75-тата годишнина од поразот на нацизмот би требало да е причина за славење. Така размислувал рускиот културен центар во Софија, најавувајќи изложба во главниот град на Бугарија под наслов „Патот до победата“. Наместо тоа, иницијативата предизвика бура на протести а неколку дена пред планираното отворање на 9 септември, бугарското министерство за надворешни работи издаде силно формулирана изјава, обвинувајќи ги Русите за „мешање во внатрешните работи на Бугарија“.
Зошто прослава за поразот на нацизмот би се сметала за непосакуван упад? Одговорот се должи на одбележувањето на конкретната годишнина - настаните од 9 септември 1944 година, денот кога Татковинскиот фронт ја презеде владата. Обединувајќи анти-нацистичка коалиција од комунисти, земјоделци, социјалдемократи и воени генерали, Таковинскиот фронт дојде на власт пред влегувањето на советските трупи и овој датум обично се смета за почеток на социјализмот во Бугарија, кој го отвори патот Комунистичката партија да ја преземе власта 1947 година.
Секоја година, оваа годишнина (позната како 9/9) предизвикува дебати и денунцирање. Либералите никогаш не ја пропуштаат можноста да ги оплакуваат настаните од 1944 година и „криминалното отстапување на историјата“ што наводно го претставувал бугарскиот социјализам. Но, оваа година, руската изложба додаде меѓународна димензија на традиционалната „дебата за 9 септември“. Проблемот, за многумина, беше што поразот на Бугарија - нацистички сојузник, но суверена земја - беше интегриран во општата прослава за ослободување на централно-источна Европа од нацистичката окупација.
Бугарското министерство за надворешни работи гневно реагираше на овој наратив. Тврдеше дека, без оглед на несомнениот придонес на Советскиот Сојуз во поразот на нацизмот, Црвената армија на Бугарија не ѝ донела слобода, туку тоталитарно угнетување, отстапување од економската динамика на развиениот свет итн. Русите беа збунети па прашуваа, сосема со право, како некои се осудуваат да осудат изложба што ја немаат видено досега?
Историска меморија
Реакцијата на Министерството содржи позиција типична за бугарската десница па и либералите, дека Црвената армија не е ослободител туку окупаторска сила што наметнал „анти-фашизам“ однадвор, како лажен изговор за воспоставување своја контрола. Тие го темелат ова тврдење на фактот дека само неколку дена пред 9/9, Бугарија ги смени страните и ѝ објави војна на нацистичка Германија. Советите не беа трогнати од оваа ненадејна промена на ставот: на 8 септември 1944 година Црвената армија влегува во Бугарија преку Дунав и следниот ден Татковинскиот фронт се прогласува за нова власт.
Прогласот круниса успешно преземање на клучните државни институции од мала група комунисти во воени униформи претходната вечер, проследено со партизанско преземање во градовите низ целата земја (особено бунтот на партизаните и политичките затвореници во Варна). Со ослабена владејачка класа во хаос и советска инвазија која гарантираше крај на постојниот режим, не беше изненадување што беше искористена можноста да се преземе власта. Комунистичката партија беше на чело на движењето и никогаш не ја криеше својата желба за револуција во Бугарија.
Па сепак, дури и легитимноста што може да биде имплицирана од зборот „револуција“ сега се негира. Ако во текот на социјалистичката ера, 9/9 се славеше како револуција, по 1989 година тоа почна да се означува како „пуч“. Како што забележува историчарот Александар Везенков, овој конкретен „пуч“ имал необична карактеристика - моќта веднаш да биде предадена на цивилна сила, Татковинскиот фрон. Но, негирањето дека станува збор за „револуција“ има друга цел. Дури и покрај долгогодишното оцрнување, зборот „револуција“ сè уште асоцира на масовно учество и на тој начин подразбира одреден степен на демократска согласност, додека „пучот“ обично се однесува на нелегитимно и фракциско преземање на власта.
Десницата не може да признае дека имало „револуција“, затоа што така би се признало дека настаните од 1944 година се одраз на аспирациите на маса Бугари а не само само на руските „окупатори“. Ова е исто така поврзано со еден истакнат тренд во јавната сфера по 1989 година - во изворот на постојаниот историски ревизионизам - кој негира дека некогаш постоело такво нешто како бугарски фашизам и дека против тоа треба да се води битка. Ова негирање на базичната легитимност на анти-фашизмот го олеснува неговото прикажување како измама, анти-демократска политика наметната од странска империјална моќ.
Овој историски ревизионизам нема баш сојузници меѓу фактите - Бугарија пред 1944 година беше сè само не демократска. Освен што беше нацистички сојузник, таа беше уставна монархија со слаб парламентарен живот нарушен од пучеви, суспензии на уставот, паравоени насилства и кралска диктатура што го суспендираше партискиот политички живот од 1934 до 1944 година. Во јануари 1941 година, два месеца пред да се приклучи на Оската, Бугарија подготви Закон за заштита на нацијата со кој на бугарските Евреи им беа одземени граѓанските и политичките права и започна државен терор против нив.
Како сојузник на Оската, Бугарија ги испрати сите Евреи од териториите што ги имаше окупирано во Грција и Македонија во логорот за истребување Треблинка. Иако бугарската влада не беше експлицитно нацистичка, таа имаше отворено фашистички склоности и создаде или толерираше голем број фашистички организации. Ако Бугарија навистина избегна да се најде директно под нацистичката чизма како соседна Југославија или Грција, тој режим секако беше профашистички и обезбеди доволно добри причини за домашната опозиција да се бори против него. Всушност, антифашистички отпор се појави уште пред Бугарија да се приклучи на Оската: тој сигурно не беше „увезен“ само од бајонетите на Црвената армија.
Ова нè води до другиот клучен факт кој ревизионизмот го изоставува - обемот на домашното спротивставување на фашизмот. Поради незаконската природа на нивните активности, тешко е да се даде дефинитивна проценка на бројот на партизаните. Според историчарката Искра Баева, бугарското партизанско движење броело помеѓу 5.000 и 9.000 луѓе; Везенков смета дека попрво се работи за првата бројка но дека на овие борци им помагале околу 12.000 „јатаци“ кои обезбедувале храна, сместување и други видови помош за партизаните. Земени заедно, овие бројки се импресивни, со оглед на тоа што земјата не се соочуваше со директна егзистенцијална закана од нацистичка окупација како нејзините соседи.
И покрај нејзината жална судбина денес, левицата во Бугарија историски беше јака сила. Наративот што го гледа падот на кралот само како ефект на „странска окупација“ мора нужно да ги игнорира не само комунистичките туку и другите домашни социјалистички сили (на пример, Земјоделската партија на Иван Стаболиски) и нивното спротивставување на војната и антисемитизмот. Тоа несакајќи завршува како апологија на фашизмот затоа што многу малку европски земји се ослободија од фашизмот без надворешна интервенција или инвазија. Антикомунистичкиот ревизионизам исто така мора да го игнорира фактот дека не само Советите, туку и Британците и Американците ги поддржаа партизаните.
Близначки тоталитаризам?
Соопштението на Министерството за надворешни работи повторува уште една омилена поента на десницата, дека во 1944 година еден тоталитаризам бил заменет со друг. Наместо славење на поразот на нацизмот, се промовира жалењето дека Бугарија со советската инвазија Бугарија била насилно отсечена од од Европа.
Ако декларации од Европскиот парламент ги ставаат комунизмот и нацизмот на исто рамниште, некои либерали знаат да даваат предност на едниот „тоталитаризам“ над другиот. Еден од спонзорите на неодамнешната контроверзна иницијатива за историска меморија, бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, во Европскиот парламент го покани дури и Дјанко Марков, член на некогашната нацистичка паравоена група позната како Бугарски национални легии. Марков во 90-тите години го предводеше бранот рехабилитации на фашисти од периодот меѓу двете војник: во една свечена пригода, во чест на „жртвите на комунизмот“, тој ја оправда депортацијата на Евреите во Треблинка нарекувајќи ги „непријателско население“. Тој за тоа зборуваше не на кое било место, туку во бугарскиот парламент.
Другиот бугарски европратеник кој ја спонзорираше иницијативата, Александар Јорданов - политичар од раната либерална антикомунистичка опозиција - јавно инсистира на тоа дека никогаш немало фашизам во Бугарија. Вреди да се нагласи дека овие европарламентарци се членови на владејачката Европска народна партија - респектабилниот десен центар, а не од некоја крајна екстремистичка партија.
Всушност, освен создавање услови за ваква фашистичка апологетика, главен ќорсокак на либералниот ревизионизам кој ги изедначува „двата тоталитаризма“ е што прави да е невозможно да се разбере зошто Советите воопшто се мачеле да се борат против нацистите? Или пак, зошто Бугарите се бореле заедно со Црвената армија за оваа кауза? Во септември 1944 година, Советската армија влегува во Бугарија без да истрела ниту еден истрел, бидејќи не се соочи со никаков локален отпор, што е тешко замисливо за време на „инвазија“. После тоа, бугарската армија посветено учествуваше во последната фаза од Втората светска војна, помагајќи да се истуркаат нацистите од Југоисточна Европа - факт кој исто така, чудесно е запоставуван од бугарската десница.
Некој може да се запраша зошто триесет години по 1989 година, комунизмот останува толку горечко прашање во Бугарија. Во отсуство на организирано движење на работничката класа или силна левичарска партија која се бори за власт, тоа би итребало да изгледа неважно. Меѓутоа, опсесијата на владејачката класа со оваа тема опстојува, без разлика дали во законодавните иницијативи за криминализирање на комунизмот или во постојаните поплаки дека учебниците не ја кажуваат вистината за комунизмот.
Можно објаснување на оваа параноична опсесија со минатото е стратегија на десницата со тоа да му се парира на растечкиот замор од неолибералниот реформски консензус. Бугарите не се залетаа во прегратките на Социјалистичката партија или на некоја друга левичарска алтернатива, но не се одушевени ни од ослабениот десен центар.
Во контекст во кој консензусот опаѓа а алтернативи нема, антикомунизмот станува уште поинтензивен, што не ја потенцира силата на десницата, туку нејзината слабост и намалена способност да мобилизира. Памфлети за антикомунизам како компензација од закостената владејачка класа неспособна да понуди иднина освен бесконечно надополнување на истата анти-трудова политика и политика на штедење во рамките на деградирачкиот развојен модел заснован на ниски плати и ниски даноци.
Со запленета иднина, симболичките конфронтации од минатото се претвораат во единствениот значаен терен за изразување на политичките разлики. Како што објаснува социологот Лилјана Дејанова, во отсуство на суштинско политичко соочување во пресрет на залезот на големите наративи, „граѓанската војна за меморијата“ почнува да дејствува како супститутивна политика.
Единствен ефект од марширањето на анти-комунизмот и на либералниот анти-тоталитаризам е да му помогнеме на фашизмот да дојде сè поблиску до рехабилитација.
Јана Цонева
докторанд по социологија на Централниот Европски Универзитет во Будимпешта