Се што сакате да знаете за Брегзит можеше да го научите рубриките за култура на британските медиуми. Таму поддршката за останување во Унијата пред референдумот беше едногласна, сложна и страсна: дознавме дека уметничката суперѕвезда Дамиен Хирст на Инстаграм објави серија проевропски плакати, Трејси Емин ја потпиша големата петиција за поддршка, а Ричард Докинс озбилно се заложи за одземање на правото на народот самостојно да одлучува за вака важни работи, бидејќи луѓето "немаат ни време ни потребно искуство да ги истражат изразито комплексните економски и општествени прашања". Откако народот во недостаток на време и искуства избра да го напушти европскиот проект, следуваа презир и бес: писателот Ендру О'Хаган спомнуваше "диктатура на неписмени опортунисти," Аниш Капур прозбори за срамот што го чувствува пред британската ксенофобија, за сатиричарот на Њујоркер, Енду Боровиц, од онаа страна на Атлантикот спретно да даде сиже на доминантното чувство: "Британците конечно го изгубија правото да зборуваат дека Американците се поглупи од нив." Во прилог на тезата за глупите брегзитовци одат и статистичарите: од нив дознавме дека младите, образовани граѓани на метрополите мнозински избираат останување, додека за заминување се одлучиле главно старите и послабо образованите. Притоа не е важно што во очите на овие ксенофобни несреќници заканувачкиот лик на имигрантот кој им ја краде работата на поштените локалци, послужи само како популистичка маска на покомплексните проблеми. Меѓутоа прашањето кое притоа останува неодговорено, гласи: а што е со оној другиот, либерален поглед кој во исто време беше заматен од ликот на сенилниот и затупен британски селанец што ја води земјата во пропаст? Можеби одразот во огледало; можеби фактот дека Хирст своите дела на глобалниот пазар ги продава за милиони, додека сер Капур купува ексклузивни права на посебна нијанса на црна боја за да не може да ја користи никој освен него; можеби, накратко, едноставниот факт дека комплетната културна елита која гласно го поддржуваше останувањето во Унијата припаѓа на и тоа како привилегираниот дел на британското општество. Ако нам притоа ни е разбирлив нивниот рефлексен бес наспроти сонародниците кои гласаа во корист на заедничката штета, вреди да се надеваш дека културњаците нема да застанат тука. Сите тие се угледни и добро ситуирани граѓани, со доволно - што би рекол Докинс - искуство и време за во скора иднина да стигнат поозбилно да се заинтересираат за социјалната провалија која ги дели од игнорантските маси, за вистинските причини на народното незадоволство, и конечно за причините кои тоа незадоволство го претвораат во гориво за расистичките десничарски политики.
Борис Постников
(цел текст)