Британија, 21 век: Тиранија на Прајдот

Сквернавење на Прајдот во 21-от век е истото она што беше сквернавење на ликот на Христос во 14-от век. Кога едно политичко движење не смее да се преписпитува, кога неговите симболи стануваат задолжителни и кога секоја институција на моќ го вее неговото знаме, треба да бидеме загрижени. Многу загрижени.

Замислете да постои политичко движење кое е толку моќно и толку нетолерантно што ако се зезате со него, може полиција да ви тропне на врата. Тоа движење да е толку доминантно што сквернавењето на неговите симболи да почне да се третира како богохулење. Движење толку обожувано од елитите што секој град или село што ќе одбие да му се поклони - да го вее знамето и да ги извикува неговите слогани - ризикува да биде отпишано како небезбедно и во суштина нечисто. Движење толку вградено во владејачката класа што секое крило на естаблишментот, од политичката гарнитура преку војската до финансиската елита, е должно да ги истакнува неговите инсигнии.

Па, такво движење постои, овде во Британија, во 21 век. Тоа не е ториевството, „брексшит-от“ или некоја од другите идеологии за кои либералната елита постојано ни кажува да се плашиме. Тоа е Прајдот.

Живееме во тиранија на Прајдот. Неговото виножито-знаме доминира на секоја голема улица во текот на месецот на гордоста. Лондон во јуни изгледа како град под окупација, чии булевари како Реџент стрит задолжително се украсени со овој грд нов стандард. Се вееја тие знамиња додека допира погледот, во совршена и заканувачка милитаристичка формација. Капиталистичката класа се обвива во знамето на гордоста. Банките го закачуваат на прозорци, персоналот на Морган Стенли маршира зад него на улица. Дури и вооруженото крило на државата сега ни доаѓа во боите на гордоста. Полициските автомобили се пресликани со идеолошкото виножито, високи офицери носат ознаки и врвки на тема гордост. Огромното седиште на Министерството за одбрана во Лондон е осветлено во боите на гордоста. Кралските воздухопловни сили лани направија и прелет на маршот на гордоста, при што 10 борбени авиони истураа бои на виножито, предизвикувајќи одушевување кај толпата долу. Кога ќе почнат да  фрлаат Прајд бомби во нивните мисии во странство?

И тешко на оној што ќе одбие да го вее знамето на гордоста или пак, недајбоже, ќе го навреди. Два парохиски совета во Дербишир беа  означени како грешни кога одбија да го веат знамето, Би Би Си за ова известуваше со ужаснатост.

Што се однесува до сквернавење на светите симболи на гордоста, тоа е толку сериозно што станува работа за полицијата. Пред неколку недели, маж во Хемпшир беше посетен од полицајци кои му ставија лисици на рацете. Богохулел, тоест ретвитал меме на кое четири знамиња на гордоста се наредени како свастика. Униформираните чувари на говорот го обвинија дека „предизвикува вознемиреност“.

Сквернавење на Прајдот во 21-от век е истото она што беше сквернавење на ликот на Христос во 14-от век. Современите либерали се мислат за супериорни во однос на малите религиозни луѓе, иако покажуваат поголемо непријателство кон актите на иконоборство. Повеќето христијани веќе уморно воздивнуваат кога разбуденоста ги исмева нивните верувања или нивната света книга (иако истите никогаш не би кажале непријатен збор за исламот).

И самото одбивање е доволно, како што му се случи на оној фудбалер на Пари Сен-Жермен, роден во Сенегал, кој испадна од игра затоа што не сакаше да го носи новиот прајд дрес на ПСЖ. И поддршката за него стана ризична работа па клубови на таквите им понудија „дополнително образование“ на темата. Со други зборови, превоспитување; чистење на грешните мисли и нивна замена со идеи одобрени од Прајдот.

Некои ќе речат дека сеприсутноста на Прајдот само покажува дека правата на хомосексуалците се пошироко прифатени од кога било досега, па затоа нема место за паника. Ништо не може да биде подалеку од вистината. Една од ирониите на преобразувањето на Прајдот од годишен марш со геј-тематика во нова религија на елитите е тоа што тој попатно стана активно непријателски настроен кон правата на хомосексуалците. Лезбејките кои одбиваат да имаат секс со „жени со пенис“ - т.е. мажи - се гледаат како сексуални расисти. Оваа длабоко мизогина идеја сега е централна за транс-импрегнираната Прајд идеологијата. Секој што се сомнева во ова, треба да погледне што им се случи на лезбејките од „Get The L Out“ во Кардиф.

Get The L Out е критичен кон транс идеологијата. Велат дека е бришење на лезбејките кога секој може да биде лезбејка, дури и ако има пенис. Тие се појавија на Прајд Кумру и што се случи? Беа исфрлени од полицијата. Од истите оние полицајци кои го спроведуваат Прајдот во Британија од 21 век. Ова во суштина значи дека станува ризично јавно да се изјасните дека ве привлекува истиот пол, дека сте хомосексуалец. Идејата за истополовата привлечност е во спротивност со пост-сексуалното и пост-биолошко лудило на новиот Прајд, и затоа е проблематизирано, демонизирано, дури и цензурирано. Права на хомосексуалците? Прајдот е закана за нив, а не нивен поддржувач.

Наречете ме старомоден, но мојот став е дека кога едно политичко движење не смее да се преписпитува, кога прикажувањето на неговите симболи станува практично задолжително и кога секоја институција на моќ го вее неговото знаме, тогаш треба да бидеме загрижени. Многу загрижени. Особено кога тоа движење е отворено непријателско кон правата на жените засновани на секс, но и кон самиот разум кој знае дека полот е реалност. Политичката класа, државата и армијата се политизирани во целосно регресивен, ирационален и авторитарен начин на размислување што го носи името „Прајд“.

Време е да им се возврати. Богохулници, соберете се.

Брендан О'Нил

4 септември 2022 - 16:53