На 22 јуни 1941 година, пред точно 80 години, откако ја освоија практично цела Европа, нацистите го нападнаа СССР. За народите на Советскиот Сојуз започна Големата патриотска војна - најкрвавата во историјата.
Десетици милиони ги загубија своите животи, а економскиот потенцијал на земјата и нејзините културни знаменитости беа сериозно разорени.
Горди сме на храброста и непоколебливоста на хероите на Црвената армија и на цивилите кои работеа за потребите на фронтот, кои не само што ги бранеа независноста и достоинството на нашата татковина, туку ги спасија Европа и светот од поробување. И покрај обидите што сега се прават за менување на историјата и минатото, вистината е дека советските војници влегоа во Германија не за да се одмаздат на Германците, туку со благородна и голема цел за нејзино ослободување. Ние ги чуваме како свети спомените на хероите кои се бореа против нацизмот. Со благодарност се сеќаваме на нашите сојузници во антихитлеровата коалиција, учесниците во партизанските и движењата на отпорот и германските антифашисти кои придонесоа за наша заедничка победа.
И покрај ужасите и хоророт на Втората Светската војна, народите во Европа сепак најдоа начин да гo надминат отуѓувањето и да ја вратат меѓусебната доверба и почит. Тие поставија патека за интеграција со цел да се стави точка и крај на европските трагедии од првата половина на минатиот век. И би сакал да истакнам дека историското помирување на нашиот народ со Германците кои живеат на истокот и западот во модерна обединета Германија одигра огромна улога во формирањето на таква Европа.
Исто така, би сакал да ги потсетам читателите дека германските претприемачи станаа „пионери“ за започнувањето на соработката помеѓу нашите земји во повоените години. Во 1970 година, СССР и Сојузна Република Германија склучија „договор на векот“ за долгорочно снабдување со природен гас во Европа што ја постави основата за конструктивна поврзаност и иницираше многу идни големи проекти, вклучително и изградба на гасоводот „Северен поток“.
Се надевавме дека крајот на Студената војна ќе биде заедничка победа за Европа. Се чинеше дека е потребно само уште малку повеќе напор за да стане реалност сонот на Шарл де Гол за единствен континент - не само географски „од Атлантикот до Урал“, туку и културно и цивилизациски „од Лисабон до Владивосток“.
Токму со оваа логика на ум - логиката на градење на голема Европа обединета со заеднички вредности и интереси - Русија се обиде да ги развие своите односи со другите европски држави. Русија и ЕУ направија многу на овој пат.
Но, за жал преовлада поинаков пристап кој се засноваше на проширување на Северноатлантскиот сојуз (НАТО), кој и самиот беше остаток од Студената војна. Тој пред се беше специјално создаден за потенцијална конфронтација во таа ера.
Движењето на (НАТО) блокот кон исток – кое првично започна кога советското раководство се сложи да прифати обединета Германија да влезе во НАТО - се претвори во главната причина за брзо зголемување на меѓусебната недоверба во Европа. Вербалните ветувања дадени во тоа време, како што се „ова не е насочено против вас“ или „границите на (НАТО) блокот нема да ви се приближат“ беа набрзина заборавени. И, беше направен преседан.
И така, од 1999 година следеа уште пет „бранови“ на НАТО експанзија. Четиринаесет нови земји, вклучително и некои републики од поранешниот Советски Сојуз, се приклучија на организацијата, практично гушејќи ја надежта за континент без поделби. Интересно, на ова во средината на 1980-тите години предупреди Егон Бахр, еден од германските лидери на СПД (Социјалдемократска партија на Германија), кој предложи радикално преструктуирање на целиот европски безбедносен систем по германското обединување, во кое ќе бидат вклучени САД и СССР. Но, никој во СССР, САД или Европа не беше подготвен да го слуша во тоа време.
Уште повеќе, многу земји беа подложени на вештачкиот избор меѓу Запад или Русија. Во суштина, тоа беа ултиматуми. Украинската трагедија од 2014 година е пример за последиците до кои може да доведе ваквата агресивна политика. ЕУ активно го поддржа неуставниот вооружен државен удар во Украина. Тука започна сè. Зошто беше потребно да се стори тоа? Актуелниот претседател Виктор Јанукович веќе ги прифати сите барања на опозицијата. Зошто САД го организира пучот, а земјите од Западна Европа дадоа слаба но сепак некаква поддршка, со тоа предизвикувајќи национален раскол во Украина и отцепување на Крим?
Целиот систем на европска безбедност сега е значително влошен. Тензиите растат и ризиците од нова трка во вооружување стануваат реални. Ги пропуштаме огромните можности што ги нуди соработката - уште поважни сега кога се соочуваме со заеднички предизвици, како што се пандемијата и нејзините страшни социјални и економски последици.
Зошто се случува ова? И што е најважно, какви заклучоци треба да донесеме заедно? На кои лекции од историјата треба да се потсетиме? Мислам, пред сè и најважно, дека целата повоена историја на Голема Европа потврдува дека просперитетот и безбедноста на нашиот заеднички континент се можни само преку заеднички напори на сите земји, вклучително и Русија. Бидејќи Русија е најголемата земја во Европа и ние сме свесни за нашата неразделна културна и историска врска со остатокот од континентот.
Ние сме отворени за искрена и конструктивна интеракција. Ова е потврдено со нашата идеја за создавање на заеднички простор за соработка и безбедност од Атлантикот до Тихиот Океан, кој би опфаќал различни формати на интеграција, вклучително и Европската унија и Евроазиската економска унија.
Повторувам дека Русија е за создавање на сеопфатно партнерство со Европа. Имаме многу теми од заеднички интерес. Тука влегуваат безбедноста и стратешката стабилност, здравствената заштита и образованието, дигитализација, енергија, култура, наука и технологија и решавање на климатските и еколошки прашања.
Светот е динамично место, соочено со нови предизвици и закани. Ние едноставно не можеме да си дозволиме да го носиме товарот на недоразбирањата од минатото, повредените чувства, конфликти и грешки. Тоа е товар што ќе не спречи да се концентрираме на предизвиците што ги имаме. Убедени сме дека сите треба да ги препознаеме овие грешки и да ги корегираме. Нашата заедничка и неоспорна цел е да обезбедиме безбедност на континентот без поделби, заеднички простор за правична соработка и инклузивен развој за просперитет на Европа и на целиот свет.
Владимир Путин, за Zeit Online
* Колумната е преведувана од англиски јазик од оригиналната германска верзија, превод кој го имаше на РТ no подоцна тоа го преработија како вест.
***********
По повод 80 годишнината од 80 годишнината од операцијата Барабароса:
Бонус за оние кои сакаат да го памтат само договорот Молотов - Рибентроп: