Како Меркел изгуби контрола

Иако ковид е глобален проблем што не знае за граници, пандемијата ја раздрма германската политика како ништо до сега. За прв пат по 16-годишно владеење, Ангела Меркел минатата недела, пред камера, се извини за грешка.

А и грешката беше сериозна. Минатиот вторник, Меркел и неколку премиери на германските сојузни држави објавија строг карантин за Велигден. Дури и супермаркетите требаше да бидат затворени на речиси пет дена (со исклучок на неколку часови во сабота). Никој, па дури ни претставниците на големите компании, не очекуваа така драстичен чекор. Најголем дел од народот веќе имаше планови со своето семејство, потпирајќи се на претходните велигденски ветувања дека годинешниот Велигден ќе биде послободен од минатогодишниот. Меркел само ги влоши работите кога карантинот го опиша како „период на одмарање“. Дури и во рамките на нејзината партија, ЦДУ, веќе некое време тлее едно нагласено чувство на очај. Во деновите пред прогласот на Меркел, водечкиот германски анкетар, Аленсбах, објави шокантна нова анкета, според која поддршката на ЦДУ е падната на само 27%.

И тогаш, во средата, Меркел се повлече и се извини. Таа побара од јавноста „да ми прости за мојата грешка“. Иако тврдеше дека планот бил со најдобри намери, таа признава дека „премногу прашања, од изгубени дневници до загубено време во фабриките, не можеа да бидат соодветно одговорени“. Имајќи ги предвид слабите бројки на анкетите и јавното признание на Меркел за неуспех, пропаста на ЦДУ - до пред некое време незамисливо сценарио - сега изгледа веројатно.

Како владата го достигна ова ново дно, и кога точно ја изгуби контролата? Пандемијата ги истакна во преден план сите слабости на владата на Меркел: избегнувањето ризици, навиката на создавање политики во од, одбивноста кон долгогодишни стратегии и планови. И секако, нејзината комплетна оглувеност кон јавноста. „Дали некои од овие луѓе некогаш сам си купил храна?“ прашува фрустриран пратеник на ЦДУ по објавувањето на велигденскиот карантин. Меркел беше загрижена како ќе искомуницира таква очигледно излудена политика - затворање на супермаркетите на неколку дена - пред своите гласачи.

Доста е иронично што оваа криза, која пред неколку месеци натера голем број коментатори да ја слават владата на Меркел како несоборлива, сега да биде причина за падот на владата.

Како канцеларка, Меркел секогаш својата сила во голем дел ја црпеше од нејзината меѓународна улога и позиција. „Си има она свои проблеми, ама па е многу почитуван ЕУ лидер,“ ќе кажат голем број луѓе во Германија. Секако дека има многу што да се критикува околу нејзините домашни политики, како што е страшната состојба на економијата уште пред пандемијата. Во 2019, Германија страдаше од застрашувачки мал раст. Меѓутоа споредено со другите држави на Германија сепак добро и одеше, а ова, исто така, беше припишано на способноста на Меркел.

Меѓутоа сега Германците можат да видат дека нивната влада не може да ги оствари ни своите најосновни ветувања. Есеноска на Германците им беше кажано да се стават во карантин за да го спасат Божиќ. Во јануари планот беше да се спаси Велигден. Јасно ви е. И најлошо од сè: Германија заостанува. Пандемијата не само што ги стави политичарите дома под притисок - туку нè вовлече во уште поголем меѓународен натпревар. Секој сака да знае кој најдобро се справува со пандемијата. Внимателно изработени табели, меѓу нив и такви што се преправаат дека се пообјективни од тоа што се, покажуваат каде се наоѓа секоја држава. Ги има насекаде по социјалните мрежи и на традиционалните медиуми, и резултатите не се пријатни за Германија.

Бројот на смртни случаи во Германија надмина 70.000. Бројот на нови заразени рапидно расте. А тука е и суровоста на карантинот, која се мери на „индексот на ригорозност“ на Оксфорд. Германија напредуваше на оваа табела како што пандемијата се ширеше - главно затоа што владата нема некоја подобра идеја од воведување на построг карантин.

За да видиме како владата навистина ја изгуби контролата треба да се вратиме во 2020. Тогаш беше објавен вториот карантин. Во декември, новинарот Габор Стајнгарт напиша - додека германската влада упорно се претставува како позитивен пример за менаџирање на пандемијата, нејзиното водство во спречување на поголем број на смртни случаи, речиси целосно исчезна.

Сепак ниту еден од овие проблеми сам по себе немаше толку да ја чини владејачката партија ако не беше уште една табела: табела на бројот на луѓе кои примиле вакцина. Нејзиниот неуспех со разумна брзина да ги имунизира луѓето против ковид е во центарот на сегашната криза на ЦДУ. Додека над 40% од британската популација до крајот на месецов ќе добијат барем една доза на вакцина против ковид, Германија ќе им стигнато едвај до 10%. Ова значи дека многу ранливи луѓе и понатаму се изложени на вирусот - а потенцијалните нови мутации можат побрзо да се развиваат и да се шират. Планот на владата за строг велигденски карантин беше реакција на овој неуспех. Меѓутоа ароганцијата на Меркел, во обидот на сила да се истуркаат уште поавторитарни мерки, предизвикаа бунт кај народот. Ако имаше оптимистички дух и чувство дека луѓето се движат во права насока, тогаш народот ќе имаше многу поголемо разбирање. Тоа што загрижува е што не беше само канцеларката - и најголемиот дел од лидерите на сојузните држави беа вклучени во овој план. Одлуката беше донесена сред ноќ, и зготвена зад затворени врати.

Владата ја изгуби контролата над вирусот, а потоа ја изгуби и контролата над наративот. Во минатото, Меркел секогаш можеше да се прикаже себе си како човекот што ги враќа работите под контрола. Ова беше случај со кризата со еврото, па дури и во бегалската криза во прво време (иако на крај изгуби контрола).

Улогата на неофицијален ЕУ лидер значително и помогна на Меркел. Проблемите беа „извезувани“ во меѓународната сфера, и договорите беа создавани. Меѓутоа сега кризата на германската влада и ЕУ кризата одат рака за рака. На почетокот на јануари, Угур Сахин, основачот на Бионтек, го покрена прашањето околу колебањето на ЕУ да нарача вакцини. „Очигледно впечатокот беше: ние добиваме доволно, нема да биде толку лошо, и сè е под контрола,“ изјави тогаш Сахин. Наскоро стана јасно дека не само што ЕУ била невнимателна и неподготвена - иста таква била и германската влада. Како е можно нешто што е така важно да му биде аусторсирано на Брисел - на администрација раководена од на големо дискредитираната Урсула фон дер Лејен?

На почетокот на февруари, Сахин мораше да и објасни на владата колку е комплексен процесот на производство на новите мРНК вакцини. Производството, тој објаснуваше трпеливо, зависи од толку многу варијабли - од кои ни најмалку за занемарување не се меѓународните ланци на набавка. Производството не може да се зголеми со проста одлука од владата. Но и покрај сите овие проблеми Меркел и понатаму во февруари инсистираше дека не е направена ниту една грешка. Таа тврдеше дека со право и ја довериле на ЕУ набавката на вакцини, а многумина ја надополнија дека тоа испраќа важна порака за европската солидарност.

Меѓутоа тука е следниот проблем: кризата со вакцините исто така ја ослабе лидерската позиција на Меркел во Европа.  Не само Германците, туку сите Европејци, беа изненадени од збунетоста на владата. Имаше извештаи дека неброени дози вакцини дремат по фрижидери, и покрај тоа што има луѓе на кои им се итно потребни. Бидејќи имаше толку строги правила за тоа кому треба да му биде дозволено да прими вакцина, вакцини што не беа дадени (затоа што луѓе не дојдоа на закажаното вакцинирање) останаа неискористени.

Потоа имаше конфузна порака околу безбедноста и привремената суспензија на Астразенека. Меѓутоа сржта на проблемот беше што немаше доволно вакцини, и ова ја понесе цела Европа во провалија. Што е поентата на солидарност, прашуваат луѓе, ако сите се оставени без вакцини? Каков било муабет за Германија како локомотивата на Европа, изгледа припаѓа на далечното минато.

Веќе на почетокот на март на сите им беа јасни проблемите на германската влада и на ЕУ. Најголемиот германски весник Билд ќе објави насловна со „Драги Британци, ви завидуваме!“ Целата ситуација медиумите ја нарекоа „вакцински срам“, еден медиум дури и праша: „Што се случи со нас? Дали станавме шега?“

Дали владата сега ќе успее во одржување на ветувањето дека секој граѓанин ќе добие вакцина барем до крајот на летото? Шегата што сега врти е - не кажаа до крајот на кое лето. Една работа е сигурна: довербата во старите институции - без разлика дали ЦДУ на Меркел или ЕУ - сега е најниска што била во изминатите неколку децении. А со изборите за само шест месеци од сега, притисокот само се зголемува.

Сабин Беплер Шпал,
Спајкд

29 март 2021 - 13:07