Мариус Завадзки:

ЦИА и наивната тајна служба на Полска

Сторијата на Вашингтон пост истовремено е страшна и малку комична: полските тајни служби добиле 15 милиони долари од ЦИА во замена за дозвола за поставување на тајни затвори, а парите наводно биле испорачани во две картонски кутии.

Според моите пресметки димензиите на овие две кутии би требало да бидат барем 80х80х20 сантиметри (гајба пиво е 40х30). Плус би требало да бидат изработени од некој посебен картон, бидејќи секоја од нив би тежела по 70 килограми.

Го поканувам полковникот Андреј Дерлатка (заменик директор на тајните служби во 2003-та, која ја извршил трансакцијата), да ме коригира ако ми е погрешна проценката.

Полската тајна служба намерно барала кеш, како што дознав од моите извори од Вашингтон. Исто така бев уверен дека трансакцијата дополнително ги зближила агентите од двете земји. Кога кутиите биле испорачани, господата заминале на раскошна вечера во "најсрдечна атмосфера." Тотално разбирливо, бидејќи животното искуство покажува дека постои посебна братска врска која поврзува двајца мажи, дури и странци, кои заедно носеле тешки предмети.

За жал не можев да дојдам до содржината на разговорите од вечерата. Ниту знам дали тогашниот премиер или претседател на Полска знаат што било вклучено во цената. Можеби сме ја дале вилата во Старе Кејкути, каде што ЦИА го постави тајниот затвор, без да прашуваме премногу прашања, исто како што американската армија до неодамна правеше со геј војниците: "Не прашувај, не кажувај."

Можеби ние не сме прашале а тие не ни кажале?

Сепак ние знаевме - мислам на политичарите - дека авионите кои слетуваат кај Старе Кејкути, носат патници. Уште повеќе Полјаците запознаени со работата сигурно претпоставувале дека сите работи што Американците им ги прават на затворениците во вилата, тие не би можеле да им ги прават на американско тло. Освен тоа, изгледа дека договорот за изнајмување вклучувал параграф за процедурата кој треба да се следи ако некој умре во вилата.

За среќа, немало потреба од тоа. Агентите на ЦИА сепак не се убијци.

Еден од осомничените 183 пати бил измачуван со симулација на давење (Waterboarding), се додека на крај не признал дека учествувал во сите терористички акции кои се случиле во изминатата деценија. Вториот имал превез преку очи кога неговите испитувачи ставиле бормашина или пиштол до неговата глава. Освен ако немаш срцеви проблеми, од овие работи не се умира.

Кога веќе сфативме каков бенефит имаме од тоа што сме ги обезбедиле нашите сојузници со простории во кои можат да ги извршат овие испрашувања, можеме себеси да си го поставиме најважното прашање: дали се исплатеше?

Лично, мислам дека би минале многу подобро ако бесплатно ја дадевме вилата во име на пријателство меѓу двете нации или битката против тероризмот, или благодарност до НАТО и починатиот претседател Роналд Реган за поддршката за полските синдикати итн. Ако го направевме ова барем малку ќе го зачувавме образот, барем во одредена смисла. Ќе не сметаа за будали, ама за незаинтересирани и благородни.

Наместо тоа, излезе дека ние сме еден куп имбецили со две картонски кутии преполни со кеш.

31 јануари 2014 - 17:41