позајмена колумна

Големите теми на малите мајстори

Големината на темата е многу важна. Која ви е вам најдобра песна од Лака: „Џемпер", „Зајак" или „Мечка"? Нели „Мечка" е најдобра?

пишува: Елвис Џ. Куртовиќ

Големи теми

Шетав нешто замислен и нерасположен низ град, кога татковскиот лик на генерал Јово Дивјак ме опомена: „Што си толку намрштен и загрижен? За што размислуваш?"

„За љубовта генерале, за љубовта", реков, сфаќајќи дека токму тоа е проблемот.

„Размислувај за слободата, немој да размислуваш за љубов!" - ме посоветува легендарниот чичко Јово со благо наредбен призвук во гласот.

Е - сега не се сеќавам дали ми беше подобро кога почнав да размислувам за слободата, но се сеќавам дека ви имам ветено дека во моите колумни ќе почнам да пишувам за големи теми.

Слобода. Љубов. Уметност.

Голем број уметници си го имаат потрошено талентот бавејќи се со небитни работи. На пример Емили Дикинсон во песната „Јас рано станав, кучето го поведов..". Зарем поетесата не можела својата вештина да ја искористи попаметно - и да пишува за нешто поважно? Или на пример, погледнете ја оваа слика на Ван Гог:

Зошто уметникот ја слика својата беда наместо да најми некој ПР експерти или „спин доктори" кои сигурно би му дале деловно-маркетиншки совет да почне „стартап" компанија за сликање на портрети на богати приватници?

Или да ги слика „успешните стопански субјекти" од тоа време, па со своите слики да „тргне по претпријатија"? Кога веќе е ликовна уметност во прашање, сфатив како најдобро да фолирам.

Се случува да се загледам во некоја слика без ништо да сфаќам за неа и без ништо да не мислам, но што ако некој од мене бара да кажам што мислам? Тогаш јас значајно ќутам, гледам во неа, демек нешто промислувам за асоцијациите кои сликата ги разбудила во мене, се чешкам по брадата и мрморам: „Многу интересно!" Ако продолжат да ми вршат притисок за да кажам нешто за сликата - јас тогаш замислено воздивнувам и внимателно изјавувам: „Знаете како е, некој има афинитет кон апстракции, некој кон фигуративно сликарство, а јас главно го преферирам второто!"

Така кажете и вие кога ќе ве притиснат, наместо сељачки да повторувате: „јас брате сакам сликата нешто да претставува!" Авторите на некоја изложба често се прилично подготвени на посетителите да им ги објаснат изворите на своите инспирации, даваат аргументи зошто користат одреден колорит и техника, а во приложениов клип ќе видите и колку е тешко да се создаваат дела понекогаш, кога околината покажува неразбирање за нивната вредност.

Поука на крај

Нема поуки на крај. Не сме во основно школо и не сум ви јас учителка. Размислете сами...Но, бидејќи сакам на сите да ви солам памет, сепак ќе ви дадам некои „сугестии и насоки" без намера да ви држам предавање (да го наречеме ова „Елвисов краток курс по демагогија")

Учителката погрешно нè има учено дека „не е важно за што пишувате туку како пишувате".  Го кажуваше ова за да не одговара пред директорот кога учениците во своите задачи ќе почнат да дробат против социјалните разлики, против Партијата и функционерите, па ги охрабруваше ученичките промислувања за облаците, ливадите, за пролетта, есента, зимата..(за лето нема ученички умотворби затоа што тогаш е распуст)

Не треба како Емили Дикинсон, Ван Гог, Елвис Џ. Куртовиќ (сè клошар до клошар!) да се троши време на „ситни работи кои живот значат" (веројатно авторот на мудроста мислел на некоја ситна работа како малечка платинеста Американ експрес картица)

Големината на темата е многу важна. Која ви е вам најдобра песна од Лака: „Џемпер", „Зајак" или „Мечка"? Нели „Мечка" е најдобра?

И покрај тоа што треба да се пишува за големите теми (слобода, љубов, уметност, мечка...) треба „активно да се застапува својата кауза" (таканаречено advocacy). Ако на пример Италијанците не зборуваат ниту еден јазик освен мајчиниот, тогаш вистинските мајстори како Стиви Вондер им пристапуваат така што песната „Yester-Me, Yester-You, Yesterday" ќе ја отпејат на италијански:

Како што Стиви се обидува да им се приближи на Италијанците, и јас активно го застапувам своето дело и се обидувам да им се приближам на своите пријатели и роднини кои упорно, од ден во ден, од вторник до вторник, не ги слушат моите емисии и не ги читаат моите колумни!

А јас ним исто толку упорно им праќам линкови и ги наговарам со зборовите: „па зошто не прочиташ, има тука корисни совети..како да се направи печка на свеќи, како да се состави клима од стар фрижидер и пумпа за аквариум итд."

Вчера во очај го испратив најновото интервју на луцидниот Едо Мајка. Го насловив писмото со „Слушај ја Мајкааа!"

Морам значи да продолжам да правам ПР и адвокаси, и морам да престанам да опишувам тривијалности од типот „ме касна куче" (чудни ми чуда, секој втор човек во Сараево го има каснато куче)

Морам да им се вратам на големите теми за кои имам пишувано кога бев мал, како на пример посетата на етиопскиот цар на „бившата федерација и на другарот Тито".

Затоа што факт е дека денес се присеќаваат на оваа мала песна за големата тема кога повторно некоја значајна личност доаѓа во посета на нашата земја:

* за Радио Сарајево

29 април 2014 - 17:06