Како Рамсфелд заслужува да биде запаметен

Најлошиот американски министер за одбрана никогаш не изрази ни трошка каење.

Во 2006 кратко откако се вратив од мојата пета репортерска посета на Ирак за Њујоркер, дел од највисоките соработници на Џорџ Буш ме повикаа на ручек за да зборуваме за војната. Ова беше прв пат вакво нешто да се случи; до тогаш, никој близок до претседателот не сакаше да зборува со мене, веројатно затоа што моето пишување не беше пријателско, а администрацијата слушаше само она што сакаше да чуе. Меѓутоа до 2006, дури и Белата куќа на Буш почнуваше да сфаќа дека Ирак беше поблиску до целосна граѓанска војна отколку до што било што би можело да се нарече „слобода“.

Двата советници сакаа да знаат каде работите толку тргнаа на лошо. Тие беа посебно заинтересирани за мојот став за министерот за одбрана, Доналд Рамсфелд, и неговата улога во дебаклот. Како што ја давам мојата процена, а нивните лица почнаа да венеат, се прашував дали Белата куќа беше толку изолирана од ирачката реалност што највисоките советници никогаш директно не чуле такви работи. Ручекот заврши без никакво објаснување зошто ме повикаа. Меѓутоа неколку месеци подоцна кога администрацијата на Буш го објави повлекувањето на Рамсфелд, си помислив дека советниците веројатно собирале материјал против него. Тие се обидувале да го избркаат пред да биде предоцна.

Рамсфелд беше најлошиот министер за одбрана во американската историја. Тоа што е скоро умрен не треба да го поштеди од ова признание. Тој беше полош и од неговиот најблизок конкурент, Роберт Мекнамара, и тоа не е конкуренција што лесно треба да се зема предвид. Глупоста на Мекнамара беше цела генерација Студени воини кои веруваа дека Индокина е виталниот фронт во битката против комунизмот. Тоа што тој полека почна да сфаќа дека Виетнамската војна е непобедлив отпад го прави посвесен од неговите современици; неговата одлука да го скрие ова од американската јавност го направи кукавица на која не може да и се прости. Меѓутоа Рамсфелд беше главниот поборник за секоја катастрофа во годините по 11 септември. Секогаш кога американската влада ќе направеше погрешен чекор, Рамсфелд таму беше прв со неговата тврда насмевка закопувајќи ја земјата во уште подлабока дупка. Неговата фатална проценка беше рамна само на неговата апсолутна самоувереност. Нему му недостасуваше храброст да се посомнева во себе. Му недостасуваше мудрост да го промени своето мислење.

Рамсфелд работеше во својата канцеларија дента кога киднапиран авион удри во Пентагон. Во првите минути од ужасот тој покажа храброст и лидерство. Меѓутоа за само неколку часа тој почна да размислува за катастрофални идеи, па во белешките на неговиот соработник пишува: „најдобро инфо брзо. Да се процени дали е доволно добро да се удри С.Х. (Садам Хусеин) во исто време. Не само ОБЛ (Осама Бин Ладен).“ А подоцна допишува: „Оди масовно. Сè да се опфати. Работи кои се поврзани и не се.“ Овие делчиња го пренесуваат целосниот Рамсфелд: неговата одлучност, неговата агресивност, неговото верување во тврда сила, неговиот презир за процедури. На крајот од краиштата не беше важно што вели разузнавањето. 11 септември беше тест на американската волја и шанса таа да се покаже.

Рамсфелд почна да греши уште во првите часови по нападите и никогаш не прекина. Тој тврдеше дека нападите ја докажуваат потребата од ракетен штит за кој тој долго се залагаше. Тој сметаше дека целта на американската војна во Авганистан е да се стави крај на Талибанците. Тој мислеше дека на новата авганистанска влада нема да и биде потребно САД да остане за безбедност и поддршка. Тој мислеше дека САД треба да ги изиграат Обединетите нации, да ги баталат сојузниците, и сами да тргнат. Тој инсистираше дека ал-Каеда не може да функционира без насилник како Садам. Тој мислеше дека сите разузнавачки информации за ирачките оружја за масовно уништување се погрешни, освен извештаите кои тој сам ги нарача. Тој ја зачува својата доверба кон разузнавачките информации добиени преку тортура. Тој мислеше дека Стејт департментот и ЦИА се полни со исплашени и игнорантни бирократи. Тој мислеше дека Америка може да победи во војните со помош на компјутеризирано оружје и неверојатно покажување сила.

Тој веруваше во промена на режимот но не и во изградба на нацијата, и тој мислеше дека неколку десетици илјади војници ќе бидат доволни за да се победи Ирак. Тој мислеше дека брзото соборување на режимот на Садам значи „исполнета мисија“. Тој одговори на пљачкосувањето на Багдад со „валканите на слободата“ како хаосот да е само површен приказ на демократија - како тоа да нема да го разори Ирак и да го претвори во проблем на Америка. Тој веруваше дека Ирак треба да биде предводен од корумпиран лондонски банкар со досие за лажење на американската влада. Тој по факс испраќаше страници од биографијата на Че Гевара до американските офицери во регионот за да докаже дека растечкиот ирачки отпор не ја исполнува дефиницијата за востание. Тој ги отфрли бунтовниците како луѓе без иднина и го понижи високиот генерал кој се осмели да ги нарече со нивното вистинско име. Тој инсистираше да го задржи бројот на американски војници во Ирак толку низок што најголем дел од земјата за кратко време беше зафатен од востание. Тој своите најдобри напори ги фокусираше на добивање на бирократските војни во Вашингтон.

Кога Рамсфелд веќе беше отпуштен, во ноември 2006, САД наместо обезбедување мир во една држава, губеа војни во две држави, главно заради постапките и одлуките лично на Рамсфелд. Веднаш штом тој си замина, катастрофата во Ирак почна да се средува, барем на кратко, со носење на нови 30.000 војници, одлука на која Рамсфелд непоколебливо се спротивставуваше. Меѓутоа беше премногу доцна. Веројатно предоцна беше уште пладнето на 11 септември.

Рамсфелд имаше интелигенција, бистрина, жестокост и бескрајна доверба во себе. За разлика од Мекнамара, тој никогаш не изрази ни трошка каење. Тој сигурно умре со безбедното уверување дека отсекогаш бил во право.

Џорџ Пакер,
Атлантик

1 јули 2021 - 11:34