Борис Постников

Кој ги анализира аналитичарите?

Во посредувањето и толкувањето на политичките случувања како незаобиколен фактор се наметна и придонесот на "независните политички аналитичари." Сегашната постизборна неизвесност во Хрватска соодветно ја илустрира нивната функција: да компензираат за опустошените аналитички капацитети на медиумските редакции и со стручната аура да го легитимираат политичкиот статус-кво.

Сега веќе на сите им е доста од МОСТ: вонредната состојба на парламентарно безвластие се развлече на повеќе од месец дена, а тоа е сосема доволно за одново да завладее нормализираната медиумска слика за политиката. А нормално е, секако, оние кои се најмоќни да станат мета на најотровни критики. Вчерашниот хит на изборната ноќ, така, со секоја наредна новинска вест се претвора во реприза на изневерените очекувања: свежите лица на партиската сцена, толкуваат коментаторите, всушност се обични политички дилетанти, од нив на некој начин се подобри дури и неспособниот Милановиќ и опасниот Карамарко. И тоа е во ред. Не може да окупирате позиција на моќ потпирајќи се на десетина проценти од парламентарните места, а притоа да не го иритирате премоќното мнозинство.

Предполитичката фантазма на Божо Петров и неговата паланечка дружина за обединување на сите идеологии, ставови и партиски бои на колективниот реформски пат кон ветената земја на овој начин доживеа соодветен карикатурен пресврт: единствено нешто што денес ги обединува јавните заговорници на двата непомирливи блока е фактот дека Божо Петров озбилно им оди на нерви.

Стручниот коментар на политиката
Освен предполитичката визија, по се изгледа, колабираше и постполитичката илузија: замислата за некоја форма на "стручна влада" или барем "стручен премиер" на чело на мутираната мегакоалициска власт кој со трансидеолошка експертиза строго, но праведно би ја реформирала преку интернет обединетата заедница. Меѓутоа, како што прецизно објасни политичкиот аналитичар Жарко Пуховски: "За премиерот единствен стручњак е политичарот, нема тука друг стручњак. Политичарите се стручњаци за премиерот, а идејата за стручна влада е тотално промашена." Со ова се согласува и политичкиот аналитичар Тихомир Ципек: "Партиите постојат баш за политички да се натпреваруваат, а ако тоа не се гледа тогаш што ќе ви е демократија, односно политика?"

Всушност, уште пред две и пол години - кога предлогот за експертска влада, во согласност со правилните циклуси на континуираната антиполитичка кампања, по кој знае кој пат исплива на медиумската површина - колегите на Пуховски и Ципек, политичките аналитичари Давор Ѓенеро и Иван Римац, зборуваа нешто слично. "Од сите досегашни, единствено експертска влада би била полоша," тогаш тврдеше првиот; формирање на експертска влада по правило претставува суспензија на демократијата, додаде вториот. Доверувањето на извршната власт на т.нр. експерти, консензуално е елиминирано од полето на трезна политичка анализа. Добро е што е така: формирањето на експертска влада се уште не е сосема избришано од плановите на МОСТ, меѓутоа барем сме, еве, свесни каква опасност тоа претставува. Па сега, внимателно чекајќи го расплетот на преговорите, конечно можеме да се посветиме на помалку важните прашања. Еве едно: ако политичките аналитичари ја преиспитуваат идејата за местото на стручњаците во водењето политика, ја преиспитува ли некој идејата за местото на стручњаците во коментирањето политика? Или со други зборови: знае ли некој кој воопшто станува политички аналитичар? Или, со трети зборови: додека политичките аналитичари анализираат политика, кој ги анализира политичките аналитичари? Одговори, по ред: "никој", "не знае" и "никој не знае".

Помалку необично, со обѕир на тоа дека во ова пролонгирано постизборно време токму политичките аналитичари се медиумските ѕвезди во моментот. Пуховски, Ѓенеро, Ципек, па потоа и Анѓелко Миладровиќ, Дражен Лалиќ инт - воглавном, значи, моќно купче вообичаено осомничени, со повремена интервенција на периферните фигури - секојдневно гостуваат во специјалните прилози на информативните емисии, одговараат на повиците на читаните портали, стојат пред камерите на плоштадот Свети Марко, па проценуваат, расчленуваат и коментираат; малку позираат, малку прогнозираат. Она што ги поврзува најголемиот дел од нив, е академскиот статус: за политичкиот аналитичар универзитетската кариера значи е - почесто политиколог, поретко социолог или филозоф - скоро па непишан предуслов.

Аутсорсирана стручност
Посебно посакувана, но не и доволна: се чини дека донекаде помага и родовата припадност. Бидејќи ова е игра за големи момци: кога, соодносот на политичари и политичарки во кој било случај би одговарал на соодносот на политички аналитичари и аналитичарки, ние би имале сериозен човекоправен скандал. Неопходно е да се биде постојано на располагање на заинтересираните новинари, но не само тоа: треба да се прилагоди и на пропишаната форма, да се собере анализата во две или три реченици кога репортажата го бара тоа, да се погоди ритамот на саундбајтот, да се еквилибрира меѓу озбилна експертиза и досетки кои лесно се трансформираат во атрактивен наслов, да не се напушта рамката на прашањето, да се држи до зададените теми... На кратко, да се биде медијагеничен. Да се знае да се зборува ефектно, да се зборува кратко.

Жанровски кодирани и сондирани, независните политички аналитичари на тој начин на медиумите им нудат некој вид аутсорсирана стручност: која добро доаѓа во недостаток на редакциски новинар специјализирани за континуирано следење внатрешна или надворешна политика, чиј ангажман не изгледа претерано рационален од перспектива на финансиски приходи и расходи на сопствениците на медиумите. Темелната идеолошка поставка на професионалното новинарство - собрана во максимата за објективност и неутралност - потоа фино продолжува во логиката на штедењето: новинарот е тука за телеграфски да ги пренесе клучните случувања, да направи колаж од неколку набрзина собрани кратки мислења за нив и потоа да продолжи понатаму, неутрално и објективно, по нови случувања, по нови кратки мислења.

Од друга страна, политичките аналитичари сериозно се разликуваат од колегите колумнисти, тој привилегиран ешалон на десеткуваната војска медиумски работници кои на своите матични куќи и на нивните сопственици им испорачуваат оригинално стилизиран авторски печат, единствена содржина која - за разлика од чистото истражувачко откритие на некоја афера или малверзација - не може тек така да се презема, слободно да се пренесува и понатаму да се истражува во останатите медиуми. Па токму толку тие и повеќе им вредат на сопствениците: отприлика толку повеќе и колумнистите се поценети. Меѓутоа тие сепак се добронамерни аматери, парадоксални стручњаци од општа пракса кои размислуваат во ритамот на неделните случувања: политичките аналитичари се викаат на помош кога работите ќе станат озбилни, во вонредни ситуации како, еве, актуелнава. Проблемот е, до душа, во тоа што дури и вонредните ситуации се горе-долу системски создадени: воглавном тоа се овие или оние избори, нешто поретко референдуми, речиси никогаш протести... Веројатно и затоа аутосорсираните стручни мислења на независните политички аналитичари елегантно се вклопуваат во лесно предвидлив распоред на клучните случувања.

Сценски товар
Да видиме, всушност, во што се состои најголемиот дел од нивната експертиза во постизборните денови: аритметика на места во парламентот, таблица на одземање и собирање, нешто повисока стапка на упатеност во интерперсоналната динамика на истакнатите актери, нијанси на контекстуализација, внимателни предвидувања... Преиспитување на самата рамка на случувањата не доаѓа предвид: перманентниот скандал на незастапеноста на нешто повеќе од третина од избирачите - или повеќе од половина од нив, како на референдумот за пристапување кон ЕУ - е апсолвиран во ноќта на гласањето и подоцна останува заборавен. Над партиските консензуси околу пресудните политичко-економски прашања се прифатени како саморазбирливи. Класната оптика, јасно, секогаш е вон фокусот.

Вниманието се насочува по логика на непосредни поводи. Што можеме, што треба да се прави: треба да се фати ритамот на саундбајтот, треба да се држиме до зададените теми, треба да се погоди добар наслов. Онаму каде коментаторската стручност ги исполнува барањата на медиумот наидуваме на конечен парадокс на политичкиот аналитичар. И токму моменталната постизборна драма, таа продолжена вонредна состојба која брзо се враќа во габаритот на новинарската нормалност, нуди ретко примерна мизансцена: ангажиран во улогата на ексцентрична фигура на медиумското поле, истовремено и инсајдер и аутсајдер, тој стапува на сцена кога дејствието го достигнува својот врв и владеат зголемени тензии, меѓутоа само за да помогне изведбата на не ги пречекори пропишаните сценски димензии.

Борис Постников,
Билтен

14 декември 2015 - 17:59