Истражувањата на светски познатата економистка Утса Патнаик - објавени во Колумбија универзити прес, задаваат фатален удар на овој наратив. Обработувајќи повеќе од два века детални податоци за оданочување и трговија, Патнаик пресметала дека Британија исцедила вкупно речиси 45.000 милијарди долари од Индија во периодот од 1765 до 1938.
Ова е застрашувачка сума. За подобра перспектива, 45.000 милијарди долари е 17 пати повеќе од денешниот вкупен бруто домашен производ на Обединетото кралство.
Како се случи ова?
Се случило преку трговскиот систем. Пред колонијалниот период, Британија купува стоки како текстил и ориз од индиските производители и им плаќа на нормален начин - главно во сребро - како што им плаќа и на сите други држави. Меѓутоа нешто се менува во 1765, кратко откако компанијата Источна Индија ја презема контролата врз потконтинентот и воспоставува монопол врз индиската трговија.
Еве како тоа функционира. Компанијата почнува да собира данок во Индија, и паметно користи дел од овие приходи (околу една третина) за да го плаќа купувањето на индиски производи за британски потреби. Со други зборови, наместо да плаќа за индиските производи од свој џеб, британските трговци нив ги набавуваат бесплатно, „купувајќи“ ги од селани и ткајачи користејќи ги парите кои само што ги земале од нив.
Ова било измама - масовен грабеж. Сепак најголемиот дел од Индијците биле несвесни за тоа што се случува бидејќи агентите кои ги собирале даноците не биле истите оние што даоѓале да ги купуваат нивните производи. Доколку бил истиот човек, тие веројатно ќе ја намирисале измамата.
Дел од украдената стока се консумира во Британија, а остатокот ре-извезува на други места. Системот на ре-извоз и дозволува на Британија да ги финансира производите што ги увезува од Европа, вклучувајќи и стратешки суровини како железо, катран и граѓа, кои биле клучни за британската индустријализација. Всушност, Индустриската револуција во најголем дел зависела од систематското ограбување на Индија.
Згора на ова Британците можеле да ги продаваат украдените производи во други држави многу поевтино отколку што првично ги „купиле“, ставајќи во џеб не само 100% од оригиналната вредност на стоката туку и маржата што ја ставиле.
По доаѓањето на британската власт во 1858, колонизаторите додаваат специјален нов пресврт на даночи-купи системот. Како што се распаѓа монополот на компанијата Источна Индија (речиси 100 години подоцна), на индиските производители им било дозволено да почнат да ги извезуваат своите производи директно во други држави. Меѓутоа тука Британија се осигурува дека сите плаќања од индискиот извоз ќе завршат во Лондон.
Како ова функционира?
Во основа, секој што сака да купи производ од Индија го прави тоа користејќи специјални советнички банкноти - уникатна хартиена валута која може да биде издадена само од Британската круна, а единствен начин да се дојде до овие банкноти е да се купат од Лондон со злато или сребро. Па трговците му плаќаат на Лондон во злато за да ги добијат овие банкноти, и потоа нив ги користат за да им платат на индиските производители. Кога Индијците сакаат да ги заменат нив за пари, ним во локалната колонијална канцеларија им „плаќаат“ во рупии од даночните приходи од Индија - пари кои само што биле собрани од нив. Па, повторно тие фактички воопшто не се платени, туку се измамени.
Во меѓувреме во Лондон останува целото злато и сребро кое инаку би требало да заврши кај Индијците во замена за целиот нивен извоз.
Овој корумпиран систем значел дека и покрај тоа што Индија имала импресивен трговски суфицит со остатокот од светот - суфицит кој трае и во првите три децении од 20-от век - тој се покажува како дефицит на индиските домашни сметки бидејќи реалните приходи од индискиот извоз во целост се присвоени од Британија.
Некои го посочуваат овој фиктивен „дефицит“ како доказ дека Индија била трошок за Британија. Меѓутоа токму спротивното е вистина. Британија присвоила огромни количества приходи кои правично им припаѓале на индиските производители. Индија била гуската што го снела златното јајце. Во меѓувреме „дефицитот“ значел дека Индија немала друга опција освен да позајмува од Британија за да го финансира увозот. Па целосната индиска популација била присилена во комплетно непотребен долг кон нивните колонијални господари, дополнително бетонирајќи ја британската контрола.
Британија го искористила приходот од овој изманички ситем за да ги ложи моторите на империјалното насилство - финансирајќи ја со нив инвазијата на Кина во 1840 и потиснувањето на Индиското востание во 1857. И ова било плус на тоа што Круната земала директно од индиските даночни обврзници за да плати за своите војни. Како што Патнаик нагласува „трошокот на сите британски освојувачки војни вон индиските граници биле наплатени целосно или главно од индиските приходи“.
И тоа не е сè. Британија го користи овој прилив на средства од Индија за финансирање на проширувањето на капитализмот во Европа и регионите со европски доселеници како Канада и Австралија. Па не само индустријализацијата на Британија, туку и индустријализацијата на најголемиот дел од Западните свет е извршена преку експлоатација на колониите.
Патнаик идентификува четири посебни економски периоди во колонијална Индија од 1765 до 1938, ја пресметува експлоатацијата за секој од нив, и потоа додава скромна каматна стапка (од околу 5%, која е пониска од пазарната стапка) на средината од секој период. Собирајќи го сето ова, таа доаѓа до сумата од 44,6 илјади милијарди долари исцедени од Индија. Оваа бројка е конзервативна, вели Патнаик, бидејќи не ги вклучува долговите што Британија ги наметнала на Индија за време на владеењето.
Ова се застрашувачки суми. Меѓутоа вистинската сума никогаш не може да биде пресметана. Ако Индија можела да ги инвестира сопствените даночни приходи и заработката од увоз во свој развој - како што тоа го прави Јапонија - не се знае како би можела да излезе историјата. Индија би можела да стане економска суперсила. Би биле спречени векови на сиромаштија и страдање.
Сето ова е освестувачка слика за розовиот наратив кој го промовираат одредени моќни гласови во Британија. Конзервативниот историчар Ниал Фергусон тврди дека британското владеење помогнало Индија да се „развие“. Додека беше премиер, Дејвид Камерон изјавуваше дека британското владеење било од помош за Индија.
Овој наратив се има значително зафатено во јавната свест, па според истражување на ЈуГов од 2014, 50% од жителите на Британија веруваат дека колонијализмот бил од корист за колониите.
Сепак за време на 200-годишното британско владеење со Индија, речиси и да нема раст на приходот по глава на жител. Всушност, во последната половина од 19-от век - врвот на британската интервенција - приходите во Индија се намалуваат за половина. Просечниот животен век на Индијците паѓа за една петтина од 1870 до 1920. Десетици милиони умираат непотребно како последица на политички наметната глад.
Британија не ја развива Индија. Токму спротивното - како што тоа го покажува трудот на Патнаик - Индија ја развива Британија.
Што треба Британија денес да стори околу ова? Да се извини? Апсолутно. Обештетување? Можеби - иако во цела Британија нема доволно пари за да се покријат сумите за кои зборува Патнаик. Во меѓувреме, можеме да почнеме да ја исправаме приказната. Треба да признаеме дека Британија ја задржала контролата на Индија не од добронамерност туку заради пљачкосување и дека британскиот индустриски подем не се случил сам од себе заради парната машина и силните институции, како што нашите учебници тоа сакаат да го кажат, туку бил зависен од насилниот грабеж на други земји и други луѓе.