Слушам вест на радио како властите дошле до соломонско решение за проблемот со загадувањето: ќе вработеле ДЕВЕТ нови инспектори! ДЕВЕТ! Најдоа душегрижниците повод да си ги вработат своите, а нешто ми вели дека ќе си ја следат дпмне-вската практика овие новиве инспекторчиња да ги регрутираат со различни профили, од чевлари до историчари. И ќе фрчат казни по сиротиња што запалила некоја гума да се стопли. А и по претпријатија како Дрисла, демек тие се криви (мајката, никој на медиумиве не ги спомена оние од Визбегово).
Сегашниве инспектори навистина се ефикасни, и ни помогнаа полесно да дишеме. Појачање! Тоа ни треба, сериозно? "Затворање на сите инцинератори на токсичен отпад!" - дрекаат со мантрава како на времето што се кунеа у Тито. Сите заговорници се испенавија во устите со теории како тоа фирмиве за согорување добиле лиценци од предходната власт, и кој колкав рушвет зел. И тоа како сегашниве власти молчат, повторно заради интерес. И по логиката да му умре козата..., треба да се затворат. Иако, реално ни требаат. И така, никој А не кажа од типот: Абе луѓе, колку пари требаат еден апгрејд да се направи на спалувачиве? Сигурно е поевтина инвестицијата отколку деветмина чевлари триесет години да се товат на народен грб? И пак ни се криви политичарите, а ние ќе си ќутиме, и ќе појачуваме на пакла цигари.
Луѓе, живи докажаната добрина и чесност која сум ја видел во вас, ајде да почнеме да собираме пари за апгрејд, како што тоа го правевме за помош на безбројни дечиња. По едно евро од сите скопјани. Сигурно ќе собереме повеќе од шесто илјади евра, кои ќе стасаат и за набавка на потребната опрема, и за експертиза односно дообука на операторите во Дрисла (бидејќи британските пилати кои си ги измија рацете не удостоија барем со таа информација), а богами и за пензионерски фондови за оние кутри работници кои досега спалуваа. И онака нема да дочекаат пензија, ама барем ќе имаат за цитостатици, или нивните дечиња ќе се школуваат. Па нека повели после некој политичар да собере храброст и да се дрзне да кажува гачки како треба да се потрошат парите собрани од народот. Или ние да се дрзнеме пак да плукаме по нив.
Што се однесува до приватните фирми спалувачи, како оние од Визбегово, или други за кои немаме чуено, за нив не повикувам на линч или лов на вештерки, туку сегашните инспектори да си ја заработат платата, и да ги посетат. Новите нека си се товат, не ни требаат. Не за казнување, туку да се информираат од газдите дали работат по евро-стандарди, и доколку истите не ги исполнуваат, како да им се помогне и колку би чинело за нивното доопремување. Бидејќи газдите се вистинските експерти по темава, тие треба да се прашаат. Онака јавно, или модерно кажано транспарентно, со заедничка изјава да нè просветлат. И сега што велите, ќе се откажеме од еден доручек-едно евро, па овојпат да се дичиме што има на странските хедлајни за нас, или ќе го чекаме Шилегов и овој новиов дпмне да ни кажат дали двесте илјади евра се многу или малку за доопремување? Ај бе живи све, заради челадта, ако не за нас, ние и онака накачуваме на пакла цигари.