„Русокосиот скирол крал“, како што Ашерсон го нарекува Борис Џонсон, го вози својот скирол во распуканиот плочник, „кој за жал се нарекува Британија, или оптимистички Обединетото кралство, и тој и неговите пријатели повеќе од 3 години го лупаат до уништување.“
Промените што за ова време се случуваат и не се така големи, бидејќи англиското чувство на немоќ и омразата на елитите земаат залет уште пред 10 години, додека Европа и светот се обидуваше да излезе од банкарската криза. Она што брегзит постигна е да ги забрза и засили овие чувства. Ниту пак референдумот создаде нови поделби во Англија, туку само повторно ги откри старите, „дури беше смешно колку малку гласачи за заминување од ЕУ познаваа некој што е за останување, и обратно. Англија се уште е држава стравично поделена според класа, локација, став кон моќ и привилегија.“
„Една кобна промена која се уште трае, е уништувањето на британскиот имунитет против лаги. Од 2010 па наваму, лидерите на Конзервативците почнаа да го обвинуваат јавното трошење на претходните лабуристички влади за големиот финансиски дефицит предизвикан од банкарската криза...
... Кампањата за брегзит ослободи лавина на оспорени лаги, на кои сегашниот премиер се уште со задоволство прави слалом.
... Друга видлива промена е што сега има два главни тека на горчлив презир (кон нефер богатството и привилегијата на Лондон, и нефер одбивањето на Вестминстер да ’го слуша народот’), кои се споија во еден тек. Лондон е најспектакуларно разноликата метропола во Европа. Лондон е како независна град држава, како Сингапур, и тој ќе просперира дури и по брегзит, но на краток рок ќе банкротира сè што е останато од остатокот на Англија,“ пишува Ашерсон.
Она што 3-годишната брегзит сага соголува е уставната магла во која опстојува земјата.
„Кај кого е власта? Дали е кај народот кој се изразува преку референдум? Или кај премиерот кој на морничав начин наговестува дека тој е отелотворување на Кралицата и на нејзиното право? Или во доктрината за независност на парламентот?
Никој не знае.
Резултатот на ова е скирол политика: празен гром од ветувања, а потоа невнимателен понор и распарчување до краен неуспех.
... Меѓутоа најдлабоката промена од 2016 е слабеењето на внатрешните врски на Обединетото кралство. Тереза Меј проповедаше за ’нашата скапоцена, скапоцена унија’. Ова ме збуни имајќи ја предвид огромната англиска индиферентност. Прашате некого во Дарам или Екстер зошто е важна (британската) унија, и ќе добиеш блед поглед, кревање раменици и можеби некој промрмљан збор. Тогаш ми стана јасно, не беше Шкотска, Велс или Северна Ирска што и беа ’скапоцени’ на нејзе, туку ’унијата’ во апстракт - еден вид легитимирачка аура која лебди и го прекрива Вестминстер.
Тоа е култ врзан со владејачката каста на Британија, и секако, на Шкотите и на ирските унионисти кои вистински имаат што да изгубат.
Големиот остаток од Англија изгледа со години чувствува дека ако Шкотите сакаат да си заминат ’тоа би било штета, но е нивно право’. Малкумина јужњаци би чувствувале дека ослабеле. Многумина веруваат, погрешно, дека Англија ја субвенционира Шкотска. Од 2016 Шкотска доминантно гласа за останување во ЕУ, а постојаната кампања на владејачката Шкотска национална партија против каков било брегзит, стана страшно иритантна за ’британската’ политика.
Во унијата на четири нации, една, Англија, има 85% од населението. Она што последните 3 години го покажаа е дека големиот партнер повеќе нема намера да ги стави своите интереси зад оние на другите. Годинешна анкета покажа дека ториевските гласачи се подготвени да ја ’изгубат Шкотска’ ако тоа осигури спроведување на брегзит.
Ако Англија во 2019 повеќе не памети зошто унија со Шкотска и Северна Ирска некогаш имала смисла, тогаш брегзит го испорача Обединетото кралство на прагот на историјата,“ пишува Ашерсон.