласираниот Тотнем киксира). На почетокот од месецов, преплашените кладилници почнаа на фановите на Лестер да им нудат можност да им ги откупат тикетите за 75% од потенцијалната вредност.
Бидејќи речиси половина век сум навивач на Лестер, па дури и се кладев на Емил Хески, озогласено непрецизниот напаѓач на Лестер, дека ќе биде најдобриот голгетер на Мундијалот, може да се заклучи дека овој колумнист е очигледно безнадежно субјективен како и финансиски некомпетентен. Меѓутоа ве молам да прифатите две математички докажани вистини. Првата е дека ако Лестер издржи и ја освои Премиер лигата, мојот тим ќе го изведе најшокантното изненадување во модерните тимски спортови. Второ е дека ова на Лестер му успева со помош на научно менаџирање на една од најмалку научните активности.
Првото може да се докаже од коефициентот во кладилница. Ништо во американските спортови не може ни да се приближи до ова. Според нивните кладилничарски шанси, Филаделфија Филис и Атланта Брејвс се прилично бескорисни во бејзбол, ама пред почетокот на сезоната нивните шанси за станување шампиони беа 500-1. Лестер беше 10 пати помалку веројатно да ја освои Премиер лигата. За споредба кладилниците проценуваат дека Боно има 5000-1 шанси да биде следниот Папа.
Малите шанси од минатото лето се должеа на неколку фактори. За почеток, Премиер лигата, најгледаната во светот, е олигополија: четири големи клубови - Манчестер Јунајтед, Челзи, Манчестер сити и Арсенал - го освоија сите титули во последните 20 години. Големите четири добиваат и најголем дел од телевизиските приходи (посебно кога на ова ќе ја додадеш и Лига на шампиони), а ги имаат и најголемите стадиони па можат да ги купат најдобрите играчи и да им дадат подобри плати - а постои многу висока корелација меѓу платите и местото во првенството. Минатогодишниот освојувач на Премиер лигата, Челзи, потроши 215 милиони фунти на составување на тимот, што е некаде околу 10 пати повеќе од цената на тимот на Лестер.
Останатите оправдувања за малите шанси е дека минатото лето Лестер изгледаа прилично бескорисни. Само што постигнаа едно спортско чудо, некако избегнаа да бидат еден од трите клуба што испаѓаат од Премиер лигата и покрај тоа што најголемиот дел од сезоната беа на дното. Во "големото бегство," како што беше наречен овој подвиг, Лестер успеа да добие 7 од последните 9 натпревари, што е неверојатен успех за тимот. Меѓутоа чудата не се случуваат два пати по ред - по завршувањето на сезоната Лестер го изгуби својот менаџер, Најџел Пирсон, и веројатно најдобриот играч, Аргентинецот по име Естебан Камбијасо. На место на Пирсон, тајландските сопственици го ангажираа италијанскиот тренерски ветеран, Клаудио Раниери, кој никогаш нема освоено титула во која било голема лига. Имајќи го ова предвид, 5000-1 шансите не изгледаа апсурдно.
Па како им успеа ова? Среќата имаше улога. Најголемите клубови имаа ужасна сезона: Челзи, кој го смени својот менаџер, моментално е на 9-то место; Манчестер Јунајтед е на петто место, а Ливерпул е седми. Сите беа погодени од повреди и сите одиграа голема минутажа во натпревари вон Премиер лигата. Наспроти нив Лестер имаше многу малку повреди и имаше (парадоксална) среќа да биде елиминиран од домашните купови. Така Раниери можеше недела за недела на терен да го вади истиот тим, единствениот проблем се јави кога, во сомнителни околности, беше избркана нивната машина за голови, Џејми Варди, што значеше дека тој го пропушта натпреварот од минатиот викенд. (Пак победија со 4-0.)
Што е научно во ова менаџирање? Прво треба да се погледне неверојатниот успех што Лестер го има во купувањето играчи. Скаутите на клубот го открија Варди како игра не-лигашки фудбал и платија 1 милион фунти за него, додека Алжирецот Ријад Марез, беше изваден од француската втора лига за половина од овие пари. Неколку фудбалери на Лестер дојдоа како слободни играчи, бидејќи беа одбиени од нивните претходни клубови, најчесто затоа што биле стари. Од таму потекнува и тој некој Дванаесеттемина жигосани елемент на Лестер. Тие станаа и сечиј втор омилен тим не само затоа што Лестер му дава надеж на секој фудбалски навивач, туку и затоа што, под старателски настроениот Раниери, неговите играчи неочекувано изгледаат како тим, ослободени од егото кое ги мачи останатите професионални спортови.
Зад сето ова има и математика. Слично како и Оукланд Атлетикс, бејзбол тимот што Мајкл Луис го овековечи во "Манибол," скаутите на Лестер се опседнати со статистика. Н'голо Канте, играчот од средниот ред што го купија минатото лето, не беше познат лик, ама две години по ред беше прв во француските лиги по бројот на пресретнати топки. Бројките исто така откриваат дека Марез има ретка способност да минува луѓе со дриблање. Уште еден конкретен фокус на скаутите е брзината: Лестер има неколку од најбрзите играчи во лигата.
Откако ги собираат овие играчи, тие неуморно ги следат нивните статистики и податоци од натпреварите. Тимот следи што прават играчите во 10-те секунди пред и откако ќе ја допрат топката. Играчите на Лестер изгледа како да фаулираат по научна основа, забавувајќи ги нивните противници и менувајќи се меѓу себе во нивното попречување за што е можно помал број на играчи да добијат црвен картон.
Некои од овие методи воведени се во клубот и пред Раниери, меѓутоа тој е човекот им посветува посебно внимание на нив, со што станува Фредерик Вислоу Тејлор на фудбалот. Во бизнис историјата, Тејлор е првиот вистински менаџмент гуру, човекот кој ги измислува "стоперица менаџментот," консултанти на менаџментот и серија денес востановени корпоративни зла. Пред Тејлор да почне да ги промовира своите идеи на крајот од 19-от век, никој не претпоставува дека во бизнисот може да има толку наука. Меѓутоа Тејлор, по образование механички инженер, тврди дека можеш да ги подобриш продуктивноста и компаниите со тоа што ќе мериш колку време им треба на фабричките работници да завршат одредена работа, по што ги редизајнира работните места и менаџерските практики. Токму научните идеи на Тејлор му помагаат на Хенри Форд и останатите американски индустријалисти да се шират низ светот. Иако Чарли Чаплин ги исмева во "Модерни времиња" тие се покажуваат како неверојатно успешни.
Во случајот со Раниери, крајниот производ не е автомобил туку брз контранапад. Ова само по себе е иновација. Тимовите отсекогаш имале контранапади, ама малку од нив ја базираат целата своја игра околу тоа. Во најголемиот дел од натпреварите тимот кој подолго ја контролира топката дава и повеќе голови. Тимови како Барса и Арсенал се познати по тоа што не го оставаат противникот да ја допре топката. Не и Лестер. Минатиот викенд Свонси имаа 62% посед на топката, и пак изгубија 4-0. Тактиката на Лестер е да го остават противникот да ја има топката, да чекаат да направи грешка и потоа да нападнат со неверојатна брзина: за што служат сите брзи играчи што ги имаат и неверојатно дисциплинираниот пристап.
Дали Лестер ќе ја освои Премиер лигата? Самото тоа што си фан на Лестер те прави песимист. Дури и сега, омилена песна на навивачите е "We're Staying Up" наместо "We're Going to Win the League." Тотенхем има полесен пат до крајот. Кај Лестер има постојан страв дека нешто ќе тргне на лошо. И кога ќе се случи тоа, ќе бидам разочаран, ама барем ќе имам заштедено 20 фунти.