Додека во Британија кампањата околу Брегзит станува се повалкана, а Борис Џонсон ја споредува ЕУ со Адолф Хитлер и се жали на се поголемата моќ на Германија, Џон Миклтвејт во колумната за Блумберг му препорачува на поранешниот градоначалник да го посети Берлин:
"Германските лидери изгледаат како истрошени од бескрајните кризи и, од нивна гледна точка, отворената неблагодарност. Овој растечки замор кај и онака колебливиот хегемон на континентот може да значи подеднакви проблеми за ЕУ како и Брегзитот."
Миклтвејт смета дека на Меркел и фали силата за да ја води Европа, а нејзините партнери дури и кога не и попречуваат, прават многу малку за да и помогнат, "па проблемите се таложат, а фрустрацијата во Берлин расте."
Како пример тој ги дава двете главни "постојани кризи" на Европа. Во неделата грчкиот парламент требаше да изгласа уште еден пакет мерки за штедење, кој треба да ги одоброволи министрите за финансии од ЕУ, пред нивната средба на 24-ти мај, за да и пуштат на Грција дополнителни средства за покривање на долговите:
"Со ова умешно беше избегнато пропуштање на роковите за плаќање на долгот. Меѓутоа никој во Берлин не верува дека Грција некогаш ќе може да ги исплати своите долгови...
... Уште полошо, од германска перспектива, е што немањето напредок во Грција е симптоматичен за некомпетитивната економија на целиот континент. Минати се 6 години од евро кризата, а Франција едвај има започнато со структурните реформи (германските министри превртуваат очи кога ќе им ги спомнеш 'Франсоа Оланд' и 'реформи' во иста реченица), а Италија се уште се обидува да го среди својот банкарски систем. А заедничкиот пазар е загрижувачки некомплетен."
Неговата критика за Германците е што во " нивниот презир има здрава доза на хипокризија и самозалажување." Тој смета дека самата Меркел има спроведено само мал број структурни реформи, и дека најголемиот дел од тешката работа ја завршува нејзиниот претходник Герхард Шредер:
"Среќни во својот просперитетен економски балон, германските гласачи го осудија остатокот од Европа на непотребно штедење, се опираа на либерализација, и одбиваа да ги сварат заедничките евро обврзници и други долгорочни решенија за зачувување на заедничката валута. Значи Германците не се светци како што сакаат да се претстават. Меѓутоа, како што бескрајно нагласуваат, тие се оние што ги пишуваат чековите секој пат кога треба да се спаси некој од долг - а не се чувствуваат како да добиваат доволно за возврат."
Во однос на втората голема европска криза, приливот на сириски бегалци, "Германците имаат уште повеќе оправданија. Позитивно во ова е што Меркел успеа да најде начин да го спречи приливот на бегалци." Целото справување на Меркел со кризата значеше давање пари на Турците да ги задржат бегалците кај нив, и давање пари на Италија и Грција, да не дозволат бегалците да се појават на нивните брегови.
"Овие договори донесоа некакво олеснување во дворот на Меркел, ама ова не доаѓа без нервози и укори. Нервоза затоа што договорите се фрагилни. Укори затоа што Меркел бараше помош, а доби многу малку. Додека Германија вдоми 1 милион бегалци, Британија и Франција апсорбираа само делче од ова. Источна Европа, која Германија помогна да се изгради, беше повеќе од невоспитано некооперативна. А она што луѓето на Меркел се чудат е што ќе се случи ако бегалците повторно почнат да пристигнуваат?
Па не е ни чудо што Германија чувствува истоштеност. Една деценија како е на власт Ангела Меркел сигурно ги смета иронични забелешките на Борис Џонсон. Наместо да доминира со Европа, таа е во истата позиција во која е Барак Обама во остатокот од светот: таа може да сопре работи, меѓутоа ретко може да направи тие да се случат. Делумно ова е и нејзина вина: ако таа беше поамбициозна околу во решавањето на евро кризата, наместо да се држи до најразлични фластер решенија, таа можеби и ќе ја решеше. Меѓутоа Германија е неодлучна да го преземе водството, а остатокот од Европа е неодлучен да следи...
... Главната грижа е дека магичниот круг е започнат: како што Германија станува се пофрустрирана со неможноста на Европа да се промени, станува се помалку веројатно дека таа ќе води, заради што промената што таа ја бара е помалку веројатно дека се случи. На чуден начин, Брегзит може и да ја промени оваа динамика. Меркел е очајна да ја задржи Британија во Европа бидејќи го гледа Дејвид Камерон како глас на реформите.
Но ако Британија одлучи да напушти и другите земји почнат да се закануваат дека ќе одржат референдуми, тогаш дури и претпазливата Меркел можеби ќе биде присилена да го искористи моментот и преку Брисел да притисне за реформи за создавање на покохезивна, модерна евро зона со подлабок заеднички пазар. Од тука е и иронијата за Џонсон и неговите поддржувачи: доминантната Германија од која се плашат е поверојатно да се случи ако Британија изгласа да ја напушти Унијата," пишува Миклтвејт.