УНХЦР на својот сајт, во рубриката "Гледна точка на УНХЦР" го објавува текстот под наслов: 'Бегалци' или 'мигранти' - Како е правилно?
Со речиси 60 милиони присилно раселени лица низ светот и преминувањата на Медитеранот со бродови кои секојдневно се појавуваат на насловните страни, се почесто може да се види како во медиумите и во јавниот разговор термините 'бегалец' и 'мигрант' наизменично се користат. Меѓутоа дали има разлика меѓу двете и дали тоа е важно?
Да, има разлика, и таа е важна. Двата термини имаат посебно и различно значење, и нивното мешање доведува до проблеми кај двете популации.
Еве зошто:
Бегалци се лица кои бегаат од вооружен конфликт или прогон. До крајот на 2014-та имаше 19,5 милиони вакви лица низ светот. Нивната ситуација често пати е толку опасна и неподнослива што тие ги минуваат границите на сопствените држави за да бараат безбедност во соседните земји, и со тоа стануваат меѓународно признаени како "бегалци" со пристап до помош од држави, УНХЦР и други организации. Тие се така признаени токму затоа што за нив е премногу опасно да се вратат дома, и потребно им е засолниште на друго место. Ова се луѓе за кои одбивањето азил има потенцијално смртоносни последици.
Бегалците се дефинирани и заштитени по меѓународен закон. Конвенцијата за бегалци од 1951-ва и нејзиниот протокол од 1967-ма како и други правни текстови, остануваат темелот на модерната заштита на бегалците. Правните принципи кои тие ги втемелуваат се проткаени низ безброј други меѓународни, регионални и национални закони и практики. Конвенцијата од 1951-ва дефинира кој е бегалец и ги истакнува основните права кои државите треба да им ги пружат на бегалците. Еден од најосновните принципи на меѓународното право е дека бегалците не треба да бидат протерани или вратени во ситуацијата каде што нивниот живот или слобода е под закана.
Заштита на бегалците има повеќе аспекти. Тоа вклучува осигурување од враќање во опасноста од која избегале; пристап до процедури за азил кои се фер и ефикасни; и мерки кои осигуруваат дека нивните основни човекови права се почитувани и дозволуваат тие да живеат во достоинство и безбедност додека им се помага да најдат долгорочно решение. Државите ја носат основната одговорност за оваа заштита. Затоа УНХЦР работи со владите, советувајќи и поддржувајќи ги како што е потребно за имплементирање на нивните одговорности.
Мигрантите избират да се селат не заради директна закана од прогон или смрт, туку генерално за подобрување на нивниот живот со наоѓање работа, или во одредени случаи образование, обединување со семејството или други причини. За разлика од бегалците кои не можат безбедно да се вратат дома, мигрантите не се соочуваат со такви препреки за враќање. Ако тие одберат да се вратат дома, тие ќе продолжат да добиваат заштита од својата влада.
Оваа разлика е важна за владите. Државите се справуваат со мигрантите според сопствените закони и процедури за имиграција. Државите се справуваат со бегалци преку норми за заштита на бегалци и азиланти кои се дефинирани во националното законодавство и меѓународните закони. Државите имаат конкретна одговорност кон секој што бара азил на нивна територија или на нивните граници. УНХЦР помага државите да се справат со нивната одговорност за заштита на азиланти и бегалци.
Политиката има свој начин да се вмеша во вакви дебати. Мешањето на беглаци и мигранти може да има сериозни последици на животите и безбедноста на бегалците. Заматувањето на двата термини го трга вниманието од конкретната легална заштита што е потребна за бегалците. Тоа може да ја поткопа јавната поддршка за бегалците и институцијата азилант, во време кога на се повеќе бегалци им треба ваква заштита. Треба сите човечки суштества да бидат третирани со почит и достоинство. Треба да осигуриме дека се почитуваат човековите права на мигрантите. Во исто време, треба да обезбедиме соодветен правен одговор за бегалците, заради нивната конкретна несреќа.
Па, назад во Европа и големиот број луѓе кои годинава и мината година со бродови пристигнаа во Грција, Италија и на други места. Што се тие? Бегалци или мигранти?
Всушност, тие се и двете. Мнозинството луѓе кои годинава пристигнуваат во Италија и посебно во Грција, се од земји заглавени во војна или кои заради други причини се сметаат за "производители на бегалци" и за кои е потребна меѓународна заштита. Меѓутоа, помал дел доаѓаат од други места, и за многумина од овие индивидуи, и терминот 'мигрант' би бил точен.
Па, во УНХЦР ние велиме "бегалци и мигранти" кога зборуваме за движењето на луѓе преку море или во други околности, кога мислиме дека и двете групи се присутни - движењето со бродови во Југоисточна Азија е уште еден пример. Велиме 'бегалци' кога мислиме на луѓе кои бегаат од војна или прогон преку меѓународна граница. И велиме 'мигранти' кога мислиме на луѓе кои се селат заради причини кои не се опфатени во правната дефиниција за бегалци. Се надеваме дека и другите ќе размислат да го направат истото. Изборот на зборови е важен.