И лути републиканци имаат што да почитуваат кај Елизабета Втора

Ние сме горди републиканци но таа аргументација ја оставане за другпат. Сега е време да се подигне чашата во чест на долгото и стоичко владеење на кралицата Елизабета. Иако беше на врвот на една анахрона институција, таа успеа не само да го трансформира нејзиниот имиџ туку и да емитува вредности кои денес се презрени од новите елити.

Спајкд е гордо републиканска публикација. Но, тоа се аргументи за друг ден. Задачата во моментов е да се пренесе сочувство до семејството и потоа да се размисли што значи смртта на нашиот монарх со најдолг стаж. Фигура која, и покрај тоа што водеше ваква анахрона институција, до крај оставаше впечаток на заедништво. Тоа го праваше во услови на растечка фрагментираност на нашето време во кое нашите елити се откажаа од патриотизмот и нè тераа да се сместуваме во сè помали идентитетски групи. За многу луѓе, кралицата се чинеше дека е не само само над политичката кавга, туку и над подлабоките културни војни од последните децении, во кои долгогодишните вредности беа демонизирани и исфрлени.

На многу начини, Елизабета беше модернизатор. Таа ја означи трансформацијата на имиџот на монархијата од една мистична личност во една, речиси јавна службеничка. Како што рече, тогаш принцезата Елизабета, на нејзиниот 21-ви роденден во 1947 година:

„Пред сите вас изјавувам дека целиот мој живот, без разлика дали е долг или краток, ќе биде посветен во ваша служба.“

Нејзиното крунисување шест години подоцна, на кое таа дозволи да влезат и телевизиски камери, за прв пат на масите им донесе помпа и церемонија. Милиони Британци се стискаа околу новокупените телевизори, или пак во домовите на други луѓе и во пабовите, ако не можеа да си дозволат свој телевизор. Дури и до некаде блуткавиот поим за кралицата како „баба на нацијата“ одразува колку таа ја доближи монархијата до луѓето.

Но, таа подоцна ќе се побуни, на оној нејзин тивок начин, против оние кои инсистираа дека „модернизацијата“ на монархијата значи потклекнување под нарцисоидните и его трендови на поновото време. На оние кои ги поттикнуваа членовите на кралското семејство да се отворат, да изнесат сè надвор, на долго и широко да зборуваат за своите борби и ранливости, како што тоа толку сакаат да го прават помладите членови на кралското семејство.

Иако по смртта на принцезата Дијана, резервираноста на кралицата Елизабета се толкуваше и како бездушност, впечатокот за стоицизам и за држење на болката во себе на крајот испадна она што луѓето најмногу го ценат кај неа. Таа беше кралица, а сепак не сакаше сè да се врти околу неа.

Тоа се токму оние вредности што новите елити ги презираат. Во времето на платинестиот јубилеј годинава, една анкета покажа дека таа има поддршка од 86 отсто од јавноста. Згора на сè, мнозинството рекоа дека карактеристиката на која најмногу ѝ се восхитуваат е традиционалноста.

Да, во оваа наша ера на уривање статуи, нулта години, гледање на  историјата само како литанија од ужаси, токму чувството на поврзаност со минатото беше она што се ценеше кај Елизабета. Таа создаде чувство на континуитет што нè води кон многу цитираната дефиниција за патриотизам на Џорџ Орвел - „посветеност на нешто што секогаш се менува, а сепак се чувствува дека е мистично исто“.

Не треба да сте монархист за да верувате во важноста на служењето, стоицизмот и националноста, да верувате дека историјата треба да се учи и да се гради, наместо одново да се пишува и да се прочистува. Самоуверена и вистински демократска нација треба да знае каде била и каде оди.

Вистина е, помладите членови на кралското семејство - иднината на монархијата - изгледаат алергични на многу од овие идеи како и секој друг дел од естаблишментот. Со смртта на Елизабета не можете а да не се плашите дека, ако не внимаваме, вредностите што таа ги претставуваше ќе заминат во историските книги заедно со неа.

Затоа, да подигнеме чаша за кралицата Елизабета Втора. Дури и за нас републиканците, има многу за восхит и почит во нејзиното долго и стоичко владеење.

Том Слејтер

 

 

9 септември 2022 - 11:10