ни пишува: Бранко Радовановиќ
Протестите на студентите околу предлог законот за високо образование, покрај другото, покажаа дека солидно едуцирани го развиле и критичкиот однос кон работите што е основна цел на сеучилишните институции. Сето тоа заедно е врзивно ткиво во создавањето самостојни личности со моќ за целосно осознавање на појавите и процесите што ќе рече, интелектуалци. Историјата не учи дека во борбата за кинење на оковите на политиката, оваа морална категорија е во постојан судир со власта. Така e од антиката до денес. Судирот меѓу власта и разумот резултира со шикани и жртви. Така Сократ, така Робеспјер, така и многу знаени и незнаени високодостоинсвеници на здравиот разум.
Така и сега и овде во дваесет и првиот век под товарот на цезаровата: раздели па владеј. И кога тој вирус ќе биде инјектиран меѓу високо образованите тогаш сцената се престорува во арена на која се плаќа висок данок и без фискална сметка. За да не се знае дали и по која цена е продаден образот или дека трансакцијата не е реализирана. Оти, во долгото умирање власта на билмезите нема ни време ни потреба од рационални решенија ниту пак можеш со силата на аргументите да ја вразумиш. Својата цел ја реализира со силата како аргумент. Вистината е секој пат таква како што ќе ја изгласаат. Во нашава демократија не важат вредносните судови соодветни на објективната стварност. Да нема дилеми: Овде не станува збор за измеќарски судови а додека не се набават детектори за внесување на вистини во законодавниот дом, нема да го исцрпувам ова прашање. Нели треба да се одреди добавувачот па да се распише, нели, тендер.
Буква по буква, збор по збор стасавме до тазе вистина. Кон неа и со неа први тргнаа студентите. Професорите освен чесните исклучоци (Ванковска, Сиљановска,Шкариќ, Марјановиќ, Беџети, Ацевски) го чекаа одмотувањето на клопчето. Дури потоа им се придружија на студентите. Па се поделија на за и против.Но и пред да да се разијдат доцнеа. Зошто доцнеа, не знам, но слушам им се заканиле дека ќе укинуваат факултети,ќе го менуваат персоналот, ќе останат на улица... А пред вакви факти професорите не молчат. Напротив. Се размрдаа. Впрочем и умрената жаба ако ја допреш во нервот, мрда.
И ајде две тајфи. Едната против слепи пилиња, другата за златна кокошка. Капар - исто такви јајца. Едните, професорски пленум, другите веднаш по нив, граѓанска иницијатива. Едните писмо до Европа другите ферман на истата адреса. Првите кај претседателот, вторите-втори. Па да видиш, виртуозност за регулирање на различни работи. Секој од капарените мозоци во по два-три управни одбори и тела каде (како што сака да му верувааат) чесно си го заработува хонорарот. Способност е тоа, зарем не!? Еквилибристика во ДОМ и наизменична струја како при ГРОМ.
Па ајде во хотел, па не, туку во Собрание. Па кој пат води за Мариово. А таму инелектуашлаци... оп, се пардонирам: Интелектуалци, добро подготвени за дебата. Единствен што вака преку очи му плесна демант на професорот Петрушевски беше Владимир Мајаковски: - Добро бе професоре, како ќе забодеш нежен збор во тврдо уво?! Инаку , на почетокот на гребатата... Пардон, дебатата, ректорот на УКИМ мотивиран од уверливоста на премиерот, воодушевено се испогани во сопствената фотеља вовлекувајки се во трансцедентална анализа на настанот. Тој, според добро информирани извори, се повлече во стопленото седело на ректорскиот трон. И уште е таму. А бидејки работата засмрди што е природно, уста отворија и носителите на одговорности низ управни одбори што е пригодно. Солидно ги одиграа ролите. Ни милиметар отстапување од сценариото. Една драма... ова, дама со милозвучен сценски говор ја одбрани автономијата на универзитетот дури и од самата себе. Е ајде сега премолчете една ваква десертација. Да не има некој инаков начин да се докопате до статусните придавки, освен со трутови, маки зачинети со солена пот, драги мои тутуноберачи.
Без придавки и додавки остануваат само Храброста и сонот на младите. Низ историјата ги прекоруват. Биле неоговорни, вакви-онакви а ја движат целата историја. Тие носат прогрес. Тие немаат ништо друго освен достоинство, критички дух и реални сознанија за тоа што им се случува. И срце за отпор.
Ете толку од мојот јуни 1968 година до цутовите на ова нова пролет.