Дали е можно да бидеш муслиман и демократ?

Прашањето што го поставува турскиот професор по социологија Емре Конгар, во Џумхуриет е: Дали луѓето кои практикуваат Ислам исто така можат да веруваат и во идеалите за секуларизам и демократија?

Исламот и демократијата се темите што се во прв план во дебатата не само во Турција туку и низ светот. Во Турција демократијата до сега успеа да преживее, меѓутоа сега е притисната кон диктатура со допир на Ислам. Во светот, глобалниот тероризам кој има корени во Блискиот Исток го користи муслиманскиот идентитет за извршување масакри.

Групи кои користат политики на идентитет без разлика дали тој е базиран на религија, секта, раса или нација, тврдат дека се алиенирани или малтретирани. Овие групи инспирираат поларизација или насилство, но не сакаат да се активираат во овдешните политички партии. Прво сакам ова прашање да го дискутирам на индивидуално ниво.

За да се елаборира на овие теми, важно е да се нагласи дека секуларизмот е предуслов за демократија. Па ајде да го поставиме прашањето: "Дали е можно поединец да биде муслиман, секуларен и демократ?"

Првично дискусијава ја започнав на Твитер. Открив дека оние кои имаат стриктна интерпретација на религиозните ставови, и ги гледаат општеството и религијата како нераздвојни, одговараат дека тоа е невозможно. "Не, вистински муслиман не може да биде секуларен и демократ бидејќи Исламот бара светот и општеството да бидат управувани според религиозните правила." Меѓу луѓето кои вака размислуваа, дел беа Муслимани ама имаше и атеисти или агностици. Голем број од анкетираните одговорија потврдно: "Јас сум муслиман, секуларен и демократ, сè во исто време."

Кога го спомнав фактот дека има милиони луѓе кои се идентификуваат како муслимани и демократи, дел од луѓето одговорија со: "Тоа може да се случи во христијанството бидејќи тоа мина низ реформи. За муслиманите тоа е невозможно." Па, им реков дека немаат право да дефинираат или етикетираат луѓе.

Длабоко религиозните муслимани и оние кои веруваат дека тие го претставуваат Исламот тврдат дека човек не може да биде и муслиман и демократ. Меѓутоа општеството и голем број поединци го отфрлаат ова тврдење. Во голем број земји низ светот, и посебно во Турција, има милиони кои се идентификуваат како двете.

Исламисти и политичари кои ги искористуваат политиките на идентитет се обидуваат да ги радикализираат овие луѓе. И партиите кои ги користат истите овие политики на идентитет дволично ги бранат своите радикални политики додека функционираат во рамките на демократски систем. Бидејќи тие знаат дека Република Турција, која го замени религиозното владеење на Отоманската Империја, е пример за исламски реформи во муслиманскиот свет, тие ја гледаат републиката како закана за нивното владеење и страв дека ќе ја изгубат својата моќ.

Да не заборавиме дека поединец може да биде муслиман и демократ. Меѓутоа невозможно е да се одржи демократија паралелно со политики кои го искористуваат религиозниот идентитет и користат говор на омраза.

Емре Конгар
Џумхуриет

11 јули 2016 - 14:32