Секако дека разбирате што зборувам.
Бев на ручек пред некој ден кога еден пријател ја даде следната забелешка: „Кога овие #MeToo глупости ќе завршат? Кога филмовите пак ќе бидат секси?“
„Стварно е така“, одговорив. Не дека јас сум јасновитка, ама сега, како што гледаш, ова завршува. Или барем, јас би сакала да заврши, што е речиси иста работа.
Кога ловевме само луѓе што направиле вистински лоши работи и, навистина, ги признаа, ова беше во ред. Меѓутоа сега одиме по барови и ловиме кој било маж што направил што било, дури и да е незначително како: насмевка, поглед, присилување жена да живее под неговото биро во тајна соба и одбивање да ѝ каже која година е, прекршоците се од ДРАМАТИЧНО РАЗЛИЧНИ НИВОА, кои само ги собирам на куп како да верувам дека сите тие е можно да се прифатливи ако ги направиш вон канцеларија.
Први на список беа мажите што не ги сакав, некои и со бради што не изгледаа убаво, други беа конзервативци медиумски ликови, а некои и ги комбинираа овие карактеристики. Меѓутоа потоа почна да се шири, па дури уништуваме и кариери на луѓе обвинети за помали прекршоци, како кажување „добро утро“ со нагласување на погрешен дел, или јадење сендвич додека одржуваат визуелен контакт со некој што не е нивна сопруга, или на жена на меил ѝ пуштаат учтив комплимент.
Уф, не, ништо од ова се нема случено? Моја грешка. Уплашена сум дека ќе се случат, што е подеднакво лошо.
Мојата поента е дека има разлики. Некои работи не се лоши колку некои други работи - а сепак феминистките не се согласуваат! Не се прави никаква дистинкција. (Односно, имаше, ама нив може да ги снема во секој момент.)
Имаше анонимна листа, која дефинитивно треба да биде употребена во Војната против мажите, не само како алатка за да биде споделена меѓу луѓе што сакаат да знаат кого да избегнуваат кога се обидуваат да напредуваат во своето поле. Сега мал дел од патријархатот е во ризик. И дозволи ми ова да го кажам за патријархатот: никогаш ми нема ништо сторено на мене, и мислам дека треба да размислиме пред да го осудиме на смрт.
Ова мора да престане, колку побрзо толку подобро. Ова е истото што се случи во минатото со Џозеф Меккарти: Сенатот формира комитет и ги строи луѓето осомничени за антиамерикански активности. Треба да се каже дека не е баш така, ама вклучена е листа, а секој пат кога е вклучена листа знам по кого следен ќе тргнат. Баш затоа Дедо Мраз не е многу обожаван кај мене дома.
Разбирам дека има проблем, ама жените треба да престанат да бидат жртви. Има два начина како ова да се случи: едниот е мажите да престанат да малтретираат жени. Другиот е жените само да го игнорираат проблемот и да си тераат. Вториот пристап е тестиран долги години и беше, според мене, успешен. Ајде да се вратиме на тоа. Ќе биде далеку полесно за жените да престанат да се жалат отколку за мажите да го променат своето однесување и да им ја дадат основната почит со која ги удоволуваат колегите со кои не сакаат да спијат.
Еднаш некој се обидел да ја малтретира Маргарет Тачер, таа го удрила со секира и му рекла: „НЕ ДОДЕКА ИМАМ СИЛА, БИТАНГО ЕДНА, ИЛИ ЌЕ ТЕ СНАЈДЕ ИСТОТО ШТО Ѝ ГО НАПРАВИВ НА ЕКОНОМИЈАТА.“ Ова е уште еден правилен начин да се продолжи, и повеќе жени треба да ја копираат оваа нејзина лекција. (Сите жени се во позиција да го направат ова и да нема последици по нив. Не треба два пати да размислуваат.)
Уште полошо е што, се уништуваат филмови заради овие глупости. Нема ништо помалку еротско, ако мораме да бидеме искрени, од согласност (процес што претпоставувам дека вклучува многу документација). Знаме дека „согласност“ не може едноставно да значи дека двете страни очигледно сакаат нешто да се случи пред да продолжат, или ќе биде алармантно дека тоа не е вклучено во сè претходно.
Основата на секоја романтична комедија што некогаш е направена е малтретирање на работно место. Филмовите се полни со жени што само сакаат да си ја вршат работата и мажи што не престануваат да им се пуштаат, од „His Girl Friday“ (1940) до денешен ден. Ова е пола од шармот на Џејмс Бонд, како франшиза.
Еросот е еднострана врска меѓу човек и објект. Ако ова ни го одземат, што ќе остане? Буквално ништо. Или барем ништо на што може да ми текне, што претпоставувам дека е иста работа.
А што е со брканицата? Што правиме кога ловиш жени со стрела низ својата огромна приватна шума и ако не успеат да ти избегаат мораат да живеат како твоја конкубина илјада денови? Што е со традициите на дворење, или на право на прва ноќ? Каде има место за тоа? Што е со претпоставката на невиност? Каде е смирувачкото чувство дека можеш да направиш што сакаш сè додека си добронамерен, или дека тоа ќе биде разбрано без ничиј живот да се загорчи?
Што е доста, доста е, и го кажувам и го мислам ова. Прочитав нешто од некоја Французинка што вели „УШТЕ ЕДЕН ДЕН“ и мислам дека мажите тоа го заслужуваат. Ајде да се вратиме како што беше, пред да им се наштети на уште скапоцени мажествени кариери. Нема ништо храбро во проговарањето на што било од ова. Тоа е само толпа. Никој не критикува ниту им се заканува на жените што јавно проговоруваат, секако не јас, секако не сега.