Крајот на сите транзициски илузии

Називот земји во транзиција беше скован од меинстрим медиумите и службената политика на поранешните социјалистички земји кои во тоа беа охрабрени од меѓународните политичари. И ова требаше да ја означи транзицијата од социјализам во либерален капитализам.

Кога работите ги гледаме од дистанца, од денешна перспектива, јасно ни е дека тој процес, со многу структурни сличности изразуваше извесни разлики меѓу земјите на поранешна Југославија во однос на земјите од Источниот блок. Тоа секако не е ни најмалку зачудувачки, имајќи ја предвид значителната разлика во карактеристиките на тие два социјализми, но и разликата на контекстот во кој се одвиваше таа фамозна транзиција.

Така на пост-југословенскиот простор е создаден државен капитализам, силно поврзан со политичката подобност, додека во земјите од Источниот блок е воведен див, но сепак пазарен капитализам. Она што сепак е заедничко во двата контексти се однесува на искрената верба на просветлениот дел од граѓанството дека основниот предуслов за решавање на сите проблеми и ставање крај на транзицијата е тоталното преземање и воведување на либералните вредности, кои сами по себе ќе бидат доволни за да се пресметаат со социјалистичкото наследство и обновениот национализам.

Но, како што обично бива кога слепо се верува на одредени политички идеи и проекти, се случи токму спротивното. Се раскрсти со најдобриот дел од социјалистичкото наследство, социјалната држава и акумулираната општествена сопственост, додека најлошите државни митови и вистини, како и тенденцијата кон едноумие не само што се зачувани, туку и дополнително развиени во новонастанатите околности.

Со други зборови, победија државниот капитализам и исто таквиот национализам. Заради тоа не треба да чуди тоа што во истата седмица во која понорот на Агрокор го крахираше моделот на државен капитализам за подобни во Хрватска, во соседна Унгарија е докрајчена идејата за либерализам како неспорно победнички наратив кој ќе ги уништи политичките поделби. Пропаста на Агрокор всушност значи крај на еден систем, кој секако заслужи да пропадне, бидејќи освен што беше нечесен, беше и долгорочно неиздржлив.

Но таа пропаст во контекст на пошироки геополитички движење претставува значително помал проблем отколку оневозможувањето на работата на Соросовиот Средноевропски универзитет во Будимпешта. Иако се работи за приватен универзитет, ЦЕУ беше идеолошки претставник на новото либерално доба во земјите од источна и југоисточна Европа.

Со оневозможувањето на неговото работење транзицијата и дефинитивно е абортирана, доколку воопшто имала какви било изгледи за успех. Причините заради кои воопшто дојде до ваков крај на системот и транзицијата во целина, се наоѓаат во две работи. Од една страна, целосната западна дипломатија кон источноевропските и постјугословенските општества се однесуваше како кон незрели деца кои не се во состојба да се погрижат ни за себе, третирајќи ги како ретарди на кои треба од нула да им се изградат општествата и државите.

Другата страна на овој проблем е во тоа што овдешните општества таквиот наратив го прифатија некритички, пред се заради целосен недостаток на самопочитување. Така добивме слаби држави кои својата важност ја докажуваа со бесмислено и потполно бришење на сопственото минато, претворајќи се дека овој свет настанал во 1990 година.

Во примерот со Хрватска, Златко Хасанбеговиќ тоа дури и прецизно датумски го дефинираше со 30 мај таа година. Во сето тоа најголемиот проблем е што дефинитивното ставање крај на транзициските илузии очигледно не води во правец на ново реконструирање на тие општества, на темел на озбилен разговор за тоа како овие друштва се гледаат себе си во иднината, туку и на нов подем на национализмот со ревизионистичка историска подлога.

Со други зборови, на големата сцена остана се порадикалната десница, на која вистинската левица никогаш нема да може да и се спротивстави без либералниот дел од општеството.

Драган Марковина,
Телеграм

11 април 2017 - 13:50